фудбал

Ерик тен Хаг: Го вративме Јунајтед таму каде што припаѓа

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, после пласманот на екипата во Лигата на шампионите, истакна дека го врати Јунајтед на местото каде припаѓа, но и дека тимот мора да се засили доколку сака да биде конкурентен во битката за освојување на трофеи.

“Овај клуб припаѓа во Лигата на шампиони. Пласман меѓу четири најдобри екипи беше примарна цел. Натпреварувањето е тешко, има многу клубови со одлични тренери и високи буџети. Во моментот ова е нашиот максимум, но треба да бидеме трпеливи и во иднина да остваруваме подобри резултати. Сакаме да се натпреваруваме за титулата, но за тоа ќе ни требаат подобри играчи“.

Манчестер Јунајтед до крајот на сезоната има можност да го освои и трофејот во англискиот ФА Куп, каде во финалето на 3.јуни ќе се сретне со Манчестер Сити на Вембли.


Арне Слот одби да седне на клупата на Тотенхем

Актуелниот тренер на холандски Феенорд, Арне Слот, уште еднаш изјави дека својата иднина ја гледа на клупата на клубот од Ротердам.

„Слушнав многу за интересот за мене од други клубови. Благодарен сум за интересот, но мојата желба е да останам во Феенорд и да продолжам да се надградувам врз основата на она што го поставивме во изминатите две сезони. Со нетрпение ја очекувам новата сезона на клупата на Феенорд“, изјавил Слот.

Претходно беше објавено дека холандскиот стручњак е еден од фаворитите за местото тренер на Тотенхем.


Работнички го потврди Милан Илиевски за тренер и за следната сезона

Милан Илиевски ќе го предводи Работнички и следната сезона. Според информацијата која ја објавија од клубот со Илиевски е постигната согласност за обновување на соработката и за наредниот период.

„Раководството на клубот ја анализираше изминатата сезона и иако нема многу причини за задоволство од конечниот пласман на табелата, сепак, задоволни сме од професионалноста и начинот на работа на шефот на стручниот штаб Милан Илиевски. Со него постигнавме договор за продолжување на соработката и во наредниот период. Откако ја доби довербата, Илиевски ја стабилизираше екипата, оствари позитивни резултати, а истовремено и промовираше голем број млади фудбалери во тимот, кои се стекнаа со неопходното прволигашко искуство и се светла иднина на ФК Работнички“, изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.

Тренерот Милан Илиевски е задоволен што ја продолжува соработката со ФК Работнички и за наредниот период.

„Чест е да се предводи ФК Работнички, но и голема обврска. Благодарност до раководството на клубот за довербата, можам да ветам напорна работа, а уверен сум дека тимот располага со голем потенцијал и ќе се трудиме да го извлечеме најдоброто на секој натпревар за да ги исполниме целите на ФК Работнички“, изјави шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски.


ПСЖ купува уште една ѕвезда на португалскиот фудбал

Португалските медиуми пишуваат дека ПСЖ за 60 милиони евра ќе го доведе Мануел Угарте (22) од Спортинг Лисабон. Станува збор за уругвајски играч за врска кој според бројките треба да чини околу 25 милиони евра, но во договорот со Спортинг има излезна клаузула од 60 милиони евра.

Францускиот шампион е подготвен да ја активира клаузулата и да го донесе во својот тим еден од најталентираните играчи за врска во Европа.

Угарте пристигна во Португалија од уругвајски Феникс во 2016 година.


Првата ѕвезда на Ленс на пат кон Милан

Милан тргнува по ангажман на нов напаѓач. Според инталијански извори, „росонерите“ се заинтересирани за напаѓачот на Ленс, Лои Опенда.

Според информацијата на „Газета дело Спорт“, екс-шампионот на Италија го гледаат 23-годишниот Белгиец како можно засилување за следната сезона и сериозно освежување на напаѓачкиот ред, кој оваа сезона беше можеби и најслабиот дел од тимот.

Трансферот на Опенда е проценет на 25 милиони евра. Фудбалерот оваа сезона за Ленс одигра 36 натпревари и постигна 19 гола со три асистенции.


Германскиот фудбал не дозволува влез на странски инвеститори

Здружението на германската фудбалска лига и во иднина нема да дозволи приватен инвеститор да стане носител на мнозинските права на натпреварувањето. На генералниот состанок, мнозинството клубови од германската Бундеслига гласаа против желбата на Лигата да продаде некои од нивните медиумски права на можен инвеститор.

Клубовите кои гласале против предлогот, велат дека влезот на приватен инвеститор би бил против вредностите на германскиот фудбал.


Заврши голготата, Лукас Хернандез започна со тренинзи

Дефанзивецот на Баерн Минхен, Лука Хернандез учествуваше на последниот тренинг на германскиот тим по долго отсуство поради повреда.

27-годишниот француски репрезентативец е надвор од терените од ноември поради повредата што ја заработи на Светското првенство во Катар.

Сепак, дефанзивецот нема да биде подготвен за последното коло од Бундеслигата. Неговиот тим в саботa ќе игра со Келн.


Иниеста со солзи во очите си замина од Јапонија

Aндрес Иниеста заминува од Висел Кобе, но кариерата не ја завршува и веројатно ќе продолжи во МЛС лигата или во некој од клубовите на Блискиот Исток.

Легендарниот шпански фудбалер во солзи на прес-конференцијата за медиумите објави дека по пет години заминува од јапонскиот клуб и потенцираше дека не ја завршува кариерата.

„Сите очекувавме дека од тука ќе заминам во пензија, тоа беше и моја, но и желба на клубот. Сепак, заминувам поради недостаток на минутажа, тренерот има некои други приоритети. Тоа го почитувам и го прифаќам“, изјави 39-годишниот Иниеста кој сезонава одигра само три натпревари во лигата и две во купот.

Поранешниот играч на Барселона вкупно за јапонскиот клуб одигра 133 натпревари и постигна 26 голови, додавајќи 25 асистенции. Во Кобе заработуваше 25 милиони евра по сезона и според најавите клубови од МЛС и Блискиот Исток се заинтересирани да го доведат.

Иниеста во минатото со Барселона и репрезентацијата на Шпанија освои се што можеше да се освои во фудбалот и беше клучен играч. Во финалето на Светското првенство во 2010 година во Јужна Африка го постигна одлучувачкиот гол за победа.


Саутгејт ги отвори „картите“ пред дуелот со Македонија на „Олд Трафорд“

Селекторот, Герет Саутгејт го објави списокот на фудбалери за јунските квалификациите за ЕП 2024. „Гордиот Албион“ на 19 јуни на стадионот – „Олд Трафорд“ ќе ја пречека Македонија.

На списокот се голманите: Сем Џонстон, Џордан Пикфорд и Арон Рамсдејл. Одбрана: Трент Александер-Арнолд, Луис Данк, Марк Геи, Хари Мегваер, Тајрон Мингс, Лук Шо, Џон Стонс, Киеран Трипие и Кајл Вокер. Среден ред. Џуд Белингам, Еберечи Езе, Конор Галагер, Џордан Хендерсон, Калвин Филипс и Деклан Рајс. Напаѓачи: Фил Фоден, Џек Грилиш, Хари Кејн, Џејмс Мeдисон, Маркус Рашфорд, Букајо Сака и Калум Вилсон.

Натпреварот Англија- Македонија ќе биде одигран во вечерниот термин од 20:45 часот.


Хумелс доби нов договор, останува во Дортунд до 2024 година

Матс Хумелс денес стави потпис на нов договор и ќе остане во клубот уште една сезона.

Хумелс е член на Борусија Дортмунд од 2007 година, направи трансфер во Баерн во 2016 година, но после три сезони повторно се врати во клубот.

Хумелс изгради легендарен статус во Борусија Дортмунд, па раководството му понуди нов едногодишен договор.

„Многу сум среќен кога играм вп Борусија пред нашите неверојатни фанови. Не беше лесно да ја донесам оваа одлука, но сега слободно можам да кажам дека сум спремен да играм уште една сезона“, изјави 34-годишниот дефанзивец.