фудбал

Рекорд на Бензема по бројот на настапи за Реал Мадрид

Напаѓачот Карим Бензема сезонава достигна уште едно историско достигнување играјќи во врвна форма за екипата на Реал.

Французинот беше стартер на гостувањето кај Манчестер Сити во полуфиналето на Лигата на шампионите и стана првиот странски играч со 600 натпревари за „кралскиот клуб“.

Вкупно 8 играчи имаат 600 или повеќе натпревари со тимот на Реал Мадрид. Лидер во рангирањето е Раул со 741 натпревар.


Наполи бара 50 милиони евра за Фабиан Руиз

Реал Мадрид е силно заинтересиран за играчот за врска на Наполи, Фабиан Руиз. 25-годишниот Шпанец пристигна во Наполи од Бетис и веднаш се промовираше во клучен играч во тимот, па сега е стандарден и во шпанската репрезентација.

Фабиан Руиз на лето влегува во последната година од договорот, па поради тоа Наполи е спремен да слушне понуди.

Најсилен интерес за него покажува Реал Мадрид, бидејќи Анчелоти одлично го познава Шпанецот и верува дека ќе биде долгорочна замена за Модриќ.

Наполи за неговата слобода бара 50 милиони евра, сума која Реал Мадрид е спремен да ја плати.


Иско го избрал новиот клуб, ќе му се придружи на Пелегрини во Бетис

Шпанските медиуми пренесуваат дека плејмејкерот на Реал Мадрид, Иско кариерата ќе ја продолжи во Бетис. Договорот на Иско со Реал Мадрид истекува на крајот на сезоната и тој како слободен агент имаше понуди од многу клубови ширум Европа.

Меѓутоа, Иско се одлучил кариерата да ја продолжи во Бетис и постигнал комплетен договор со клубот од Севиља.

Бетис пред неколку дена го освои Купот на Шпанија, а се уште има шанси да избори пласман во Лигата на шампионите.


Белоти бира меѓу трите понуди кои ги има на маса

Андреа Белоти на крајот од сезоната го напушта Торино, а на маса веќе добил неколку добри понуди. Неговиот договор со „биковите“ истекува во јуни, а тој нема да потпише нов и сигурно е дека ќе си замине како слободен играч.

Новинарот Руди Галети тврди дека Италијанецот е на мета на Севиља, Вест Хем и Аталанта, но дека има мали шанси да остане во Серија А.

Белоти има 28 години, а некогаш беше на мета на Арсенал. Торино бараше над 60 милиони евра за голгетерот, а сега ќе остане практично без ништо.


Европските гиганти со интерес за Ријад Марез

Барселона и Јувентус покажуваат голем интерес за фудбалерот на Манчестер Сити Ријад Марез.

Според информациите од медиумите, и челниците на ПСЖ сакаат да го доведат Марез во своите редови. Сити би можел да го продаде 31-годишниот играч од средниот ред за да ослободи доволно финансии за ангажманот на ѕвездата од Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд.

Договорот на Марез со шампионот на Англија важи до 30 јуни 2023 година.

Марез оваа сезона на 25 настапи за Сити во Премиер лигата, постигна 11 гола.


Баерн Минхен заинтересиран за Алер од Ајакс

Германскиот весник Билд пренесува дека екипата на Баерн Минхен е заинтересирана за доведување на напаѓачот од Ајакс, Себастијан Алер.

Според изворот, претставници на клубот од Минхен веќе стапиле во контакт со менаџерите на 27-годишниот фудбалер. 

Поранешниот играч на Вест Хем игра во одлична форма сезонава и е прва опција за замена на Роберт Левандовски.

Вредноста на трансферот би била околу 40 милиони евра, а фудбалерот посакува плата од 10 милиони евра годишно.


Араухо го продолжува договорот со Барселона

Уругвајскиот репрезентативец, Роналд Араухо постигна договор со раководството на Барселона за потпишување на нов договор со клубот.

Актуелниот договор на дефанзивецот истекува на крајот на јуни 2023 година. Двете страни се договорија фудбалерот да остане на „Камп Ноу“ до летото 2026 година.

Каталонците преку својот клупски сајт објавија дека потпишувањето на новиот договор ќе се случи во петок на 29 април на „Камп Ноу“.


Ибра го сруши рекордот на Тоти

Златан Ибрахимовиќ стана најстариот играч кој имал ефективен настап во Серија А.

Ибрахимовиќ тоа го направи на 40 години, 6 месеци и 21 ден. На тој начин успеа да го собори рекордот на поранешниот напаѓач на Рома, Франческо Тоти, кој имаше асистенција на 40 години, 4 месеци и 23 дена.

Да потсетиме, во рамките на 34. коло од италијанската Серија А, Лацио беше домаќин на Милан. Средбата се одигра во Рим на стадионот „Олимпико“ и заврши со победа на гостите со резултат 2:1. На оваа средба Ибрахимовиќ имаше асистенција за победничкиот гол на Милан.

Милан по 34 одиграни кола е на првото место на табелата во италијанската Серија А со 74 бодови.


Анчелоти: Знаеме како да се справиме со Манчестер Сити

Реал Мадрид се бори за своето прво финале во Лигата на шампионите од 2018 година, но ќе мора претходно во полуфиналето да се справи со Манчестер Сити, клуб кој важи за прв фаворит за освојување на турнирот. Тренерот на Реал, Карло Анчелоти ја почитува силината на противникот, но истакна дека неговиот тим знае како да се спротивстави.

„Против Манчестер Сити мора да се игра максимално компактно, во спротивно ќе биде незгодно. Нашиот настап во дефанзивна смисла ќе биде клучен за исходот на натпреварот. Ќе има периоди во кои противникот ќе проба долго да ја контролира топката. Многу е едноставно, мораме да пробаме да ја одземеме топката и да играме добра одбрана“, изјави Анчелоти.


Милан го договори Ориги, но сака уште еден фудбалер на Ливерпул

Милан постигнал комплетен договор со напаѓачот на Ливерпул, Дивок Ориги.

Ориги на лето го напушта Ливерпул како слободен агент, а кариерата ќе ја продолжи на „Сан Сиро“. Белгиецот ќе потпише 3-годишен договор со „росонерите“ и ќе заработува 4 милиони евра по сезона. Меѓутоа, „росонерите“ се заинтересирани за уште една ѕвезда на Ливерпил, а станува збор за Наби Кеита.

Кеита на крајот на сезоната влегува во последната година од договорот, но нема намера да преговара со Ливерпул за продолжување на неговиот престој на „Енфилд“.

Таквата ситуација сака да ја искористи Милан, кој во Кеита гледа идеална замена за Франк Кеси, кој заминува на крајот на сезоната.