фудбал

Де Лихт не го продолжува договорот со Јувентус

Еден од најдобрите дефанзивни фудбалери на светот, Матијас де Лихт може повторно да стане ѕвезда на трансфер пазарот. Преговорите на Де Лихт околу продолжување на неговиот договор со Јувентус се во застој, и ако не се постигне решение можен е негов трансфер во Премиер лигата.

Холандскиот фудбалер има договор со Јувентус уште две години, и трансфер клаузула од 120 милиони евра. Ситуацијата околу Де Лихт ја следат премиерлигашите Манчестер Јунајтед и Челзи, кои се спремни за отворање на преговори со Јувентус за играчот и плаќање на откупната клаузула.


Габриел Жесус понуден на Реал Мадрид

Според информациите на шпанска „Марка“, фудбалерот на Манчестер Сити и бразилски репрезентативец Габриел Жезус, својата кариера би можел да ја продолжи во Реал Мадрид.

Реал Мадрид не успеа да го ангажира Килијан Мбапе, но клубот и понатаму планира засилување за напаѓачкиот ред од тимот. 

Извори блиски до Реал тврдат дека од Манчестер Сити им го понудиле Жезус бидејќи за Бразилецот нема место во тимот после доаѓањето на Ерлинг Халанд и Хулијан Алварез. Договорот на фудбалерот со Сити важи до јуни 2023 година, а обештетувањето за негов ангажман е 50 милиони евра.


Бејл не размислува за пензија по успехот со велшката репрезентација

Герет Бејл, кој има богата ризница на клупски план, конечно успеа да замине и на Мундијалот во Катар откако репрезентацијата на Велс по цели 64 години повторно ќе биде дел од големиот собир.

„Си го остваривме сонот со пласманот на Светското првенство. Ќе бидеме горди на успехот. Веројатно ќе мора да ја одложам пензијата“, беа зборовите на Бејл кој последниот ангажман го имаше во редовите на европскиот шампион, Реал Мадрид.


Пулишиќ ќе го менува Мане во Ливерпул

Садио Мане кажа пред медиумите дека сака да си замине од Ливерпул ова лето, а како негов следен клуб се споменува Баерн Минхен.

Ливерпул има договор на уште една година со Мане, со кого не успеаа да се договорат за продолжение на соработката.

Премиерлигашот нема да чека Мане да си замине од тимот, па потоа да тргне по негова замена, туку тренерот Јирген Клоп веќе избрал ново засилување.


Зидан станува најплатен тренер на светот

„Мундо Депортиво“ пренесува дека Париз Сен Жермен му понуди на славниот француски тренер Зинедин Зидан, годишна плата од 25 милиони евра.

Зидан пред неколку денови имал состанок со челниците на клубот од Париз, но не бил постигнат договор. Меѓутоа раководството на ПСЖ не се откажува од ангажманот на Зидан па наводно ја зголемиле својата понуда на неверојатни 25 милиони евра по сезона.

Доколку Зинедин Зидан ја прифати понудата тој ќе стане најплатениот тренер на светот. Во моментот тренер со највисока заработка е Диего Симеоне од Атлетико Мадрид со годишна плата од 24 милиони евра.


Реал планира шест заминувања ова лето од Мадрид

Реал Мадрид е подготвен ова лето да фа ги разгледа сите понуди кои ќе пристигнат за шест играчи од сегашниот состав, тврди „Марка“.

Тоа се играчи кои немаат статус на стартери и клубот може да си дозволи да остане без нив. Сите имаат договори со Реал Мадрид, но четворица од нив имаат договори за само една година, што е уште една причина да ги продадат сега за да не си заминат како слободни играчи следното лето.

Станува збор за Дани Себаљос, Марко Алонсо, Лука Јовиќ, Маријано Дијаз, Хесус Ваљехо и Андриј Лунин. Раководството на Реал Мадрид ќе ги пушти на пазарот, но тоа не значи дека ќе бидат подготвено да се раздели од нив по секоја цена. Секој од нив ќе биде продаден само доколку на „Сантијаго Бернабеу“ пристигне доволно добра понуда за да го задоволи клубот.

Најдобра шанса за останување има голманот Лунин, кој може да биде конкуренција на Тибо Куртоа. Сепак, постои можност да биде ангажиран во друга екипа, каде што ќе стекне поголемо искуство и минутажа.


Манчестер Јунајтед е во директни преговори за Френки де Јонг

Спортскиот новинар Фабрицио Романо пренесува дека Манчестер Јунајтед е во директни преговори со Барселона за трансфер на Френки де Јонг.

Каталонците за холандскиот репрезентативец ќе побаруваат сума од 85 милиони евра. Приоритет на Де Јонг е да остане во Барселона, но доколку замине тој сака да се приклучи на клуб кој игра фудбал во Лигата на шампионите. Јунајтед следната сезона ќе игра во Лига Европа, и ќе треба да го убеди фудбалерот да се пресели на Олд Трафорд.

Новиот тренер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, е голем фан на Де Јонг со кого работеше во Ајакс пред фудбалерот да се приклучи на Барселона во 2019 година.


Арсенал и Јуве ги менуваат Габриел за Артур

Јувентус е силно заинтересиран за дефанзивецот на Арсенал, Габриел и е спремен да му понуди трампа на лондонскиот клуб.

24-годишниот бразилски дефанзивец одигра одлична сезона и го привлече вниманието на многу европски гиганти.

„Тутоспорт“ пренесува дека интересот на Јувентус за Габриел е сериозен и „бјанконерите“ се спремни да го вклучат Артур во потенцијалната зделка со Арсенал.

Приоритет на „старата дама“ ова лето ќе биде доведување на врвен дефанзивец бидејќи Кјелини заминува, а најголема желба на Алегри е токму Габриел.


Анхел ди Марија е потенцијална трансфер цел на Барселона

Според информациите од „Мундо Депортиво“, екипата на Барселона размислува за трансфер на Аргентинецот Анхел ди Марија. Договорот на 34-годишниот крилен напаѓач со Париз Сен Жермен истекува на крајот од овој месец и тој ќе биде слободен да избира нова средина.

Барселона би се вклучила во доведување на Ди Марија доколку Усман Дембеле не го продолжи договорот за останување на Камп Ноу.

Челниците на Барселона се надеваа дека ќе го ангажираат Рафиња од Лидс Јунајтед, но во моментот Бразилецот се покажува како прескапа опција.

Јувентус е клубот кој досега покажа најголем интерес за Ди Марија, но за играчот посакувана опција е преселба на Камп Ноу, и би прифатил едногодишен договор.


Претседателот на Баерн Минхен тврди дека Левандовски ќе остане во клубот и наредната сезона

Голгетерот на Баерн, Роберт Левандовски, пред неколку денови на собирот со полската репрезентација, изјави дека неговата ера во клубот е завршена. Сепак челниците на екипата од Минхен имаат поинакво мислење.

Претседателот на Баерн, Херберт Хајнер, во изјава за „Билд“, тврди дека е уверен во останувањето на Левандовски во тимот и наредната сезона.

„Левандовски има договор со нас до јуни 2023 година. А договор си е договор. Не е правилно фудбалерите самоволно да ги раскинуваат постоечките договори. Многу сум изненаден од изјавите на Роберт во јавноста. Да сум на негово место јас тоа не би го направил. Сакаме во нашиот клуб да ги имаме најдобрите играчи на светот, а Левандовски е еден од нив. Чврсто сум убеден дека тој ќе остане со нас и наредната сезона“, потенцира Хајнер.