фудбал

Баерн ќе го продаде Циркзе во Андерлехт

Баерн Минхен сигурно ќе се раздели со уште еден играч пред крајот на преодниот рок. Баварците влегуваат во преговори за продажба на младиот напаѓач Џошуа Циркзе, пишува „Билд“.

21-годишниот напаѓач го бараат два англиски клуба, плус Штутгарт, а сега во битката за неговиот потпис ќе се вклучи и Аугзбург. На „Алијанц Арена“ сакаат да добијат најмалку 15 милиони евра за Холанѓанецот кој има договор на уште една година.

Минатата сезона Циркзе играше како позајмен во Андерлехт.


Галатасај го бара Еден Азар

Фудбалерот на Реал Мадрид и белгиски репрезентативец, Еден Азар, би можел својата кариера да ја продолжи во турискиот Галатасарај, пренесуваат шпанските медиуми.

31-годишнот Азар пристигна во Реал во 2019 година од Челзи во трансфер вреден 115 милиони евра. Меѓутоа поради честите повреди и слабата форма го изгуби местото во стартната постава на мадридскиот клуб.

Азар од пристигнувањето во Реал одигра 67 натпревари и постигна само шест гола. Неговиот договор со кралскиот клуб истекува во јуни наредната година.

Галатасарај сака да се врати на старите победнички патеки, и евентуалниот ангажман на Азар ќе биде големо засилување за тимот.


Заниоло се предомисли, ќе игра и оваа сезона за Рома

Стравуваа навивачите на Рома ова лето дека нивниот миленик Николо Заниоло може да го напушти „Олимпико“.

Се поврзуваше Заниоло со Јувентус, го сакаше и Конте во Тотенхем, но стрелецот на победничкиот гол за Рома во финалето од Конференциската лига одлучи да остане верен на „волчицата“. Како што пренесуваат медиумите во Италија 23-годишниот репрезентативец на Италија ќе го продолжи договорот со Рома и ќе остане во Рим до 2027 година.

Оваа одлука посебно го израдува Жозе Мурињо. Португалскиот стратег повеќе пати истакнуваше колку му значи Заниоло и дека се надева на негово останување и како што стојат работите желбата ќе му се исполни.

Заниоло во Рим дојде од Интер во 2018 година во трансфер вреден 4.5 милион евра. За четири години одигра повеќе од 100 натпревари за „волчицата“ и постигна 22 гола, а подели уште 15 асистенции.


Муса Дембеле најнова опција за нападот на Јунајтед

Напаѓачот на Лион, Муса Дембеле е уште една опција за нападот на Манчестер Јунајтед. Според „Манчестер Ивнинг Њуз“, раководството на „црвените ѓаволи“ веќе е во контакт со претставниците на играчот и клубот ќе се обиде да го ангажира пред крајот на летниот преоден рок.

Договорот на 26-годишниот Делбеле со Лион истекува по една сезона, па францускиот клуб има причина да го продаде ова лето, наместо да го пушти за ништо за една година. Французинот веќе ја одби понудата од Евертон во овој преоден рок, додека шпанска Валенсија исто така не успеа да го убеди да се приклучи на „Местаља“.

Дембеле минатата сезона за Лион постигна 22 гола на 36 натпревари.


Италијанецот Мацари ќе го води Мароко на Мундијалот во Катар

По отказот за Вахид Халилхоџиќ на селекторската позицијата во Мароко, Фудбалскиот сојуз на таа земја го одбра неговиот наследник кој ќе ја води репрезентацијата на Мундијалот во Катар.

Иако мароканската јавност шпекулираше со името на Валид Реграгуи, ФС на Мароко се одлучи за странски тренер и тоа во името на Валтер Мацари.

Именувањето на Мацари за селектор на Мароко е изненадување како за мароканската така и за италијанската јавност.

Овој 60-годишен тренер последната работа ја имаше во Каљари, а претходно работеше во Торино, Ватфорд, Интер, Наполи и други клубови.


Њукасл сака двајца фудбалери на Челзи

Њукасл сака да ангажира двајца играчи на Челзи пред затворањето на преодниот рок. Менаџерот Еди Хау сака да го засили средниот ред и нападот на „страчките“ и се насочи кон Конор Галагер и Армандо Броја од тимот на лондончани.

Галагер имаше силна сезона како позајмен во Кристал Палас минатата сезона и се очекуваше да добие шанса да се докаже на Стемфорд Бриџ. Во оваа фаза, сепак, Томас Тухел сè уште не се обложува на него меѓу стартерите, а доколку клубот се засили со Френки де Јонг, тоа дополнително ќе ги ограничи шансите за настап на 22-годишниот фудбалер. Затоа, не би било изненадување доколку Галагер повторно биде позајмен, овој пат во Њукасл, каде што сигурно ќе игра многу поредовно.

Со Броја ситуацијата е сосема слична. И имаше добра сезона на позајмица во Саутемптон, но летото се врати на Стемфорд Бриџ со надеж дека ќе се избори за место во стартниот тим на Тухел. Сепак, клубот моментално е во потрага по нов напаѓач, па доколку пристигне, најверојатно Броја повторно ќе биде испратен на позајмица.


Чави е статистички најлошиот тренер на Барселона во последните 20 години

Чави Ернандез според статистичите податоци е најлошиот тренер на Барселона во последните 20 години. Актуелниот тренер има само 52,36 проценти на остварени победи, односно на 38 натпревари тој забележа 20 победи, 10 нерешени натпревари и осум порази.

Подобар од него е Роналд Куман, кого го наследи на клупата на Барса, со процент на победи од 58,21. Кике Сетијен за кого се говореше дека е најлошиот тренер на Барселона во последните две децении, славел вкупно на 64 посто од натпреварите кои ги водел од клупата.

Според статистиката најуспешен тренер е Луис Енрике со 76,26 % на победи.


Тило Керер е најновото засилување на Вест Хем

Премиерлигашот Вест Хем Јунајтед објави дека го заврши трансферот со кој германскиот дефанзивец Тило Керер стана нов играч на клубот.

Керер во Вест Хем доаѓа од Париз Сен Жермен и со клубот од Лондон потпиша договор на четири години со опција за продолжување на уште две. 

Германскиот фудбалер во дресот на ПСЖ запиша 128 настапи за четири години кога пристигна од Шалке.


Суспензии за двајца допинг-позитивни во мундијалските квалификации

ФИФА ги суспендираше двајцата фудбалери кои беа позитивни на допинг тест за време на квалификациите за Светското првенство во Катар.

Напаѓачот Ерик Ривера од Ел Салвадор беше позитивен на забранетиот анаболичен стероид клостебол по мечот со Канада на 8 септември 2021 година додека играчот од средниот ред Сабри Али Мохамед од Џибути беше позитивен на тестостерон по поразот од Алжир на 12 ноември во изминатата година.

Двајцата фудбалери добија забрана за настап најмалку до 2026 година.


Ди Марија десетина дена надвор од терените

Јувентус ја потврди повредата на новото засилување Анхел Ди Марија.

Клубот соопшти дека по денешните лекарски прегледи на Аргентинецот, јасно е дека тој има повреда на адукторот на левата нока, а неговата состојба ќе биде повторно проценета за 10 дена.

Тоа значи дека Ди Марија сигурно ќе го пропушти натпреварот од второто коло во Серија „А“ против Сампдорија следниот понеделник.

Тој имаше одлично деби за „бјанконерите“ со гол и асистенција при победата од 3-0 на гости кај Сасуоло, но беше заменет во 65. минута токму поради повредата.