фудбал

Македонското фудбалско дерби Пелистер – Вардар првпат под рефлектори во Битола

Фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, в недела првпат ќе биде отворен за публиката да следи вечерен натпревар на кој од 19:00 часот, силите ќе ги одмерат Пелистер и Вардар.

Сезонава неколку пати се играа натпревари под рефлектори и тоа во Скопје и Струмица, а трет град во оваа низа ќе стане Битола.

Пред дербито се игра вонредно коло в среда, во него Пелистер гостува кај Гостивар, а Вардар е домаќин на Брера.


Балотели ги мина лекарските прегледи, следи потпис со Џенова

Марио Балотели, претпладнево во Џенова ги мина лекарските преглед пред и официјално да потпише договор до крајот на сезоната со „грифоните“.

„Навистина не сакам да зборувам многу, сакам да играм. Се надевам дека наскоро ќе бидам подготвен“, им рече Балотели на новинарите при влегувањето во медицинската установа на Џенова.

Минатата сезона Балотели постигна седум гола на 16 натпревари за турскиот тим Адана Демиспор, а последен пат играше во Италија во сезоната 2020/21 за Монца. Џенова со шест бода го зазема 18. место на табелата во Серија А, а во следното коло в четврток ја пречекува Фиорентина.


Ѕвездите на Реал не доаѓаат во Париз, Родри ќе ја освои „Златната топка“?

Иако Винициус Жуниор важеше за прв фаворит, сепак Бразилецот изгледа нема да биде добитникот на „Златната топка“.

Според последните информации, добитникот ќе биде од Премиер лигата и веројатно станува збор за Родри од Манчестер сити.

Ова може да се претпостави и по дополнителната објава на Романо во која тврди дека делегацијата на Реал Мадрид нема да патува во Париз, тоа значи дека и Џуд Белингем кој беше третиот фудбалер во потесна конкуренција не е добитникот, па останува само Шпанецот.

Родри со Шпанија беше освојувач на Европското првенство летово во Германија, а на турнирот го доби признанието и за најдобар фудбалер. Исто така во текот на целата сезона постигна многу важни голови за Манчестер сити.

Церемонијата во Париз на која ќе се додели престижното признание ќе се одржи вечерва од 20:45 часот.


Од Париз порачуваат: Никој не го знае добитникот на „Златната топка“!

Директорот на „Златната топка“ за протекувањето на резултатите од гласањето: Само јас и првиот човек на „Франс Фудбал“ го знае победникот.

Директорот на Златната топка ги коментираше објавените податоци за победникот.

-Само двајца луѓе го знаат добитникот на наградата – јас и првиот човек на „Франс Фудбал“. Секој друг што вели дека го знае победникот или дека ја видел листата е лажливец, изјави извршниот директор на „Златната топка“, Марк Лас.

Претходно на интернет се појави листа со резултати од гласањето според која, напаѓачот на Реал Мадрид, Винисиус ќе ја добие „Златната топка“.

Доделувањето на наградата ќе се одржи вечер во Париз, со почеток во 20:45 часот во „Театар Шатле“.


Тен Хаг доби отказ, Ван Нистелрој го презеде Јунајтед

Ерик тен Хaг е разрешен од функцијата менаџер на Манчестер Јунајтед. Веста ја објавија бројни авторитетни новинари од Европа. Холанѓанецот бил информиран во понеделникот наутро дека заминува од тренерското место по две и пол години минати на „Олд Трафорд“. Неговиот последен натпревар на чело на Јунајтед беше поразот од Вест Хем, кој го остави тимот на 14. место во Премиер лигата, со само три победи од девет првенствени натпревари.

Раководството на Јунајтед го назначило поранешниот напаѓач Руд ван Нистелрој, кој беше асистент на Тен Хаг, како привремен менаџер. Остатокот од тимот ќе остане на своето место додека клубот ги разгледува следните чекори.

Јунајтед веќе ги истражува потенцијалните замени, а меѓу споменатите имиња се Томас Тухел, Маурисио Покетино, Роберто Де Зерби и Киеран Мекена и Чави.


„Артета повеќе ми личи на Мурињо, отколку на Гвардиола“

Поранешниот играч на Ливерпул, Џејми Карагер, вели дека Микел Артета полека станува менаџер од типот на Жозе Мурињо, а не нов Гвардиола.

„Ова не е критика, туку анализа на тоа што е Арсенал го прави како тим. Можеби тоа е затоа што Артета ги погледна своите напаѓачки играчи и си помисли: „Ние не сме толку добри како Манчестер Сити, па мораме да ја освоиме Премиер лигата со тоа што ќе бидеме тимот со најдобрата одбрана и токму така изгледаа минатата сезона. Но, идејата дека Арсенал игра одличен фудбал, а Артета оди по стапките на Гвардиола е погрешна. Погледнете ја само тајноста што ја имаше пред натпреварот за тоа кој е подготвен да игра, а кој не. Сето тоа се финти од арсеналот на Мурињо“, рече Карагер.


Несторовски стрелец за Славен Белупот против Шибеник

И на 34-годишна возраст, Илија Несторовски не престанува да тресе мрежи.

Во петокот некогаш популарниот „Нестор-гол” го запиша третиот погодок за хрватски Славен Белупо во ремито од 2-2 против Шибеник. Прилепчанецот стрелаше прецизно со глава во 30. минута за 1-1 и придонесе за вреден бод за својата екипа, која тешко освојува бодови сезонава и се наоѓа на последното место во хрватското првенство.

За Несторовски ова беше втор погодок во првенствените натпревари, а претходно постигна гол и во Купот.


Сака собори рекордот на легендарниот Анри

Букајо Сака постави рекорд на вчерашниот дуел меѓу Арсенал и Ливерпул во ангиската Премиер лига. Крилниот напаѓач постигна гол во 9. минута од натпреварот од 9. коло на Премиер лигата и со 23 години и 52 дена, Англичанецот стана најмладиот играч на „топчиите“ кој постигнал 50 гола во Премиер лигата.

Тој го собори рекордот на Тиери Анри, кој ја достигна оваа граница на 24 години и 128 дена. Во исто време, Сака зад себе има 178 натпревари, а францускиот напаѓач тогаш имаше 83.


Ламин Јамал: Можеби играчите на Реал не знаеја дека имам и десна нога!

Ламин Јамал по победата над Реал Мадрид во 11. коло од шпанскиот шампионат раскажа како успеал да постигне гол.

Во 77. минута го постигна третиот гол за Каталонците, шутирајќи со десната нога во блискиот горен агол од противничкиот гол. Инаку, 17-годишниот Шпанец е левак.

„Можеби играчите на Реал Мадрид не знаеја дека и јас имам десна нога. Треба да ја користам кога ми треба, како вечерва“, изјави Јамал.

Барселона со 30 бода се зацврсти на лидерската позиција во шпанското фудбалско првенство. Реал Мадрид е на второто место со 24 бодови.


Јуриќ пред отказ, Рома сака да го доведе Алегри или Манчини

Сопствениците на Рома, влегуваат од грешка во грешка откако му дадоа отказ на Жозе Мурињо. Силно се шпекулира дека Иван Јуриќ наскоро ќе добие отказ, можеби нема да го дочека ниту следниот натпревар.

Како една од опциите кои најчесто се споменуваат за следен тренер на Рома е враќање на Даниеле де Роси кој уште е на платниот список на клубот.

Де Роси ја има поддршката од навивачите и фудбалерите иако немаше добри резултати. Можеби тој повторно ќе биде ставен за тренер со цел да се неутрализира моменталното незадоволство околу клубот.

Но, газдите на клубот разгледуваат и други кандидати, како имиња се споменуваат три докажани тренери кои во моментов се слободни, Масимо Алегри, Роберто Манчини и Клаудио Раниери.