фудбал

Едерсон несакајќи го откри новиот бразилски селектор

Голманот на Манчестер Сити и бразилската репрезентација, Едерсон најави дека Карло Анчелоти има големи шанси да биде нов селектор на Бразил.

Едерсон на оваа тема веќе зборувал со неговите соиграчи од репрезентацијата кои го носат дресот на Реал Мадрид каде што Италијанецот е тренер во овој момент.

„Разговарав со Касемиро, Винисиус и Милитао, од она што го знам, големи се шансите Анчелоти да биде селектор на Бразил. Ми кажаа дека е посебен тренер и дека го обожаават. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Едерсон.

Се споменуваше и Гвардиола како опција, но Едерсон истакна дека нема шанси за такво нешто.

„Јас и се пошегував со него, но тој ми кажа дека нема шанси. Потпиша договор на две години и таа опција е завршена. Оптимист сум за новиот селектор и покрај шпекулациите. Наскоро би требало да се знаат деталите“, додаде бразилскиот голман.

Ќе потсетиме, Бразил е без селектор откако Тите си замина по Светското првенство, привремено „Кариоките“ ги води Mенезес.


Уапсен претседателот на косовскиот фудбалски сојуз

Претседателот на Косовскиот фудбалски сојуз, Агим Адеми, е уапсен во главниот град Приштина и одведен на информативен разговор, објавија локалните медиуми.

Засега не за познати причините за задржувањето на Адеми, но и во минатото тој имаше проблеми со полицијата. Обвинителите во Косово го испитуваа Адеми за економски криминал, злоупотреба на средства и затајување данок.

Минатата недела Адеми беше прогласен за невин за обвинението што му беше покренато во 2012 година, за што првично беше осуден на девет месеци затвор.


Артур Мело ќе го напушти Ливерпул, а не ни дебитирал

Бразилецот, Артур Мело ќе го напушти Ливерпул на крајот од сезоната потврди агентот на фудбалерот.

Во последниот ден од зимскиот преоден рок Артур пристигна на „Енфилд“ како позајмен фудбалер од Јувентус, а „црвените“ добија право да го откупат за 35 милиони евра.

Сепак, тоа нема да се случи. Тоа и се очекуваше, а сега го потврди агентот на фудбалерот. Засега не е познато каде Артур ќе продолжи бидејќи не е во плановите ниту на Алегри во Јувентус.

Артур би можел да го напушти Ливерпул без да дебитира во Премиер лигата затоа што се уште нема настап во најсилната англиска лига, во останатите натпреварувања собра некој настап и запиша 256 минути.


Де Брујне нов капитен на белгиската репрезентација

Кевин Де Брујнe е новиот капитен на белгиската репрезентација. Тој ја презема капитенската лента од Еден Азар, кој ја заврши репрезентативната кариера по завршувањето на Светското првенство во Катар.

Белгискиот фудбалски сојуз информира и дека голманот Тибо Куртоа и напаѓачот Ромелу Лукаку се новите заменици капитени во националниот тим.

Белгија ги започнува квалификациите за Европското првенство во петок со меч против Шведска на „Френдс арената“ во Стокхолм.


Челзи веќе не смета на Маунт, „сините“ најдоа и замена за Англичанецот

Луѓето од Челзи ќе го ангажираат играчот на Фулам, Андреас Фереира, доколку Мејсон Маунт не се согласи да ја продолжи соработката.

Ќе потсетиме дека Фереира го напушти Манчестер Јунајтед во летото во 2022 година. Во моментов, преговорите на раководството на лондончани за нов договор со Маунт се во мирување. 

Во исто време, за играчот на „сините“, се заинтересирани: Ливерпул, Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити.


Чави добива нов подобрен договор со Барселона

Барселона размислува за продолжување на договорот со својот тренер Чави, објави венсикот „Марка“.

Според изворот, каталонскиот клуб сака да му понуди на Чави продолжување на договорот за најмалку уште една година. Раководството на клубот планира за ова прашање да разговара со тренерот во јуни, односно по завршувањето на сезоната.

Сепак, тешкото прашање при продолжувањето на договорот со Чави е платата на тренерот. Сега Чави има многу ниска плата. Поради финансискиот фер-плеј, каталонскиот клуб не можеше да му плати повеќе. Овие проблеми се уште не се решени. Чави е на чело на Барселона од 2021 година. Договорот меѓу тренерот и клубот е до 2024 година.

По 26 кола од шампионатот на Шпанија, Барселона е лидер на табелата со 68 бодови, со предност од 12 бода во однос на Реал Мадрид кој е втор.


Месут Озил замина во фудбалска пензија

Германскиот фудбалер со турско потекло Месут Озил се пензионира во дресот на Башакшехир од Истанбул.

36-годишниот Озил одлучи да се пензионира после успешната кариера која ја започна во Шалке.

„Внимателно ја разгледав оваа опција и одлучив да се повлечам од професионалниот фудбал. Имав привилегија да бидам професионален фудбалер скоро 17 години сум благодарен на таа прилика. Последниве недели и месеци откако претрпев одредени повреди, стана јасно дека е време да ја напуштам фудбалската сцена“, порача Озил.

Поранешниот германски репрезентативец во кариерата настапуваше за Вердер, Реал Мадрид, Арсенал, Фенербахче и Башакшехир каде пристигна минатата година. Во тековната сезона одигра само 187 минути, а последниот натпревар му беше на 2.февруари против Кајзери.


Милан го враќа Матео Ковачиќ во Серија А

Милан покажува силен интерес за хрватскиот репрезентативец, Матео Ковачиќ. Според најавите „сините“ се спремни да го пуштат 28 годишниот Ковачиќ на кого договорот му истекува следното лето, па ова ќе биде последна шанса за продажба.

Челзи го купи Енцо Фернандез во јануари, па јасно е дека минутажата на Ковачиќ додатно ќе се намали, па и тој е спремен да ја промени средината.

Ковачиќ сака да се врати во Серија А, а Малдини веќе имал средба со неговиот агент и почнал преговори.


Барса ќе го врати Обамејанг за следната сезона

Барселона ќе се обиде да го врати во своите редови поранешниот напаѓач на тимот Пјер-Емерик Обамејанг. Репрезентативецот на Габон најверојатно ќе го напушти „Стемфорд Бриџ“ на лето и се претпоставува дека потоа ќе се врати во својот поранешен клуб. Каталонците внимателно ја следат ситуацијата и се надеваат дека ќе можат да го доведат 33-годишниот напаѓач со слободен трансфер.

Обамејанг се пресели во Лондон летото на инсистирање на Томас Тухел. Само пет дена подоцна, сепак, германскиот тренер беше разрешен од функцијата. Напаѓачот последен пат постигна гол за Челзи на 11 октомври минатата година и нема играно од 26 февруари.

Поради финансиските проблеми, Каталонците на лето главно ќе бараат слободни трансфери со што би ги засилиле своите редови. Во моментов Барселона и Обамејанг се во одлични односи. 33-годишниот фудбалер во живо ја следеше победата на Каталонците против Реал Мадрид на натпреварот помеѓу двата тима од 26. коло од Ла Лига одигран минатиот викенд.


Јуве се предомисли, Рабио преговара за нов договор со „старата дама“

Иднината на Адриен Рабио во Јувентус е неизвесна, но раководството на „старата дама“ ќе направи се за да го задржи Французинот.

Французинот има договор со Јувентус до крајот на сезоната, па иако се меташе дека сигурно ќе замине, сепак работите се променија после одличната сезона.

Рабио ја игра најдобрата сезона откако е во Торино, па Јувентус реши да му понуди нов договор и тоа со повисока плата, односно 10 милиони евра по сезона.

Со тоа Рабио би станал најплатен фудбалер во тимот, меѓутоа, медиумите тврдат дека неговото останување зависи од фактот дека „бјанконерите“ ќе играат во Лигата на шампиони.