фудбал

Младиот Бисек од Архус се пресели во Интер

Младиот германски репрезентативец, Јан Орел Бисек потпиша договор со Интер до јуни 2028 година, објави клубот од Милано.

Кариерата Бисек ја започна во Келн, а потоа следуваа позајмици во Холштајн, Рода и Химараеш.

Дресот на Архус од каде што доаѓа во Интер го носеше од 2021 година, а за данскиот клуб во домашното првенство одигра 62 натпревари и постигна пет гола. Претходно, Бисек ги помина сите младински селекции на Германија и очекувањата во иднина од него се големи.


Барса го враќа Тиаго Алкантара?

Играчот од средниот ред на Ливерпул, Тиаго Алкантара би можел да се врати во Барселона. Каталонците ја разгледуваат можноста за трансфер на 32-годишниот фудбалер. Ливерпул ќе биде подготвен да се раздели со својот играч од средниот ред во случај на добра понуда.

Алкантара потекнува од школата на Барселона, играчот играше за првиот тим на Каталонците од 2011 до 2013 година. Во сезоната 2022/2023, Шпанецот има 28 настапи за Ливерпул во сите натпреварувања во кои постигна една асистенција. Договорот на играчот со Ливерпул е со важност до крајот на јуни 2024 година.

Проценетата цена на овој играч, според интернет порталот Трансфермаркт, е 15 милиони евра. Претходно беше објавено дека Барселона сака да врати уште еден фудбалер кој потекнува од клубот.


Ако не го доведе Кејн. Баерн ќе тргне по Алварез

Баерн Минхен е во потрага по врвен напаѓач и веќе подолго време преговара со Хари Кејн.

Англичанецот има договор со Баварците, кои пак не можат да најдат заеднички јазик со Тотенхем. Баерн пред неколку дена испрати последна понуда од 80 милиони евра за Кејн и сега се чека одлука од страна на Тотенхем.

Доколку Спарси ја одбијат понудата тогаш Баерн ќе се насочи кон други мети, а на списокот се Јулијан Алварез од Манчестер Сити и Душан Влаховиќ од Јувентус.

Алварез одигра одлично на Мундијалот и го покажа својот потенцијал, но не добива голема минутажа на „Етихад“, па Баварците се спремни да понудат 80 милиони евра за неговиот потпис.


Тер Штеген добива нов договор во Барселона

Барселона сака да му понуди нов договор на голманот Марк-Андре Тер Штеген, со кој Германецот би останал на „Ноу Камп“ до крајот на кариерата, пренесуваат каталонските медиуми.

Клубот сега е во финансиски проблеми, па раководството бара начини да ги намали трошоците на секаков начин. Имено, Барса му нуди подолг договор, но со помала плата.

Германецот има договор до 2025 година, но Барселона сака да го задржи подолго и ќе му понуди договор до 2028 година.

Доколку се согласи на условите тоа веројатно ќе значи дека 31-годишниот Германец ќе остане на „Камп Ноу“ до крајот на кариерата.


Рики Масара ќе го наследи Џунтоли во Наполи

Наполи е во потрага по нов спортски директор откако Џунтоли го напушти клубот и се пресели во Јувентус.

Италијанските медиуми пренесуваат дека изборот паднал на Рики Масара, кој до пред два месеци беше спортски директор на Милан. Масара му беше десна рака на Малдини и важи како еден од најзаслужните за успесите на Милан изминатите години. Тој е слободен и имал средба со претседателот Де Лаурентис на која постигнале начелен договор.

Се очекува следните денови Масара и официјално да биде промовиран во нов спортски директор на Наполи.


Јуве ја одреди цената за Федерико Киеза

Ливерпул и Њукасл нема да можат да го купат крилниот напаѓач на Јувентус, Федерико Киеза се додека не продадат дел од постоечкиот играчки кадар. Јувентус и официјално потврди дека се подготвени да ги разгледаат понудите за Киеза, но само ако се повисоки од 50 милиони евра.

Ливерпул и Њукасл се подготвени да направат обид да го купат Киеза, доколку продадат дел од своите фудбалери. Ливерпул е подготвен да понуди 40 милиони евра за Киеза, но тоа нема да биде доволно.


Романецот Адриан Муту нов тренер на Нефчи

Некогашниот фудбалер на Интер, Челзи и Јувентус од денес е нов тренер на Нефчи.

Романецот со клубот од Азербејџан потпиша договор на две години, а во него постои опција за продолжување на уште една. Муту изрази задоволство затоа што како што веле доаѓа во најголемиот клуб во земјата.

„Нефчи е најголемиот клуб во Азербејџан и имаат најмногу навивачи. Мојата цел ќе биде да го вратам тимот на местото на кое заслужува да биде, во врвот на азербејџанскиот фудбал“, изјави Муту.


Бартра раскина со турски Трабзонспор

Трабзонспор на официјалниот сајт објави предвремен раскин на договорот со дефанзивецот Марк Бартра. Договорот на фудбалерот беше до 2025 година, но истиот вчера е раскинат со меѓусебен договор на страните.

32-годишниот Шпанец, кој е дете мна Барселона, стана слободен играч.

Бартра за турскиот клуб одигра 40 натпревари во сите натпреварувања.


Крсте Велкоски доби нов договор во Работнички

Работнички се засили со македонскиот репрезентативец Томче Гроздановски, а нов едногодишен договор потпиша и капитенот Крсте Велкоски.

Велкоски кој с еврати минатата сезона во Работнички и официјално парафираше договор со Работнички до јуни 2024 година.

„Најубаво е дома. Со Работнички се разбираме со поглед и драго ми е што во пресрет на новата сезона хоризонтот пред нас е сѐ поширок. Верувам дека заедно со момците можеме многу во новиот шампионат, а Работнички секако во себе има шампионски гени“, изјави капитенот Крсте Велкоски.


Розе добива нов договор цо Лајпциг

Тренерот на РБ Лајпциг, Марко Розe, кој има договор до летото во 2024 година набрзо може да потпише нова соработка со германскиот состав. Според весникот – „Билд“, двете страни се договориле за нов термин до 2026 година и зголемена плата на 4,5 милиони евра по сезона.

„Сите знаат дека навистина ми се допаѓа тука. Во моментов, сепак, има позначајни работи – да изградиме тим со кој можеме да ги постигнеме нашите цели“, изјави тренерот на Лајпциг.

Неговиот тим во претходната сезона го освои третото место во Бундеслигата и успеа да го подигне пехарот во Купот на Германија.