фудбал

Шкотска и дивиот пат до Мундијалот: Историска ноќ на Хемпден

Scott Mctominay bicycle kick vs Denmark

Шкотска ја шокираше фудбалската јавност и избори пласман на Светското првенство, прв пат од 1998 година, со возбудлива победа од 4:2 над Данска на преполниот Хемпден парк. Натпреварот започна блескаво: уште во 3-та минута Скот Мектоминај постигна спектакуларен гол со ножички, момент што веднаш ја запали атмосферата во Глазгов. Данска израмни преку пеналот на Расмус Хојлунд, но исклучувањето на Расмус Кристенсен по втор жолт картон ја сврте играта во полза на домаќините.

Лоренс Шенкленд повторно ја донесе Шкотска во водство во 78. минута, но само три минути подоцна Патрик Доргу израмни и предизвика нов бран неизвесност.

Финишот беше вистинска фудбалска лудница. Кога се чинеше дека двете селекции ќе се задоволат со бод, Киран Тирни во 93-та минута испрати прецизен и моќен удар од далечина за 3:2, предизвикувајќи ерупција на трибините. Но спектаклот не заврши тука: во 98-та минута Кени Меклин со сензационален лоб од својата половина го совлада Каспер Шмајхел и ја запечати историјата, Шкотска конечно се врати на Мундијалот.

Победата предизвика радост низ целата земја, додека Данска сега ќе мора да се бори во баражите за место.

Овој успех е многу повеќе од спортски подвиг. За шкотскиот народ, враќањето на најголемата сцена по речиси три децении е длабоко емотивен момент. Тимот на Стив Кларк конечно го круниса вложениот труд со историски резултат. Капитенот Енди Робертсон ја посвети победата на својот поранешен соиграч Диого Жота, додавајќи трогателна нота на оваа незаборавна вечер.

Шкотска конечно се враќа таму каде што отсекогаш верувала дека припаѓа, меѓу најдобрите во светскиот фудбал.


Земја со 155 илјади жители се квалификува за Светското првенство: Курасао пишува историја!

Curacao player celebrating

Курасао постигна сензационален успех станувајќи најмалата земја што некогаш изборила пласман на Светско првенство. Со популација од околу 155.000 жители, ова карипско островче го собори рекордот на Исланд, кој во 2018 година се пласираше со повеќе од 350.000 жители.

На квалификациите за Мундијалот, Курасао имаше беспрекорна кампања и како лидер во групата Б со 12 бода обезбеди место на турнирот. Историскиот резултат беше потврден со драматично реми од 0–0 против Јамајка во последното коло, натпревар кој донесе голема неизвесност, особено откако во финишот беше поништен пенал за Јамајка по интервенција на ВАР.

Составот на репрезентацијата најмногу го сочинуваат фудбалери родени во Холандија, неколку со врски со турскиот фудбал, но сите обединети околу целта да го претстават Курасао на светската сцена.

Со овој успех, Курасао не само што дебитира на едно Светско првенство, туку и ја запишува својата најголема фудбалска приказна, пример за упорност, единство и спортски дух.


Фулам му нуди нов договор на Марко Силва

Фулам му понуди нов договор на менаџерот Марко Силва, објави „Скај Спортс“.

На португалскиот менаџер му е понуден тригодишен договор со подобрени финансиски услови.

Самиот Марко Силва веќе доби неколку понуди од други клубови за заминување, вклучително и од клубови од Премиер лигата. Покрај тоа, 48-годишниот менаџер на Фулам веќе ги отфрли и понудите од Саудиска Арабија.

Тој отсекогаш бил убеден дека сака да ја продолжи кариерата во Премиер лигата.


Добри вести за Флик: Рафиња се врати на тренинзите на Барса

28-годишниот крилен напаѓач на Барселона, Рафиња, се врати на тренинзите по повредата, објави официјалниот профил на клубот на социјалните мрежи X.

За потсетување, кон крајот на септември, бразилскиот крилен напаѓач се повреди за време на натпреварот од 6-то коло од шпанското првенство против Овиедо (3:1), по што мораше да биде надвор од тренажен процес.

Следниот натпревар на каталонскиот тим ќе се одржи на 22 ноември. Барселона ќе се соочи со Атлетик Билбао на реновираниот „Камп Ноу“. Натпреварот ќе можат да го гледаат 45.000 навивачи.

Оваа сезона, играчот одигра седум натпревари за клубот во сите натпреварувања, постигна три гола и направи две асистенции.


Дебакл на македонските фудбалери во Велс

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа пораз од 7-1 против Велс во последниот квалификациски натпревар од циклусот за СП 2026. Со тоа, нашиот национален тим на крајот од квалификациите се пласира на третата позиција во групата со 13 освоени бода и ќе игра мундијалски бараж по потешкиот пат. Во ждребот во четврток ќе бидеме во четвртиот барабан.

Дејвид Брукс најави дека Велс е заинтересиран за силен меч откако во петтата минута, шутираше над гредата.

Во 18. минута изнуди пенал, откако Стојчевски минимално стартуваше над него по проигрувањето од Даниел Џејмс.

Хари Вилсон беше успешен реализатор на најстрогата казна. Три минути подоцна Бренан Џонсон го проигра Брукс за 2-0.

Македонија успеа да се врати во мечот во 23.минута. Дарко Велковски одлично го проигра Бојан Миовски кој влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар ја затресе противничката мрежа.

Велс продолжи да напаѓа, Неко Вилијамс беше блиску до трет гол, но Столе Димитриевски одбрани, а и дирекот беше сојузник. Сепак, во 37.минута, Бренан Џонсон упати проектил од 25 метри и погоди во горниот агол за 3-1.

Енис Барди се обиде од слободен удар во 42.минута, но Дарлоу беше внимателен и исфрли во корнер.

Во вториот дел, Барди имаше можност во 52.минута, но неговиот удар беше изблокиран, а на спротивната страна веднаш одговори Брукс. Сепак, Столе Димитриевски со одлична интервенција спаси нов погодок.

Велшаните во 57.минута поведоа со 4-1 по одлична акција, која во гол ја претвори Даниел Џејмс.

Хари Вилсон во 75.минута постигна прекрасен погодок од слободен удар, зголемувајќи на 5-1.

Во 81.минута, Хари Вилсон дојде и до хет-трик, откако реализираше уште еден пенал, по прекршокот што го направи Дарко Велковски.

Велс до крајот постигна уште еден погодок преку Нејтан Бродхед за конечни 7-1.


Минимален пораз на У21 селекцијата од Полска во Битола

Македонската репрезентација до 21 година го претрпе и петтиот пораз во актуелните квалификации, откако во Битола беше поразена од селекцијата на Полска со 0-1 во рамки на шестото коло од квалификациите за ЕП 2027.

Лидерот на групата, кој има 100% учинок во оваа кампања, на екстремно тешкиот терен во Битола многу подобро се снајде од нашиот состав. Голот го постигна навреме, во 33. минута преку Коцаба, со што ја валоризираше својата сериозна теренска надмоќ.

Во второто полувреме речиси идентична слика на теренот. Полска беше надмоќна, ги добиваше речиси сите дуели, додека нашите репрезентативци и покрај желбата да се спротивстават, едноставно не успеаја да создадат посериозна шанса, а ниту упатија директен удар кон голот.

Конечниот удар ни го зададе вториот жолт картон за Димески, добиен десетина минути пред крајот, по што Полска против десетмина наши фудбалери рутински го приведе мечот кон своја победа.

Македонија останува претпоследна на табелата, со само три освоени бодови од шест одиграни натпревари.


Уште еден Тимбер на пат да го облече дресот на Арсенал

Лондонски Арсенал размислува да го потпише 24-годишниот играч од средниот ред на Феенорд, Квинтен Тимбер. Холандскиот репрезентативец би можел да стане потенцијална трансфер цел на англискиот клуб, објавија медиумите во Лондон.

Квинтен Тимбер би можел да стане слободен агент по завршувањето на оваа сезона, бидејќи неговиот тековен договор со клубот од Ротердам истекува на крајот на јуни.

Според извор, лондонскиот клуб ја проценува можноста за потпишување на договорот со играчот од средниот ред. Еден значаен аспект е фактот дека братот близнак на Квинтен, Јуриен Тимбер , веќе игра за „Топџиите“ .

Оваа сезона, играчот одигра 14 натпревари за Феенорд, постигнувајќи два гола и асистенција. Експертите на „Трансфермаркт“ ја проценуваат пазарната вредност на холандскиот репрезентативец на 30 милиони евра.


Повредата на Шешко не е наивна, ќе паузира шест недели

Словенечкиот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Бенјамин Шешко, ќе отсуствува најмалку еден месец поради повредата што ја заработи на натпреварот против Тотнем Напаѓачот го напушти теренот со болна гримаса, а медицинските испитувања потврдија дека станува збор за проблем кој бара подолг период на рехабилитација.

Поради тоа, Шешко сигурно ќе ги пропушти следните шест кола во Премиер лигата. Јунајтед ќе мора да игра без него на домашниот дуел против Евертон, како и на гостувањето кај Кристал палас, а потоа следуваат натпреварите против Вест хем на „Олд Трафорд“, гостувањето кај Вулверхемптон, средбата со Борнмут и тешкото гостување кај Астон вила.

Иако точниот датум на враќање ќе зависи од темпото на рехабилитацијата, првичните проценки се дека Шешко би можел да се врати за дуелот против Њукасл на вториот ден од Божиќ.


Бензема: Вини направи многу за Реал, тој е момче со големо срце

Винисиус Жуниор често е мета на критики, особено поради неговото проблематично однесување, неговиот поранешен соиграч, Карин Бензема, му даде поддршка.

Последниот скандал кој го направи Винисиус е кога беше бесен на Чаби Алонсо кога тој реши да го повлече од Ел Класико мечот.

„Не заборавајте што направи Винисиус за Реал Мадрид, тоа воопшто не би било ер. Тој е многу добро дете, со големо срце, кој сака да учи, тој е феноменален. Луѓето му прават голем притисок. Тој може повеќе, но не може да кажете дека е лош сега“, рече Бензема.


Овиедо ќе му исплати 1,7 милиони евра на Пауновиќ

Шпанските медиуми пишуваат дека новиот селектор на Србија, Вељко Пауновиќ конечно се договорил со Овиедо за висината на отштетата која треба да му ја исплати клубот.

Србинот го врати Овиедо во најдобрата шпанска лига, но само по неколку месеци во Ла Лига доби отказ.

Последните информации велат дека Овиедо ќе му исплати отштета од 1,7 милиони евра на Пауновиќ која ќе биде исплатена на две рати.

Со ова се отстранети сите пречки за тој да потпише долгорочен договор со Србија.