фудбал

Шест репрезентации се чекираа во нокаут фазата на Мундијалот

Завршија првите две кола на Светското првенство, а за шест репрезентации третото коло ќе биде само формалност, тие се веќе елиминирани.

Првенството заврши за Турција, Тунис, Хаити, Панама, Јордан и Узбекистан, овие селекции ги загубија сите шанси за место во нокаут фазата.

Седум селекции веќе се пласираа во 1/16 финалето, Мексико, САД, Германија, Аргентина, Франција, Норвешка и Колумбија.


Будимир човек на одлука, Хрватска минимално подобра од Панама

Хрватска со 1-0 ја победи Панама, со истиот резултат славеше Колумбија над Конго во ноќните натпревари од Светското првенство.

По поразот од Англија во првото коло, Хрватите дојдоа до првата победа на Мундијалот откако ја совладаа Панама.

Селекторот Златко Далиќ реши да направи измена на стартот од второто полувреме, на местото на Муса во игра го стави Будимир и тоа се покажа како вистински потег.

Во 54. минута Хрватска направи една фантастична акција по десната страна која резултираше со центаршут на Станишиќ и гол на Будимир за водство од 1-0, што на крајот се покажа и како конечен резултат.

Со 1-0 победи и Колумбија во дуелот со Конго и обезбеди место во нокаут фазата од Светското првенство.

Стрелец на единствениот гол беше Муњоз на 15 минути до крајот на натпреварот.


Сити ќе му плати 20 милиони евра на Челзи за Мареска

Очекуваниот нов менаџер на Манчестер Сити, Енцо Мареска, ќе го чини клубот 20 милиони евра, објави „Скај Италија“. Ова ќе биде сумата што ќе му биде исплатена како казна на Челзи, со кого Италијанецот сè уште има договор, иако долго време не е менаџер на тимот.

Според последните информации, двата клуба постигнале договор и се очекува Мареска многу наскоро да се појави на „Етихад“, каде што ќе треба да ја продолжи работата на Пеп Гвардиола. За Мареска, ова е враќање во Манчестер Сити, каде што веќе беше дел од стручниот штаб на Пеп. Договорот на тренерот ќе биде за три сезони.

Во својата единствена целосна сезона на чело на „Сините“, Мареска ги освои титулите во Лигата на конференции на УЕФА и Светското клупско првенство. Тој го остави тимот на петтото место на табелата во Премиер лигата од 1 јануари 2026 година – пет места повисоко од нивното последно десетто место.

Мареска претходно му беше помошник на Гвардиола во сезоната во која Манчестер Сити ја освои тројната круна во 2023 година. Тој исто така го предводеше елитниот младински тим на клубот до титулата во Премиер лигата 2 во својата единствена сезона на клупата во 2020/21 година.


Гана ја запре Англија и освои огромен бод кој може да вреди нокаут фаза!

Гана приреди мало изненадување на Светското првенство откако освои бод против Англија играјќи 0-0 во натпреварот од второто коло.

„Гордиот Албион“ беше подобар ривал и создаде повеќе шанси, но африканската селекција одигра дисциплинирано и успеа да ја сочува својата мрежа. Англичаните најчесто се закануваа преку Кејн, Мадуеке и Сака, но недостасуваше завршниот удар.

Најголемата можност за победа Англија ја пропушти во финишот кога О’Рајли ја затресе пречката, а во продолжението на акцијата Кејн не успеа да ја искористи одбиената топка.

Со овој резултат двете репрезентации остануваат во добра позиција за место во осминафиналето. Англија во последното коло ќе се соочи со Панама, додека Гана ја очекува важен дуел против Хрватска.


Роналдо испиша историја, Португалија убедлива против Узбекистан

Во воведниот натпревар од 2 коло во групата К на Светското првенство, Португалија извојува вечерва во Хјустон убедлива победа над Узбекистан со 5-0, а двојниот стрелец Кристијано Роналдо (41), стана првиот фудбалер во историјата кој постигнал гол на шест различни мундијалски турнири.

Португалија дојде во водство веќе во 6. минута преку Роналдо, кој до крајот на полувремето го постигна и својот втор гол на натпреварот во 39. минута откако претходно Мендеш беше прецизен од слободен удар во 17. минута.

По еден час игра Португалија имаше водство од 4-0, кога Нематов ја затресе сопствената мрежа, а конечниот резултат го постави Леао во 87. минута.

Роналдо вечерва додее до бројката од десет голови на светските првенства од кои првиот го постигна на 17 јуни 2006 година против Иран.

Португалија води на табелата во групата К со четири бодови пред дуелот од последното коло против Колумбија, која претходно утре рано наутро ќе се соочи со третопласираната Гана.


Алварез сака во Барса, Атлетико не сака ни да чује

Аргентиснкиот напаѓач, Хулијан Алварез, откри дека е подготвен да го напушти Атлетико Мадрид ова лето за да го оствари својот трансфер од соништата. Иако моментално е на Светското првенство со аргентинската репрезентација, најмногу сака да го смени клубот.

Пред две години, Атлетико го купи од Манчестер Сити за 75 милиони евра ( и 20 милиони преку потенцијални бонуси). Оттогаш, на 106 натпревари, постигна 49 гола и забелеѓа 17 асистенции, но не освои ниту еден трофеј. Алварез, кој освои сè со Ривер Плата, Манчестер Сити и Аргентина, затоа сака да оди во клуб каде што ќе освојува трофеи.

Тој ја потврди својата желба да замине синоќа, по победата на Аргентина над Австрија, иако навести дека нема да се постигне договор пред крајот на Светското првенство.

„Не е момент да се зборува за тоа, но не можам ниту да кријам“, им рече Алварез на новинарите. „Се обидувам да бидам искрен. Разговарав со луѓе од Атлетико Мадрид и мислам дека трансферот е најдоброто решение за сите. Сакам да го исполнам мојот сон.“

Се подразбира дека „сонот“ на 26-годишниот напаѓач е да се пресели во Барселона, но односите меѓу двата клуба се нарушени. Барселона веќе се обиде да го доведе Алварез, но нивната понуда од околу 100 милиони евра беше одбиена. Атлетико Мадрид сега се заканува со тужба против Барселона поради начинот на кој пристапиле кон играчот.

„Нема сума за која Барса може да го купи Хулијан Алварез. Тој нема да се пресели во Барселона“, изјавија од Атлетико за „АС“. „Или ќе ја платат откупната клаузула од 500 милиони евра или нема ништо од трансферот.“


Меси собори четири гинисови рекорди со головите против Австрија

Два дена пред неговиот 39-ти роденден, Лионел Меси постави дури четири рекорди на Светските првенства.

Во победата на бранителот на титулата против Австрија со 2-0, во второто коло од групата, Меси ги постигна двата гола и со тоа постави рекорди, кои беа потврдени и од Гинисовата книга на рекорди.

Во соопштението за медиумите објавено по натпреварот, Гинисовата книга на рекорди ги наведе достигнувањата на Меси: со вкупно 18 гола, тој стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства, одигра најмногу натпревари (28), постигна најмногу победи (18) и помина најмногу минути на теренот на Светското првенство, вкупно 2489.

„Сведочиме на историски рекорди“, кратко изјавија од Гинис по повод најновите успеси на Меси на


Халанд: Франција ќе нè победи и ќе го освои Светското првенство

Ерлинг Халанд блеска на своето прво Светско првенство. Брилијантниот напаѓач на Норвешка постигна четири гола на два натпревари.

Прво, постигна два гола против Ирак во победата од 4:1, а потоа имаше идентичен учинок и во триумфот од 3:2 против Сенегал.

Норвешка, заедно со Франција од И групата изборија место во нокаут фазата.

По дуелот со Сенегал, тој не зборуваше многу за својата одлична игра.

„Јас сум навистина добар во постигнување голови“, истакна норвешкиот напаѓач.

Од него беше побарано да коментира и за следниот натпревар против Франција.

„Не ми е гајле, ние се пласиравме понатаму. Франција веројатно ќе нè победи и ќе го освои турнирот“, заклучи Халанд.


Ријад Марез е втор највозрасен африкански мундијалски асистент

Алжирскиот напаѓач Ријад Марез, на возраст од 35 години и 4 месеци, стана вториот највозрасен африкански фудбалер кој асистирал на Светското првенство.

Рекордот сè уште му припаѓа на камерунскиот напаѓач Роџер Мила , кој асистираше на натпреварот против Англија на 1 јули 1990 година, на возраст од 38 години и 1 месец.

Марез имаше асистенција во натпреварот од второто коло од групната фаза на Светското првенство во 2026 година против Јордан. Натпреварот се одигра синоќа и заврши со победа на Алжир од 2:1.

По два натпревари, Алжир е трет во групата Ј со три бода. Следниот натпревар на тимот ќе биде против Австрија на 28 јуни, во третото коло од групната фаза.


Манчестер Јунајтед обезбеди земјиште за супермодерен стадион

Новиот стадион на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед направи огромен, конкретен чекор кон целосна трансформација на британскиот фудбалски пејзаж. Клубот официјално потврди дека го обезбеди поголемиот дел од земјиштето потребно за изградба на нов, најсовремен стадион со капацитет од 100.000 седишта. Со овој пресврт, амбициозниот проект на малцинскиот сопственик Сер Џим Ретклиф, познат како „Вембли на северот“, преминува од фаза на храбар план во реалност.

Клучниот момент во преговорите се случи со купувањето на витална парцела од 25 акри од компанијата „Индурен“: лидер во управување со индустриски простори под покровителство на гигантот „Блекстоун“. Овој триаголен плац се наоѓа на околу 350 метри северозападно од сегашниот Олд Трафорд, позициониран меѓу клучните сообраќајници во тој дел од градот.

Постигнувањето на овој договор му овозможи на клубот да ги заобиколи претходните блокирани преговори со железничкиот оператор „Фрејтлајнер“. Иако преостанува да се финализираат уште неколку помали парцели, раководството е уверено дека тоа нема да претставува пречка. Со оглед на тоа што новата локација е веднаш до сегашниот дом на клубот, Јунајтед ќе може непречено да ги игра своите натпревари на Олд Трафорд за време на петгодишниот период на изградба.

Од естетски и структурен аспект, целта на клубот е да создаде нешто досега невидено на островот. Проектот, потпишан од реномираното архитектонско студио „Фостер енд Партнерс“ предвидува стадион со масивен покрив во форма на чадор, оптимизиран за собирање на дождовница и за соларна енергија. Дизајнот вклучува и три огромни структурни столбови кои ќе ја прават арената видлива од далечина од дури 40 километри.

Со капацитет од 100.000, новиот стадион убедливо ќе го надмине националниот стадион Вембли (90.000 седишта) како најголем спортски објект во Велика Британија, додека во европски рамки ќе биде веднаш зад реновираниот Камп Ноу во Барселона.

„Обезбедувањето на вистинското земјиште беше од витално значење за нашиот нов дом“, изјави Колет Рош, извршен директор за развој на новиот стадион на Манчестер Јунајтед. „Оваа парцела ни дава совршена сцена за да изградиме објект од светска класа што ќе ја почитува нашата богата историја, но и ќе не подготви за иднината.“

Овој мега-проект далеку ги надминува границите на фудбалот. Новиот стадион е замислен како круна на пошироката стратегија за урбана регенерација на реонот, која опфаќа површина од 370 акри. Во соработка со локалните власти, се предвидува дека проектот ќе инјектира неверојатни 7 милијарди фунти годишно во британската економија.

Мастер-планот предвидува изградба на околу 15.000 нови домови (вклучувајќи и социјални станови), како и отворање на 48.000 локални работни места, односно до 90.000 на национално ниво. Следниот голем чекор за навивачите и за јавноста е закажан за четврток, 9 јули 2026 година, кога официјално ќе биде објавен нацрт-планот кој ги содржи и сите инфраструктурни надградби, со што и формално ќе започне периодот на јавна консултација.