фудбал

Џеси Марш е нов тренер на Лидс Јунајтед

Американецот Џеси Марш е наследникот на Марсело Биелса на тренерската позиција во Лидс.

„Лидс може да го соопшти назначувањето на Џеси Марш, за нов главен тренер на екипата. 48-годишниот стратег потпиша договор до јуни 2025 година, и негов прв натпревар ќе биде против премиерлигашот Лестер“, стои во соопштението на клубот.

Џеси Марш претходно работеше во бундеслигашот РБ Лајпциг, но остана без тренерски ангажман откако во декември минатата година доби отказ поради лошите резултати на тимот.


ПСВ Ајндховен сака да го врати Мемфис Депај

Мемфис Депај во летниот трансфер период веројатно ќе го напушти составот на Барселона. За неговите услуги од претходно се заинтересирани: Јувентус, Наполи, ПСЖ и според денешните пишувања во медиумите, неговиот поранешен клуб ПСВ Ајнтховен.

Наводно, холандскиот состав сака да го врати 28-годишниот напаѓач кој ги бранеше боите на клубот од 2011 до 2015 година.

Депај кој има 24 настапи и 9 голови во сите натпреварувања за Барса,  по доаѓањето на Чави го загуби стартното место на „Камп Ноу” и веројатно ќе побара трансфер.


Спалети: Овој Наполи има квалитет и карактер за титула

Тренерот на Наполи, Лучијано Спалети одговори на критичарите на тимот по победата од 2-1 над Лацио во натпревар од 27. коло на италијанскиот шампионат.

„Небесносините“ се на врвот на табелата со 57 бодови, исто колку и вториот Милан.

„Тимот одигра добар фудбал во второто полувреме. Голот на Педро го врати Лацио во мечот, но пред тоа имавме неколку можности да го зголемиме водството. Мислам дека генерално ја заслуживме победата. Ова им го потенцирам на сите кои се жалеа дека овој тим нема карактер. Сакам да слушнам што ќе кажат сега. Наполи дефинитивно има карактер. Тимот има потенцијал и го покажа денеска. Лацио игра добар фудбал, но мислам дека не е погрешно да се каже дека ја заслуживме победата. Имаме добар тим и тимот го прави тоа што треба“, изјави Спалети.


Два премиерлигаши го сакаат Габигол

Англиските фудбалски состави Брајтон и Вест Хем, може да влезат во битка за потписот на напаѓачот на Фламенго, Габриел Барбоса.

Според медиумите , двата клуба се насочија кон 25-годишниот Бразилец. Габигол имаше исклучителна сезона за Фламенго. На 42 натпревари постигна 29 гола.

25-годишниот Бразилец продолжи со добрите игри и во новото првенство откако на 5 мечеви постигна 4 голови. Според проценките, негиовата трансферна вредност е околу 25-30 милиони евра.


ФИФА ќе ја исфрли Русија од сите фудбалски натпреварувања

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ќе ја отстрани Русија од сите натпреварувања под нејзино покровителство до понатамошно известување, објави Ројтерс.

Тоа значи дека на репрезентацијата од оваа земја нема да и биде дозволено учество во плеј-офот за пласман на СП во Катар 2022 година.

Според информациите, ФИФА е во напредни разговори со европската централа УЕФА за ова прашање и одлуката може да биде донесена денеска. Според прелиминарниот распоред, Русија треба да игра против Полска во бараж натпреварите на 24 март, но полската федерација во саботата соопшти дека категорично одбива да игра на овој натпревар.

Подоцна ја поддржаа Шведска, Чешка, Албанија и Велика Британија, кои исто така одбија да играат против Русија.


Милер и Нојер ги надминаа проблемите, Баерн посилен за два „сенатори“

Двајца од клучните играчи на Баерн Минхен, Мануел Нојер и Томас Милер се враќаат во тренажниот процес на тимот. Голманот и капитен на тимот Мануел Нојер започна специфични голмански вежби по операцијата на коленото, која го оддалечи од теренот неколку недели, додека Милер продолжи со индивидуалните тренинзи по коронавирусот.

Враќањето на двајцата најискусните кај Баварците е одлична вест за тренерот Јулијан Нагелсман пред саботниот првенствен натпревар против третопласираниот Баер Леверкузен и реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите против Салцбург следната недела.

Надвор од сметките на Нагелсман останува играчот од средниот ред Лео Горецка, кој лекува повреда на коленото, но тренерот е убеден дека лекувањето на играчот се одвива според планот и наскоро ќе може да смета на него.


Атлетико Мадрид фаворит за потписот на Вајналдум

Mинатото лето откако му заврши договорот со Ливерпул, Вајналдум се пресели во ПСЖ како големо засилување, но во Париз работите не одат според очекуваљата. Вајналдум најверојатно на лето ќе го напушти ПСЖ, а интерес за него покажуваат Атлетико Мадрид, Вест Хем, Астон Вила и Њукасл.

Англиските медиуми пренесуваат дека ПСЖ е спремен да го пушти на лето и за неговата слобода бара 25 милиони евра.

Њукасл се обиде да го донесе уште во зимскиот преоден рок, па сигурно ќе биде главен кандидат за неговиот потпис и на лето. Меѓутоа, Холанѓанецот преферира преселба во Атлетико Мадрид, па дури е спремен да прифати помала плата.

Симеоне верува дека Вајналдум одлично ќе се вклопи во неговиот стил на игра и сака да ја победи конкуренцијата.


Биелса веднаш доби нова понуда, Фенер го сака легендарниот Аргентинец

Поранешниот тренер на Лидс Јунајтед, Марсело Биелса може да го предводи турски Фенербахче, објавија медиумите во Турција.

Според истите, фенербахче е сериозно заинтересиран за услугите на аргентинскиот стручњак и веќе подготвуваат понуда за него, но во моментов Фенербахче немал официјални контакти со Биелса.

Биелса беше на чело на Лидс од 2018 година. Во летото 2021 година, тренерот го продолжи договорот со клубот, но не траеше долго на својата функција – во февруари 2022 година, Марсело беше отпуштен од функцијата главен тренер на тимот.

Марсело Биелса е аргентински поранешен фудбалер кој играше како дефанзивец. Во 2001 година, Биелса беше признат како најдобар тренер во светот според IFFIIS. Пред Лидс, тренерот работеше за Аргентина, Чиле, Марсеј, Лацио, Лил и уште неколку клубови.


Лампард верува дека повредата на Ван де Бек не е сериозна

Менаџерот на Евертон, Франк Лампард, верува дека Дони Ван де Бек кој се повреди на мечот со Манчестер Сити нема да паузира подолг период. Играчот од средниот ред почувствува болка во 71. минута и беше принудно заменет.

„Не можам да кажам со сигурност, но, мислам дека станува збор само за грч.  Дони ми кажа дека болката не е толку силна. Тој долго време не играше редовно и сосема е нормално да му се случуваат такви работи кога е почесто на теренот. Се надеваме дека не е ништо сериозно“, вели тренерот на „карамелите“.


Варан: Натпреварите во Премиер лигата се со посилен интензитет од оние во Ла Лига

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рафаел Варан, во интервју за шпанските медиуми, даде мислење околу разликата во играњето во шпанската Ла Лига и англиската Премиер лига.

„Се чувствувам подобро и стекнав континуитет во играта, за разлика од стартот на сезоната, кога имав некои проблеми во настапите. Подобри ми оди и комуникацијата со англискиот јазик што многу ми значи во контактот со соиграчите. Според мене најголемата разлика меѓу Премиер лигата и Ла Лига е во интензитетот на натпреварите. Во Англија притисокот од противничките екипи е многу посилен и поизразен, додека во Шпанија дуелите се посмирени и физички послаби“, истакнува Варан.