фудбал

Лофтус Чик на пат за „Сан Сиро“

Челниците на фудбалскиот состав Милан се обидуваат да ја засилат средината и затоа се подготвени да испратат понуда за играчот на Челзи, Рубен Лофтус-Чик.

Тој има договор со „сините“ до 2025 година а „росонерите“ се надеваат дека ќе успеат да дојдат претходно до неговиот потпис и да ја спуштат цената под 20 милиони евра.

Не треба да се потцени фактот дека двата состава имаат одлична релација која претходно им овозможи на Бакајоко, Томори и Жиру да заиграат за тимот од Милано.


Инзаги ќе го замени Пирло на клупата на Фатих Карагумрук

Филипо Инзаги ќе го замени Андреа Пирло како главен тренер во турскиот Фатих Карагумрук.

Според „Фанатик“, клубот веќе успеал да се договори со Инзаги. Покрај него, преговори се водеа и со Џенаро Гатузо, но Турците се решија за кандидатурата на Инзаги.

Пирло го презеде Фатих во јуни 2022 година. Под негово водство, тимот по 33 одиграни натпревари беше на деветтото место на табелата со 44 бодови.

Претходно, Филипо Инзаги беше тренер на Милан, Венеција, Болоња и Беневенто. Да потсетиме дека Инзаги се повлече од играњето фудбал во 2012 година. Филипо како фудбалер настапуваше за Јувентус, Милан, Парма, Аталанта и други екипи. 

Заедно со италијанската репрезентација, Инзаги стана освојувач на сребрен медал на Европското првенство во 2000 година и победник на Светското првенство во 2006 година.


Де Ла Фуенте заминува од селекторското место по само шест месеци?

Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте може да се повлече од функцијата , објави „Кадена Сер“.

Според истите, иднината на селекторот на функцијата зависи од настапот на шпанската репрезентација во Лигата на нации во средината на јуни. 

Де ла Фуенте е несреќен во Кралската шпанска фудбалска федерација (РФЕФ) и играчите на репрезентацијата. Незадоволство предизвикуваат методите на работа на селекторот и поразот од Шкотска (0-2).

Де ла Фуенте ја презеде шпанската репрезентација во јануари 2023 година. Под негово водство тимот одигра пет натпревари, на кои забележа четири победи и претрпе еден пораз. Договорот со тренерот е со важност до јули 2024 година. Де ла Фуенте го замени Луис Енрике, кој беше отпуштен по Светското првенство во Катар во 2022 година.


Белингем следниот месец потпишува за Реал

Реал Мадрид е блиску до обезбедување на услугите на играчот од средниот ред на Борусија Дортмунд Џад Белингем по неколку месеци преговори, пишува весникот „Марка“, додавајќи дека клубот ќе го финализира договорот за играчот следната недела.

Раководството на Реал Мадрид оваа сабота ќе го чека расплетот во Бундеслигата за да ја испочитува битката за титулата во Германија, која ја води Борусија. Екипата од Дортмунд води со 2 бода пред Баерн на врвот на табелата и потребна е победа за да го обезбеди трофејот.

Така Реал Мадрид следната недела мора да седне на преговарачка маса за Белингем, со кого веќе се договорени неговите лични услови. Последната пречка е трансферната сума за да ги задоволи челниците на Борусија Дортмунд. Почетната цена за потписот на играчот од средниот ред е 100 милиони евра.


Зидан одбил астрономска понуда од Ал Наср

Зинедин Зидан одбил да го преземе Ал Наср, пренесува „Foot Mercato“.

Саудискиот клуб му понудил на легендарниот Французин со алжирско потекло плата од 150 милиони евра за две години, но и покрај таа сума Зидан одбил да го води клубот за кој настапува Кристијано Роналдо.

Без ангажман Зидан е од пролетта 2021 година кога се раздели со Реал Мадрид, се поврзуваше со ПСЖ, Јувентус, Марсеј и репрезентацијата на Франција, но засега се уште е слободен.

Во тренерската кариера Зидан работеше само во Реал со кој трипати ја освои Лигата на шампионите, двапати Ла Лига, Суперкупот на Европа и Шпанија и Светското клупско првенство.


Баерн Минхен се вклучува во трката по Рабио

Иднината на Адриен Рабио во Јувентус е неизвесна бидејќи неговиот договор со „старата дама“ истекува на крајот на сезоната.

Французинот има договор со Јувентус до крајот на сезоната, па многу е веројатно дека ќе замине како слободен агент. Со оглед на фактот дека Французинот игра одлична сезона, за него постои интерес од многу клубови ширум Европа.

Сега во трката за неговиот потпис се вклучи Баерн Минхен, бидејќи Тухел бара квалитетно засилување за средниот ред.

Бавраците се во потрага по квалитетен играч за врска и сакаат да ја искористат ситуацијата да го доведат Рабио без обештетување, а и самиот играч е отворен за преселба во Минхен.


Рамос одби нов договор со ПСЖ

Серхио Рамос ја одбил понудата за нов договор од Пари Сен Жермен, пренесуваат медиумите во Франција. Шпанскиот дефанзивец има голема желба да продолжи да игра на високо ниво, но понудата на парижаните беше со значително намалени услови. С

портскиот директор Луис Кампос сака да ја преполови платата на дефанзивецот, додека значително се намалуваат и различните бонуси во новата понуда. Сите овие работи не му се допаднаа на дефанзивецот и неговите претставници.

37-годишниот дефанзивец му се приклучи на ПСЖ во летото 2021 година, а неговата прва сезона на „Паркот на принцовите“ не беше особено успешна. Сепак, Рамос веќе забележа 43 настапи и три гола оваа сезона за парижаните, кои можат да ја освојат титулата во Лига 1 овој викенд.


Артета добива нов подобрен договор со Арсенал

Тренерот на Арсенал, Микел Артета ги започна преговорите за нов договор со клубот, објави „Фудбал трансферс“.

Одборот на директори на Арсенал сака да го продолжи договорот со Артета до 2028 година како награда за напредокот на тимот под водство на шпанскиот стручњак. Исто така, главниот тренер треба да добие значително зголемување на платата. Арсенал сака да ги заврши преговорите за сите договори и трансфери пред почетокот на сезоната, која започнува на 19 јули со пријателски натпревар во САД.

41-годишниот Артета е главен тренер на Арсенал од 2019 година. По 37 одиграни натпревари оваа сезона, Арсенал се зацврстија на второто место во Премиер лигата со 81 бод и ќе биде вицешампион. Актуелниот договор на Микел Артета со Арсенал е до 2025 година.


Чалханоглу останува во Интер до 2027 година

Играчот од средниот ред на Интер, Хакан Чалханоглу ќе го продолжи договорот со миланскиот клуб до 2027 година. Ова го пренесува инсајдерот Фабрицио Романо во својот „Твитер“.

Според изворот, 29-годишниот играч од средниот ред ќе потпише договор во наредните денови. Чалханоглу ги договорил сите детали од новиот договор со Интер, кој ќе биде со важност до летото 2027 година. И самиот играч потврди дека ќе остане во Интер.

„Начелниот договор е постигнат, многу ми е драго што ќе продолжам да играм овде“, изјави Хакан Чалханоглу.

Чалханоглу оваа сезона одигра 31 натпревар во Серија А за Интер, постигнувајќи три гола и шест асистенции.

Заедно со црно-сините, турскиот играч за врска го освои Купот на Италија и се пласираше во финалето на Лигата на шампионите, кое ќе се одржи на 10 јуни во Истанбул. Тимот на Симеоне Инзаги за противник ќе го има Манчестер Сити.


Бензема пак надмина 30 гола во сезоната

Карим Бензема постави уникатно достигнување.

Бензема трета сезона по ред има постигнато најмалку 30 гола во сите натпреварувања за клубот. Ова е првпат во кариерата Французинот да има ваков учинок.

Минатата сезона постигна 44 погодоци, а лани францускиот напаѓач исто така постигна 30 гола во сите натпреварувања.

Тој го постигна својот 30-ти гол оваа сезона на натпреварот од шпанското првенство против Рајо Ваљекано. Реал Мадрид успеа да дојде до победата на оваа средба откако Родриго погоди на додавање на Дани Себаљос.

Реал Мадрид има 74 бодови и се искачи на втората позиција пред Атлетико Мадрид кој има 73 бода по нерешениот резултат со Еспањол.