фудбал

Тухел ќе пазари играчи од Челзи

Новиот тренер на Баерн Минхен, Томас Тухел, е подготвен да ангажира двајца фудбалери од својот поранешен клуб Челзи.

49-годишниот Тухел, во петокот на клупата на гигантот од Минхен го замени Јулијан Нагелсман. Претходно германскиот стручњак беше тренер на Челзи со кого стигна до трофеј во Лигата на шампионите, но потоа беше отпуштен поради лошите резултати на екипата.

Според „Калчомеркато“, Тухел е заинтересиран за двајца фудбалери на Челзи, за кои мисли дека ќе бидат одлични засилувања за Баерн. Според информациите се  работи за Едуард Менди и Матео Ковачиќ кои ова лето ќе бидат слободни играчи.

Сенегалскиот голман Менди, оваа сезона го загуби статусот на прв голман во Челзи од Кепа Аризабалага, додека Матео Ковачиќ не е повеќе во прв план кај тренерот Греам Потер. Вкупната цена за ангажман на двајцата играчи изнесува околу 45 милиони фунти.


Сити му нуди на Халанд нов договор кој тешко се одбива

Англискиот весник „Сан“ пренесува дека раководството на фудбалскиот клуб Манчестер Сити е подготвено да му понуди нов договор на норвешкиот напаѓач Ерлинг Халанд.

Според информациите, платата која клубот ќе ја понуди со новиот договор ќе изнесува околу половина милион фунти неделно.

22-годишниот Халанд, во Манчестер Сити пристигна минатата година од Борусија Дортмунд за сума од 60 милиони евра, а во моментот неделно заработува околу 426 илјади евра. Голгетерот од Норвешка оваа сезона има постигнато 42 гола на 37 натпревари.

Актуелниот договор на Халанд со Манчестер Сити важи до 30.јуни 2027.година.


Тотетенхем ја прекина соработката со Конте

Италијанскиот тренер Антонио Конте, не е повеќе тренер на Тотенхем. Двете страни спогодбено ја прекинаа соработката која траеше 16 месеци.

Од клубот соопштија дека екипата до крајот на сезоната ќе ја води асистентот на Конте, Кристијан Стелини, а помошник ќе му биде поранешниот фудбалер Рајан Мејсон.

Тотенхем во моментот е на четвртата позиција во Премиер лигата, а веќе отпадна од сите куп натпреварувања за оваа сезона.

 Според некои информации, клубот во летниот период за нов тренер на екипата ќе избира помеѓу Аргентинецот Маурицио Почетино и Германецот Јулијан Нагелсман.


Мурињо сака три засилувања за да остане во Рома

Жозе Мурињо сака што поскоро да одржи состанок со сопствениците на Рома за да се реши неговата иднина, пишува „Кориере дело Спорт“. Актуелниот договор на Мурињо со Рома е до јуни 2024 година, но неговото име често се поврзува со други клубови како ПСЖ, Реал Мадрид, Челзи и други.

Италијанскиот весник тврди дека Мурињо сака што поскоро да го реши прашањето за својата иднина и тоа ќе зависи од амбициите на Рома. Португалскиот фудбалски стручњак сака да остане во римскиот клуб, но сака и клубот да покаже поголема амбиција кога се во прашање трансферите.

Ултиматумот на Мурињо е да се донесат три засилувања. Централен бек, играч за врска и напаѓач на местото на Абрахам, кој најверојатно ќе си замине во летниот преоден рок.

Финансискиот фер плеј е проблем за Рома и затоа е нејасно дали клубот ќе успее да ги исполни желбите на Португалецот.


Модриќ: Сите ја знаат мојата желба, сакам да останам во Мадрид

Играчот од средниот ред на Реал, Лука Модриќ изјави дека сака да го продолжи договорот со клубот од Мадрид. Сите знаат дека мојата желба е да останам во Реал Мадрид. Верувам и се надевам дека тоа ќе биде така. Сè друго се гласини и шпекулации, изјави Модриќ.

Модриќ е во Реал Мадрид од 2012 година. Во сезоната 2022/23 тој постигна шест гола и пет асистенции на 37 натпревари во сите натпреварувања.

Договорот на 37-годишниот Хрват со клубот е со важност до крајот на јуни 2023 година.


Милан го враќа Алваро Мората во Серија А

Aлваро Мората би можел повторно да се пресели во Италија и тоа во уште еден голем клуб, според последните информации од италијанските медиуми, Милан е сериозно „загреан“ да го доведе во своите редови.

Мората има договор со Атлетико Мадрид до јуни 2024 година, а според информациите на „Газета дело Спорт“ тој би можел да го напушти клубот за сума од околу 15 милиони евра.

Со оглед на годините на Ибрахимовиќ очекувано е Милан да бара ново решение во нападот и Шпанецот би можел да биде опција.

Понуди за Мората има и од МЛС лигата, од каде што сигурно би добил подобар договор во финансиска смисла. Мората во Италија на двапати го носеше дресот на Јувентус по две години, па така добро е запознаен со фудбалот на „чизмата“.


Интер од втор план гледа шанса да го доведе Лионел Меси

Лионел Меси е поблиску до заминување од Пари Сен Жермен, отколку до продолжување на договорот.

Многу се шпекулира за можната нова дестинација на Меси, а Барселона засега е во преден план поради поврзаноста на Аргентинецот со каталонскиот гигант. Но, прашање е колку условите и актуелната ситуација овозможуваат враќање на Меси во Барселона. Проблем може да направи и случајот „Негреира“ поради кој Барселона е под истрага од УЕФА и се споменува можна забрана за настап во европските натпреварувања, а во таков случај шансите за враќање на Меси се речиси „нула“.

Наводно, Интер будно ја следи ситуацијата, а клучот го држи Хавиер Занети. Не е тајна дека Занети и Меси имаат одлични односи, а Интер се надева дека може да ја искористи таа аргентинска врска.

На „Меаца“ се свесни дека Барселона засега има предност во ваквата трка, меѓутоа поради споменатите ситуации Каталонците можат да се соочат со проблеми.

Дел од аргентинските медиуми денес објавија дека Интер спрема понуда за Меси и ќе ја испрати ако дефинитивно пропадне можноста да се врати во Барселона.

Меѓутоа проектот кој Интер ќе му го претстави на Меси сигурно дека треба да биде голем и амбициозен затоа што само така би можеле да парираат на ПСЖ кој е финаниски многу повеќе моќен.


Балотели го критикува Манчини во изборот на напаѓачи

Поранешниот италијански фудбалски репрезентативец, Марио Балотели го критикуваше италијанскиот селектор, Роберто Манчини.

Стратегот на актуелните европски шампиони по домашниот пораз од Англија со 1-2 на стартот од квалификациите за ЕП 2024 во групата во која е и Македонија, изјави дека „Аѕурите“ имаат проблем со недостаток на напаѓачи.

Откако се повреди Чиро Имобиле, Манчини остана со тројца класични напаѓачи (Скамака, Вилфред Гното и Матео Ретегуи). Поради таквата ситуација, италијанскиот селектор истакна дека во овој момент се соочуваат со недостаток на напаѓачи.

По таквата изјава на Манчини се јави, Марио Балотели.

„Во Италија има многу напаѓачи и тие се во форма, верувајте ми. Жалењето е чувство на оној кој не ја научил лекцијата“, изјави напаѓачот на Сион кој на 14 натпревари оваа сезона постигна пет голови.


Ван Нистелрој жали за прераното заминување од Мадрид

Многу фудбалери зад себе оставија богати кариери, но и такви моменти кои би ги избришале од својата биографија. Еден од нив е легендарниот напаѓач Руд Ван Нистелрој, кој вели дека заминувањето од Реал Мадрид било негова најголема грешка.

Холанѓанецот потпиша за „кралевите“ во 2006 година од Манчестер јунајтед, а во Мадрид остана четири години, по што потпишал за ХСВ и откри дека тоа му е најтежок момент во кариерата.

„Во тоа време играв под водство на Мануел Пелегрини и клубот ги зема Карим Бензема, Кристијано Роналдо и Кака. Имав 33 години.

Сакав да играм и избзрав на Мундијалот, па затоа заминав во Хамбург, но тоа не беше добар потег“, кажа Ван Нистелрој.


Лукаку: Ова е само почеток, Белгија може многу повеќе

Белгија успешно ги започна квалификациите за Европското првенство откако со трите гола на Ромелу Лукаку славеше на гостувањето кај Шведска. Напаѓачот на Интер вели дека мечот бил тежок иако неговиот тим релативно лесно успеа да слави со 3-0.

„Се чувствувам како еден од лидерите во тимот. На тренинзите се обидував да ги мотивирам младите. Знам како е да дебитирате бидејќи пред неколку години бев во нивна кожа“, вели Лукаку.

Белгија на 28 март ќе одигра пријателски натпревар на теренот на Германија.