фудбал

Специја го отпушти тренерот Готи

Калчолигашот Специја ја прекина соработката со тренерот на првиот тим Лука Готи.

Причина за отказот на Готи е серијата на лоши резултати на клубот кој од почетокот на јануари има остварено само една победа, а запиша три нерешени и три порази.

Лука Готи во Специја е од месец јули кога на клупата го замени Тијаго Мота. Во моментот клубот се наоѓа на 17.место од табелата после одиграни 22 натпревари.

Специја е шести клуб во Серија А кој има тренерска смена сезонава.


Мексиканецот Араухо потпиша за Барселона

Јулијан Араухо ќе стане нов член на Барселона! Ако се сеќавате, станува збор за десниот бек на Лос Анџелес Галаси чиј трансфер наводно бил блокиран од Ла Лига на полноќ на 31 јануари, бидејќи документацијата не стигнала навреме. Барса испрати жалба до ФИФА, а две недели подоцна Фабрицио Романо и бројни сигурни извори тврдат дека Араухо ќе потпише договор до 2026 година и веќе е на пат за Каталонија.

Барселона за неговото обештетување ќе плати до четири милиони евра, а во таа сума се вклучени и бонуси.

Мексиканецот игра на позицијата десен бек, а Барса го следи од поодамна. Тој беше член на нејзината академија во САД од која си замина од ЛА Галакси.

Се очекува првично да биде пријавен како член на Барселона Атлетик (Б тимот), но да тренира со првиот тим и постепено да добива шанса кај Чави Хернандез.

Араухо има само 21 година, а интересно е што во Барселона Атлетик ќе соработува со својот сонародник Рафаел Маркез, кој е тренер на Б тимот.


Коман објасни зошто не го славел голот во Париз

Напаѓачот на Баерн, Кингсли Коман објасни зошто не го прославил голот постигнат против ПСЖ (1-0) во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Да се постигне гол на „Паркот на принцовите“ е детски сон. Тоа беше посебен момент. Ова е клубот во кој пораснав, градот во кој сум роден. Не сакав да го прославам голот пред навивачите“, изјави Коман на новинарот Фабрицио Романо на своите социјални мрежи.

Да потсетиме дека 26-годишниот Французин потекнува од школата на ПСЖ. Тој одигра четири натпревари за клубот од 2013 до 2014 година. Коман за Баерн игра од 2015 година. Исто така е интересно што на оваа средба, крилниот напаѓач постави рекорд во Лигата на шампионите со 39-та победа во првите 50 натпревари од ова натпреварување.


Маркус Турам на чекор до потпис со Интер

Интер е во напредни преговори со францускиот репрезентативец и напаѓач на Борусија Мехенгладбах, Маркус Турам.

Турам оваа сезона игра одлично, има 10 гола во Бундеслигата, а неговиот договор истекува на крајот на сезоната. Французинот истакна дека сака да се пресели во клуб кој редовно игра во Лигата на шампиони, па неколку гиганти ја почнаа трката за неговиот потпис.

Интер сака да ја победи конкуренцијата и спремил петгодишен договор со плата од 5 милиони евра по сезона, а преговорите се во напредна фаза.

„Нероаѕурите“ во него гледаат идеална замена за Лукаку, кој на крајот на сезоната ќе се врати во Челзи, а клубот е спремен да го стави и Хоакин Кореја на продажба.


Чави: Борбата за титулата во Примера не е завршена

Тренерот на фудбалерите на Барселона, Чави Хернандез, оцени дека трката за шампионската титула во Шпанија сè уште не е завршена, иако каталонскиот клуб има предност од 11 бодови пред актуелниот шампион Реал Мадрид.

„Ненадоместлива предност во трката за титулата? Тоа не е точно. Има уште многу натпревари до крајот на првенството. Меѓутоа, среќни сме што се наоѓаме во серија од победи и играме добро. Задоволен сум“, изјави Чави.

Барселона е во серија од шест прволигашки победи, а во следното коло избраниците на Чави ќе играат на домашен терен против Кадиз.


Тилеманс е желбата на управата на Јуве за замена за Рабио

Јури Тилеманс ќе биде еден од најбараните фудбалери на трансфер пазарот.

Тилеманс има договор со Лестер до крајот на сезоната и тој одби да ја продолжи соработката со „лисиците“. Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус се вклучил во трката за 25-годишниот Белгиец и сака да го донесе во Торино на лето како слободен агент.

Јувентус на лето ќе остане без Адриен Рабио, па во Тилеманс гледа идеална замена за Французинот.

Меѓутоа, „старата дама“ ќе треба да ја победи конкуренцијата бидејќи интерес за играчот покажуваат уште Арсенал и Барселона.


Пау Торес од Виљареал ќе го менува Шкрињар во Интер

Приоритет на Интер во летниот преоден рок ќе биде доведување на дефанзивец кој ќе го замени Милан Шкрињар.

Најновото име на списокот на „нероаѕурите“ е шпанскиот репрезентативец и ѕвезда на Виљареал, Пау Торес. 25-годишниот Шпанец се етаблираше во еден од најдобрите дефанзивци во Примера и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

Минатото лето беше на мета на Манчестер Јунајтед, но сепак остана во Виљареал, а сега е спремен да направи чекор напред во кариерата.

Интер сака да ја победи конкуренцијата и наскоро ќе стапи во контакт со неговиот агент, а е спремен да плати 35 милиони евра за неговиот потпис.


Атлетико Мадрид пред ангажман на Стефан де Врај

Стефан де Врај на крајот на сезоната најверојатно ќе се пресели во Мадрид, пренесуваат шпанските медиуми.

Веќе е јасно дека „нероаѕурите“ ќе останат без Милан Скриниар, кој одби да го продолжи договорот и без обештетување ќе го напушти клубот. Во иста ситуација е и Стефан де Врај, кој на лето ќе биде слободен агент, а нема најави за продолжување на договорот.

Најсилен интерес за него покажува Атлетико Мадрид, кој веќе започнал преговори со неговиот агент.

Шпанските медиуми пренесуваат дека двете страни се блиску до договор и готово сигурно Холанѓанецот кариерата ќе ја продолжи на „Ванда Метрополитано“.


Зидан кандидат за тренер на ПСЖ?

Зинедин Зидан би можел да биде нов тренер на Париз Сен Жермен, доколку актуелниот шеф на стручниот штаб, Кристоф Галтие, добие отказ на позицијата.

Медиумите од Франција објавуваат дека на Галтие му следува отказ доколку ПСЖ биде елиминаран од Лигата на шампионите. Клубот од Париз доживеа пораз од 1:0 на првиот осминафинален натпревар против Баерн Минхен во ова натпреварување.

Според некои новинарски информации блиски до клубот, Галтие нема никакво влијание врз поедини играчи и не може да ги контролира големите звезди на тимот.


Челзи го пикира голманот на Брентфорд за нов чувар на мрежата

Голманот на Брентфорд, Давид Раја е уште една трансфер цел на
Челзи. 27-годишниот Шпанец е под договор со неговиот сегашен клуб
до летото 2024 година, откако веќе одби две понуди за повторно
потпишување.

Тоа би го ставило Челзи во доста поволна позиција следното лето,
кога Раја ќе има уште само 12 месеци од договорот. Актуелен стартен
голман на Челзи е Кепа Аризабалага, кој го врати своето стартно
место од Едуард Менди. Иднината на Сенегалецот на „Стемфорд
Бриџ“ изгледа прилично неизвесна, откако тој ја одби понуда да
потпише повторно на шест години во декември, откако не беше
задоволен од условите што му беа понудени.

Според „Фудбал Лондон“, Раја би можел да биде стартен голман во
Челзи. Шпанецот оваа сезона се претстави многу силно и го привлече
интересот на другите врвни клубови во Премиер лигата. Во Англија
тврдат дека е на нишанот на Манчестер Јунајтед и Тотенхем.