фудбал

Реал Мадрид, Јувентус и Барселона повторно ја заживуваат идејата за Суперлигата

Неколку спортски медиуми од Европа, ја пренесуваат веста дека трите фудбалски гиганти, Јувентус, Реал Мадрид и Барселона повторно ќе се обидат да го заживеат проектот за формирање на европската Суперлига.

Дури и угледниот бизнис весник Фајненшал Тајмс ја потврдува веста дека наведените три клуба остануваат посветени на проектот, меѓутоа сеуште не се знае дали ќе им се приклучат повеќе клубови.

Реал, Јувентус и Барса пред неколку дена одржаа состанок на кој се разговарало за рестартирање на Суперлигата во 2022 година.

Да се потсетиме дека 12 европски клубови најавија создавање на Суперлигата преку веста објавена на 19 април 2021 година, но само два дена подоцна 9 екипи се повлекоја од своето учество во таквиот проект.


Кристијано Роналдо ја расплака својата мајка со неговата роденденска честитка до неа (Видео)

Познат е фактот дека Роналдо е многу приврзан за своето семејство. Тој во неколку наврати ја истакнува важноста на неговата мајка Долорес во неговото одгледување.

По повод роденденот на својата мајка, Кристијано и испрати емотивна порака која се појави на социјалните мрежи како видео на кое се гледа колку содржината на таа порака успеа да ја трогне неговата мајка.  

„Се најдобро за најдобрата мајка на светот, воин која ме научи никогаш да не се откажувам. Ти си најдобрата баба што моите деца би можеле да ја посакаат. Те сакам многу! Бакнежи“, напиша Роналдо во роденденската порака до својата мајка.

Нејзината емотивна реакција можете да ја погледнете во видеото:


Конте побара засилувања за својот Тотенхем

Антонио Конте јавно му порача на раководството дека му се потребни засилувања во зимскиот преоден рок.

Конте пред неполни два месеци пристигна во Тотенхем и вели дека очекувал нивото на тимот да биде повисоко, па поради тоа бара нови засилувања.

„Потребни ни се нови играчи, по само две недели тука видов дека мора да го подобриме квалитетот на овој состав. Ќе видиме какви ќе бидат нашите решенија, но јасно е дека сакаме да ги задржиме најдобрите и да се засилиме со квалитени фудбалери“, изјави Конте.


Коентрао не сака да слушне за фудбал, се посвети на риболов

Поранешниот португалски репрезентативец Фабио Коентрао својата фудбалска одисеја ја започна во Рио Аве, а потоа се пресели во Бенфика во 2007 година, па по неколку позајмици доби шанса во првиот тим. Со одличните игри го привлече вниманието на Реал Мадрид кој во 2011 година му плати 30 милиони евра, а останатото е историја.

По завршувањето на кариерата, левиот бек не се одлучи за тренерска работа или трошење милиони заработени за патувања и забава, туку фудбалското игралиште го замени со море. Решил да го исполни својот втор сон, па се посветил на риболовот.

„Луѓето кои го сакаат морето и кои сакаат да почувствуваат нови искуства треба да ги следат своите соништа. Ова е работа за новите генерации. Животот на море не е срам, како што мислат многу луѓе. Тоа е работа како и секоја друга. Не само тоа, морето е прекрасно и ни треба. Некои луѓе мора да работат. Тие луѓе заслужуваат почит како и луѓето од другите професии“, рече тој.

Својот прв брод го купил додека играл за Реал Мадрид. Сега е сериозно посветен на риболовот и вработува 45 луѓе.


Њукасл Јунајтед конечно со официјална понуда за Трипие

Њукасл испрати официјална понуда за дефанзивецот на Атлетико Мадрид, Киран Трипие.

Тренерот на екипата, Еди Хау, одлучи Трипие да биде првото засилување откако клубот е со нови сопственици. Хау му беше тренер на Трипие кога двајцата беа членови на Барнли.

Има големи очекувања кај фановите на Њукасл за тоа клубот да направи сериозни зимски трансфери со цел опстанок на екипата во Премиер лигата.

Во моментот популарните „чавки“ се претпоследни на премиерлигашката табела и ги очекува сериозна битка за опстанок во продолжението на првенството

Трипиер пристигна во Атлетико Мадрид во 2019 година после четири години поминати во Тотенхем. Тој минатата сезона стана шампион на Шпанија и се најде во тимот на годината во Ла Лига.


Јуве преговара со Ориги, Ливерпул бара 10 милиони евра

Дивок Ориги најверојатно ќе го напушти клубот во зимскиот преоден рок, пренесуваат англиските медиуми. 26-годишниот напаѓач не добива голема минутажа кај Јирген Клоп, па тоа е причината поради која сака да ја промени средината.

Ориги и во летниот преоден рок беше на излезна врата од „Енфилд“, но никој клуб не сакаше да плати 10 милиони фунти, колку што Ливерпул бараше за неговата слобода.

Италијанскиот гигант Јувентус покажува најсилен интерес за Белгиецот и сака да го донесе во зимскиот преоден рок.

„Бјанконерите“ се во потрага по класичен напаѓач и веќе стапиле во контакт со агентот на Ориги и спремаат понуда.


Бразилецот Бремер трансферна цел на двата милански гиганти

Милан и Интер се борат за скудетото, но водат и голема битка за потписот на Глеисон Бремер од Торино. 24-годишниот Бразилец игра одлична сезона и се етаблираше во еден од најдобрите дефанзивци во Серија А.

Торино не сака да го продава на средина од сезоната, но јасно е дека нема да може да го задржи на лето.

„Биковите“ за слободата на Бремер бараат 30 милиони евра, но миланските клубови ќе се обидат да ја намалат таа сума преку преговори.


Монако го посакува Филип Клемент како нов тренер на екипата

Монако веројатно брзо пронајде замена за Нико Ковач кој доби отказ од тренерската позиција во клубот. 

Се работи за актуелниот тренер на белгискиот Бриж, Филип Клемент, кој ја прифатил понудата да го преземе францускиот тим и веќе го известил својот сегашен клуб за неговата намера.

Под раководство на Клемент, екипата на Бриж освои три последователни титули во првенството на Белгија. Тренерот е убеден дека со евентуалниот трансфер во Монако ќе направи голем исчекор во неговата кариера.


Евертон потпиша со Виталиј Миколенко од Динамо Киев

Од Евертон пристигна официјална информација дека клубот во своите редови го доведе украинскиот репрезентативец Виталиј Миколенко, кој игра на позицијата лев бек.

Официјалната сума за 22-годишниот поранешен играч на Динамо Киев не е соопштена, но се претпоставува дека се работи за 21 милион евра. Миколенко според договорот ќе остане во Евертон до 2026 година.

„Мојата преселба во Евертон е голем и важен чекор во мојот живот. Отсекогаш сонував да играм во Премиер лигата. Имам 22 години, но имам доволно искуство и се надевам дека ќе продолжам да напредувам како фудбалер“. изјави Миколенко


Наполи го носи на позајмица Туанзебе од Манчестер Јунајтед

Италијанскиот клуб Наполи постигна договор со Манчестер Јунајтед за трансфер на дефанзивецот Аксел Туанзебе.

24-годишниот Туанзебе ќе пристигне во Неапол како позајмен играч од „црвените ѓаволи“ до крајот на јуни 2022 година за сума од 500.000 евра, меѓутоа договорот не вклучува опција за купување по завршувањето на сезоната.

Туанзебе е роден во ДР Конго, Африка, но како тинејџер се вклучи во екипата на Манчестер Јунајтед. Тој во моментот е на позајмица во тимот на Астон Вила.