фудбал

Мексико максимален во групата, Јужна Африка сензационално во елиминациите

Мексико ја победи Чешка со 3-0, а Јужна Африка ја изненади Јужа Кореја, победи со 1-0, во третото коло од Групата А на Светското првенство.

Мексиканците на домашен терен, ја завршија групата со максимални три победи и без примен гол.

Против Чешка, селекторот Агире ротораше во составот, но ниту тоа не беше пробле да се победи Чешка. Мечот беше решен во второто полувреме. Во 55-та минута, Матео Чавез го постигна првиот гол.

По тој гол, Чешка целосно се отвори, што Мексико го искористи во 62-та минута кога Хулијан Кињонес ја искористи лошата реакција на одбраната и го постигна вториот гол на турнирот.

До крајот на натпреварот, темпото падна, но домашната екипа рутински ги контролираше настаните. Алваро Фидалго стави крај на играта во судиското продолжение, потврдувајќи го убедливиот триумф и совршениот настап на Мексико во групата.

Посебен момент беше забележан на крајот кога легендарниот голман Гилермо Очоа влезе од клупата и беше пречекан со овации од домашната публика, продолжувајќи ја својата импресивна приказна за Светското првенство.

Мексико ја заврши групната фаза со максимален учинок и импресивна серија од 11 натпревари без пораз, додека Чешка, која се врати на Светското првенство по две децении, го завршува турнирот.

Еден бод и беше доволен на Кореа за пласман во нокаут фазата, но со начинот на кој играа не го заслужија. По добриот почеток, тие целосно застанаа, а Јужна Африка создаваше шанси.

Масеко уништи неколку контранапади, но во 63-та минута беше концентриран и ја испрати топката во мрежата.

Одговорот на Јужна Кореја не стигна, нетипично за оваа селекција, играта беше бавна, додавањата непрецизни.

Јужна Африка, во четвртиот настап, прв пат мина во нокаут фазата. Веќе е познато дека за пласман во осминафиналето ќе играат против Канада.


Босна одушеви, победа над Катар и пласман во нокаут-фазата

Босна и Херцеговина со 3-1 го победи Катар и најверојатно ќе се пласира во нокаут фазата, Швајцарија со 2-1 славеше над Канада и како прва оди понатаму на Светското првенство.

На Босна и Херцеговина ѝ беше неопходна победа за да остане во игра за пласман во нокаут фазата како една од осумте најдобро третопласирани селекции.

Босанците успеаа да дојдат до триумф против Катар и тоа го направија со доминантна игра на теренот.

Резултатот беше отворен во 29. минута кога Алајбеговиќ со прекрасен шут донесе водство за Босна и Херцеговина од 1-0.

Пет минути подоцна по центаршут на Џеко, Абунада си постигна автого, БиХ поведе со 2-0.

Пред крајот на првото полувреме Катарците ја преполовија негативата откако Ал Хајдос даде гол за 1-2.

Конечните 3-1 беа дело на Махмиќ во 80. минута од натпреварот.

Швајцарија со 2-1 ја совлада Канада, сите три голови беа постигнати во второто полувреме.

По само неколку секунди игра во вториот дел, Варгас донесе водство за Швајцарија од 1-0.

Во 57. минута Манзамби реализираше за предност од 2-0 за Швајцарците.

На 15 минути до крајот Канада се врати во живот откако нововлезениот Давид Промис даде гол за 2-1, но тоа беше конечниот резултат.

Швајцарија со седум бодови го освои првото место, Канада со подобра гол разлика е на второто место со четири бодови колку што има и третата БиХ. Катар е елиминиран, освои само еден бод.

На БиХ би требало четири бода да ѝ се доволни за место во нокаут фазата, но ова е само прва група од вкупно 12, па Босанците ќе го чекаат расплетот до крај за да дознаат дали сигурно ќе одат понатаму.


Бразил пресилен за Шкотска, Нејмар се врати во „селесао“ по скоро три години

Бразил со убедливи 3-0 ја совлада Шкотска, Мароко со 4-2 беше подобар од Хаири во последните натпревари од оваа група.

Нејмар се врати од повредата и ги одигра последните 15 минути од натпреварот, Бразилецот беше многу емотивен, по крајот дури и заплака.

Одличен натпревар имаше Винисиус Жуниор кој постигна два гола во првото полувреме за водство на Бразил од 2-0.

По 15 минути игра во вториот дел Куња ги постави кончените 3-0.

Интересен натпревар одиграа Мароко и Хаити кој го добија Мароканците со 4-2.

Хаити двапат водеше во првото полувреме, Мароко двапати израмнуваше, резултатот беше 2-2 по 45 минути игра.

Во вториот дел Мароканците постигнаа уште два гола и не дозволија изненадување.

Бразил заврши на првото место во групата со седум бода, исто колку и Мароко, но со подобра гол разлика. Шкотска е трета со три бода и ќе чека да види дали ќе биде една од најдобрите осум третопласирани селекции. Хаити е последен без бодови.


Кејн изби пред Бекам на вечната листа

Репрезентацијата на Англија одигра без голови на мечот со Гана а капитенот на „Трите лава“, Хари Кејн, го престигна легендарниот, Дејвид Бекам, по бројот на одиграни натпревари.

Тој започна во првата постава со што го забележа 116-от меч и се искачи на ранг-листата на сите времиња пред Бекам кој има 115.

Во селекцијата на „Гордиот Албион“, лидер е Питер Шилтон (125) пред Вејн Руни со 120 мечеви.


Алмирон ќе паузира еден натпревар по исклучувањето со Турција

Репрезентативецот на Парагвај, Мигел Алмирон, заработи казна од еден натпревар откако стана првиот играч исклучен поради покривање на устата додека разговараше со противнички играч.

Тој го направи прекршокот обраќајќи се кон Мерт Мулдур на мечот против Турција одигран во изминатиот петок.

Дисциплинската комисија на ФИФА ја потврди санкцијата за новото правило со што играчот на Парагвај ќе мора да го прескокне утрешниот меч со Австралија.


Силекс се засили со двајца фудбалери од БиХ

Кратовскиот клуб го потврди ангажманот на босанските фудбалери, Нихад Шеро и Есмир Хасукиќ кои доаѓаат од првенството на БиХ.

Силекс не информираше на колку години потпишале двете нови засилувања.

„ФК Силекс со задоволство ги претставува двете нови засилувања за сезоната 2026/27 – босанските напаѓачи Нихад Шеро и Есмир Хасукиќ кои пристигнуваат од босанското првенство.

27-годишниот Нихад Шеро настапува на крилните позиции во нападот, во кариерата има настапувано за клубови од Босна и Херцеговина, а во Кратово пристигна од редовите на ФК Челик Зеница. 24-годишниот Есмир Хасукиќ игра како централен напаѓач, исто така со настапи во босански клубови, а во Силекс доаѓа од ФК ГОШК Габела.

Двајцата фудбалери веќе се приклучија на тимот и ги одработуваат подготовките во Охрид“, стои во соопштението на кратовскиот клуб.


Лацио го претстави Гатусо како свој нов предводник

Џенаро Гатузо беше официјално претставен како нов шеф на тренерскиот штаб на Лацио.

Раководството на римскиот клуб го потврди доаѓањето на темпераментниот тренер, ставајќи крај на турбулентниот период по заминувањето на Маурицио Сари. Гатузо потпиша двегодишен договор со опција за продолжување, со годишна плата од околу 1,5 милиони евра.

Гатузо се враќа во Серија А по пет години, откако од клупата ги водеше Валенсија, Олимпик Марсеј и Хајдук од Сплит откако ја напушти Фиорентина.

Неговата претходна работа беше селектор на италијанската репрезентација, но неговиот тим доживеа дебакл во плејофот за Светското првенство. „Азурите“ беа елиминирани од селекцијата на Босна и Херцеговина во Зеница во март.

Гатузо немаше многу успех на клупата на Хајдук од Сплит, ниту во Франција или Шпанија. Сепак, сето ова очигледно немаше негативно влијание врз неговиот углед во татковината.


Челзи пред потпис со Палестра од Лече

Италијанските медиуми објавувија дека се случил пресврт во трката за потписот на младиот италијански фудбалер Марко Палестра

Челзи сериозно ја надмина понудата на Интер и ја презеде иницијативата во преговорите со Аталанта.

Според неколку извори, „сините“ се подготвени да платат околу 55 милиони евра со дополнителни бонуси, а играчот би добил поголема плата од онаа што му ја понуди Интер, што практично го исфрли клубот од „Џузепе Меаца“ од трката за неговиот потпис.

Палестра остави силен впечаток на позајмица во Каљари во текот на претходната сезона, па се чинеше дека неговиот трансфер во Интер е речиси завршена работа.

Дури и Аталанта беше блиску до договор со „нероаѕурите“, со пакет од околу 45 милиони евра плус бонуси.

Според италијанските медиуми, Интер веќе му понудилплата во износ од околу 2,5 милиони евра по сезона.

Пресвртот се случил кога новиот тренер Чаби Алонсо побарал од раководството на Челзи веднаш да реагира и да го доведе талентираниот Италијанец.

Лондонскиот клуб потоа агресивно влезе во преговори и понуди повеќе од двојно поголема плата во споредба со Интер, со вкупен пакет што далеку ја надминува конкуренцијата.

Покрај финансиската разлика, одлучувачки фактор беше јасната намера на Челзи веднаш да ја заврши работата, што на крајот ја поништи одлуката на играчот.

Аталанта, од своја страна, му ја препушти конечната одлука на играчот, но се чини дека Палестра е сè поблиску до одлуката да ја продолжи кариерата во Премиер лигата.


Инфантино: Светското првенство во 2026 година e најуспешен настан во историјата

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, зборуваше за успехот на Светското првенство 2026.

Според организаторите, стапката на пополнетост на стадионите по 44 натпревари од групната фаза на Светското првенство е во просек 99,6 проценти.

-Неверојатно е. Поголемо од сè што светот некогаш видел – не само фудбалски настан, туку настан во секоја смисла на зборот. Тоа е најуспешниот настан во историјата. Стадионите се полни, градовите се полни, атмосферата е величествена, изјави Инфантино на официјалната веб-страница на ФИФА.

По две кола од Светското првенство 2026 пласман во нокаут фазата веќе изборија: Мексико, САД, Германија, Аргентина, Франција, Норвешка и Колумбија.

Светското првенство 2026 година се одржува од 11 јуни до 19 јули. Учествуваат четириесет и осум национални репрезентации. За прв пат во историјата, турнирот се одржува во три земји: Мексико, САД и Канада.


Кеироз: ВАР собата замина на кафе, само затоа Англија не загуби

Селекторот на Гана, Карлос Кеироз, не го криеше своето незадоволство по ремито без голови против Англија на Светското првенство. Селекторот смета дека неговата репрезентација е оштетена за чист пенал и исклучување.

Иако Англија доминираше во поседот и ја имаше топката во свои нозе дури 79 проценти од времето, репрезентацијата на Гана успешно се спротивстави на притисокот и стигна до важен бод во Групата Л.

Сепак, Кеироз верува дека неговата репрезентација заслужи повеќе.

„Не сум сигурен дека ВАР сè уште функционира на ова Светско првенство. Дали воопшто е активен? Имам сериозни сомнежи бидејќи Гана не доби чист пенал против Англија“, рече искусниот тренер на прес-конференција.

Тој беше особено огорчен поради ситуацијата на крајот од натпреварот, кога сметаше дека Принс Аду беше фаулиран од Езри Конса за најстрогата казна.

„Имавме свои шанси и можам да кажам дека Англија имаше многу среќа. Уште еднаш, ВАР замина на кафе. Секако, би сакал од време на време да одам на кафе, но ова беше чист пенал и црвен картон“, рече Кеироз со насмевка.

Селекторот на Гана се обиде да ги ублажи критиките со хумор, свесен за можните дисциплински последици.

„Се извинувам за сарказмот. Ако кажам вакви работи сериозно, веројатно ќе бидам казнет, ​​па се надевам дека разбирате дека се шегувам“, додаде Португалецот.