фудбал

ОФИЦИЈАЛНО: Саудиска Арабија домаќин на Мундијалот 2034 година

ФИФА ги потврди земјите домаќини на фудбалските Mундијали во 2030-та и 2034-та година. Во 2030-та ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко а бидејќи тогаш ќе биде стогодишнина од приот светски шампионат што се одржа во Уругвај, ФИФА го прифати планот првите три натпревари да се играат на јужноамериканскиот континент и тоа во Уругвај, Аргентина и Парагвај на 8 и 9 јуни.

Светското првенство во 2034 година ќе се организира во Саудиска Арабија која беше и единствениот кандидат за домаќин.

Ќе потсетиме дека Мундијалот во 2026 ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.


Флик казнет со два натпревари по исклучувањето во Севиља

Ла Лига ја одби жалбата на Барселона и ја потврди одлуката на Дисциплинската комисија за суспензијата на тренерот Ханси Флик.

Германскиот тренер заработи црвен картон при ремито на Барселона на гостувањето кај Бетис, по што доби суспензија од два натпревари.

Барселона поднесе жалба, но доби негативен одговор, па Барселона во следните два натпревари ќе биде без тренерот на клупата.

Тоа значи дека Германецот повеќе нема да седи на клупата во 2024 година за преостанатите два првенствени натпревари со Леганес и дербито со Атлетико Мадрид.

Флик вечерва ќе го предводи својот тим во дербито со Борусија Дортмунд во шестото коло од Лигата на шампионите.

Потоа на клупата ќе се најде на почетокот на јануари во Купот на кралот, кога Барселона гостува кај четвртолигашот Барбастра.


Македонија доби уште две ФИФА-судијки

Уште едно големо признание од страна на ФИФА доби судиската организација при Фудбалската федерација на Македонија.

Две наши судијки официјално го добија знакот на ФИФА со кој им е овозможено да делат правда на меѓународни натпревари.

Тамара Цветановиќ официјално стана ФИФА помошен судија, а Моника Даштевска стана футсал судија.


Симоне Инзаги: Мојот Интер не беше доволно добар во Леверкузен

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги зборуваше за поразот на тимот во натпреварот од 6. коло од Лигата на шампионите со Баер (0-1).

„Не бевме доволно добри во нападот. Не одигравме доволно добро за да победиме противник од ова ниво. Но, нашата цел останува иста – директно да влеземе во плејофот, односно да завршиме во топ 8. И сè уште е целосно изводливо. Баер денес одигра одлично. Очигледно, во меч со таков противник е невозможно да се избегнат опасните моменти крај вашиот гол. Но, секако, штета што сепак го примивме гол на самиот крај“, изјави Инзаги.

Интер со 13 бода и се наоѓа на 4. место во поредокот. Баер е втор со ист број бодови.


Лукман: Аталанта докажа дека може да игра со Реал

Фудбалерот на Аталанта, Адемола Лукман ги искажа впечатоците од синоќешниот натпревар со Реал Мадрид (2-3) во натпреварот од 6. коло од Лигата на шампионите.

Разочарани сме од резултатот бидејќи можевме повеќе, но и горди сме. Покажавме дека можеме да се носиме со шампионскиот тим. Секако, имаше моменти кога можевме да одиграме подобро, но верувам дека денеска рамноправно застанавме наспроти Реал Мадрид и тоа е важно за нашиот раст, изјави Лукман.

Реал Мадрид освои 9 бода и се искачи на 17. место во поредокот. Аталанта падна на 8. место со 11 бодови.


Компани: Победивме, но не бевме перфектни

Баерн Минхен го совлада Шахтјор Доњецк со 1-5 и ја постигна четвртата победа во Лигата на шампионите. И покрај сериозниот успех во Гелзенкирхен, тренерот на Баварците Винсент Компани е свесен дека неговиот тим има слабости кои треба да се испеглаат.

„Откако ни поведоа, останавме мирни. Бевме подобри од противникот и пред паузата, иако тоа не беше нашата најсилна половина. Потоа почнавме да играме како што треба и создадовме многу шанси.

Мислам дека добро се браневме, но понекогаш тимовите како нас, кои постојано се обидуваат да доминираат, стануваат ранливи на контра нападите на противникот. Секако дека има простор за подобрување. Работиме на различни детали за да растеме како тим. Дури и да победевме со 5:0, сепак би рекол дека не бевме совршени.

Да зборуваме за самиот натпревар. Томас Милер постигна гол благодарение на вештината што ја покажа во текот на неговата кариера – да се биде на вистинското место во вистинско време. Неговата енергија, страст и лидерски квалитети ни се многу важни. Тој има клучна улога не само на теренот туку и надвор од него. Сепак, сега не е време да се зборува за неговата иднина“, изјави тренерот на германскиот клуб.


Солскјер одби да го преземе Молде

Некогашниот тренер на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер одби да го преземе норвешки Молде.

Во неделата, клубот го отпушти Ерлинг Мое кој со Молде заврши на петтото место во норвешкото првенство. Солскјер добил понуда, но 51-годишниот стручњак не сакал да се врати во клубот кој го тренираше од 2011 до 2014 година, како и од 2015 до 2018 година.

Солскјер е без работа од ноември 2021 година, кога доби отказ од Манчестер Јунајтед.


Анчелоти смета дека повредата на Мбапе не е сериозна

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти зборуваше по тешката победа од 3:2 на гостувањето кај Аталанта. Со успехот Реал дојде до 9 бода и помирно дишат во главната фаза од Лигата на шампионите.

„Многу важна победа. Не секој тим може да победи на овој стадион. Бевме трпеливи и се боревме за трите бода. Во Лигата на шампионите многу е важно да може да покажеме трпение. Аталанта изврши голем притисок, но второто полувреме го започнавме на најдобар начин. Среќни сме затоа што ни требаше оваа победа и не само поради бодовите. Завршувањето меѓу осумте најдобри е сè уште тешка задача, но ни остануваат уште два натпревари и мораме максимално да ги искористиме“, рече италијанскиот тренер.

Kај Мбапе се работи за преоптоварување. Килијан почувствува непријатност во бутот. Мислам дека не е ништо сериозно, но денес ќе знаеме со сигурност. Тој не можеше мирно да трча, што го загрижи и затоа решивме да го замениме“, објасни Анчелоти за принудната замена на францускиот напаѓач.


Гасперини: Разочарани сме, но можеме многу да научиме од вакви натпревари

Предводникот на Аталанта, Џан Пјеро Гасперини го коментираше поразот од Реал Мадрид со 2-3 на домашен терен во Лигата на шампионите. Искусниот специјалист е на мислење дека ваквите порази му помагаат на тимот да се развива.

„Двата тима имаа за цел да играат фудбал, немаше калкулации. И ние и Реал Мадрид ја баравме победата користејќи ги нашите сили. Испадна навистина квалитетен натпревар.

Нормално, сега сме разочарани, но можеме многу да научиме од ваквите натпревари. Ни недостигаат мали детали, но одигравме храбро против голем тим. Изгубивме како резултат, но не се предадовме во играта, што ќе помогне да направиме уште еден мал чекор напред“, рече тренерот.

„Покажавме многу добри работи. Ова не мотивира да продолжиме да се развиваме. На моменти бевме малку бавни да ја префрлиме топката во противничката половина и Реал Мадрид веднаш се местеше во одбраната. Штета е што нашата долга победничка серија заврши. Знаевме дека можеме да израмниме. Да, тажни сме што не успеавме, но тоа се покажа како вистинска фудбалска престава, што е една од нашите главни цели“, додаде Гасперини.


РБ Лајпциг е првата екипа без шанси за пласман во елиминационата фаза на ЛШ

Вчера се одиграа девет натпревари од шестото коло во Лигата на шампионите. Ливерпул избори место во нокаут фазата и во Топ 8, а Лајпциг е првиот тим кој остана без шанси да дојде до плеј-офот.

Лајпциг без сомнение е најголемото разочарување во Лигата на шампионите оваа сезона. „Биковите“ станаа првиот тим испадна не само од елитното натпреварување, туку и од европските купови воопшто.

Избраниците на тренерот Марко Розе во шесте одиграни кола ги забележаа сите шест порази со гол разлика 6-13. Последниот неуспех, Лајпциг го имаше синоќа на домашен терен против Астон Вила (2-3), со што дефинитивно заврши секоја приказна за германскиот претставник во Европа.

До крајот на овогодинешното издание ќе игра само за да го поправи впечатокот кој е прилично лош бидејќи е на самото дно на табелата со екипи како Слован и Јанг Бојс.

Ваквиот исход е во најмала рака неочекуван, бидејќи се работи за екипа која во претходните пет сезони четири пати играше во нокаут фазата. Дури стигна до полуфиналето во сезоната 2019/20.