фудбал

„Франс Фудбал“ ги објави кандидатите за „Златната топка“

Францускиот магазин „Франс фудбал“ денеска ја објави листата со кандидати за наградата „Златна топка“ за најдобар фудбалер во светот на која се најдоа десет фудбалери од актуелниот европски првак ПСЖ, а по двегодишно отсуство, за престижната награда е номиниран и Аргентинецот Лионел Меси, кој има рекордни осум признанија во кариерата.

Од редовите на ПСЖ за наградата конкурираат Хвича Кварацхелија, Нуно Мендеш, Жоао Невеш, Витиња, Маркињос, Ашраф Хакими, Вилијан Пачо, Фабијан Руиз, Феран Торес и минатогодишниот лауреат Усман Дембеле.

Реал Мадрид и Баерн Минхен имаат по четворица кандидати – Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор, Марк Кукуреља и Џуд Белингам, од шпанскиот тим и Хари Кејн, Михаел Олисе, Луис Дијаз и Дајот Упамекано од редовите на германскиот првак.

Актуелниот англиски шампион и европски вицепрвак Арсенал е претставен на листата со Вилијам Салиба, Габриел Магаљаес и Деклан Рајс, додека од шпанскиот шампион Барселона за наградата се номинирани Ламин Јамал, Пау Кубарси и Родри.

Меѓу кандидатите се двајца фудбалери кои во моментов настапуваат во Саудиска Арабија – Садио Мане од Ал Наср и Хулијан Кињонес од Ал Кадисија.

Останатите играчи на листата се Ерлинг Халанд од Манчестер Сити, Бруно Фернандеш од Манчестер Јунајтед и капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез.

Церемонијата на доделување на наградата за најдобар фудбалер во светот ќе се одржи на 26 октомври во Лондон.


Паоло Ваноли се врати на клупата на Фиорентина

Паоло Ваноли и официјално се врати на клупата на Фиорентина, само три месеци откако клубот од Фиренца одлучи да не ја продолжи соработката со него по завршувањето на минатата сезона.

Италијанскиот стручњак доаѓа како замена за Фабио Гросо, кој доби експресен отказ по катастрофалниот почеток на новата сезона во Серија А, каде тимот претрпе три порази во првите три кола и се најде на последното место на табелата без ниту еден освоен бод. Раководството на клубот реши да ја поправи грешката од јуни и веднаш го врати Ваноли, кој веќе го одработи и првиот тренинг со екипата.

Ова е втор пат Ваноли да ја презема Фиорентина во тешка ситуација, откако минатата сезона успеа да го стабилизира тимот и да обезбеди опстанок во елитата.


Локатели се повреди, нов проблем за Спалети

Јувентус пред дербито со Милан беше без дури седуммина фудбалери, а сега на листата на повредени е додадено уште едно име.

Поради повредата на коленото која ја заработи во неделниот натпревар, Мануел Локатели можеби ќе треба да биде подложен на операција на менискусот објавија италијанските медиуми.

Искусниот дефанзивен играч за врска во наредните денови ќе биде под постојан надзор на лекарскиот тим, по што ќе биде донесена одлука дали ќе мора да оди на операција или, сепак, повредата ќе може да се санира со мирување и третман.


Кејн: Оваа сезона ќе биде наша сезона

Напаѓачот на Баерн Минхен, Хари Кејн, верува дека неговиот тим е подготвен за нов напад на трофејот во Лигата на шампионите.

Баварците минатата сезона беа елиминирани во полуфиналето од ПСЖ, кој потоа ја освои титулата.

„Навистина сме блиску. Минатата сезона деталите решија сè. Сега влегуваме со став дека ова мора да биде наша сезона. Мора да најдеме начин да успееме“, изјави Кејн.

Баерн новата сезона во Лигата на шампионите ја започнува со големи амбиции, а Кејн неодамна истакна дека европската титула е една од главните цели на тимот.


Артета: Уживав во секоја минута од дербито со Челзи

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, беше воодушевен од настапот на својот тим во победата од 2-1 против Челзи во лондонското дерби.

„Уживав во секоја минута, од почетокот до крајот. Почетокот беше тежок, но реакцијата на тимот беше спектакуларна – со самодоверба, решителност и квалитет“, изјави Артета.

Шпанецот смета дека Арсенал има потенцијал да биде уште подобар во продолжението од сезоната. Посебно го пофали капитенот Мартин Одегард, кој постигна гол и според него е на едно од највисоките нивоа во кариерата.

Артета го истакна и Каи Хаверц, кој исто така погоди против Челзи и, според менаџерот, изгледа физички подготвен, расположен и самоуверен.

„Сè уште имаме многу простор за напредок. Амбицијата на тимот е секојдневно да станува подобар“, додаде Артета.


Ласана е човекот на одлука, Струга го доби дербито со Силекс

Во рамките на шестото коло од ПМФЛ, екипата на Струга Трим Лум забележа минимална, но исклучително важна победа од 1–0 против Силекс на домашен терен, во натпревар каде гостите од Кратово први се заканија преку Манојлов чиј проектил го одбрани Василев.

Набрзо потоа Донов пропушти голема шанса, за потоа Шеро од десната страна да ја погоди само надворешната мрежа, по што домашните го имаа најсериозниот одговор во 28-та минута кога Радески испрати вистински проектил во казнетиот простор, но голманот Џеков со крајни напори успеа да ја пренасочи топката во стативата.

Потоа Манојлов повторно беше непрецизен во завршницата од првиот дел.

Bо вториот дел, по еден корнер, Радески биеше со глава, а Ласана Диако вешто ја искористи одбиената топка од противничката одбрана и ја закова во мрежата за 1–0.

Силекс се закани во 73-та минута кога Пауновски од слободен удар биеше над пречката, со што резултатот остана непроменет до самиот крај за голема радост на стружани.

Во седмото коло Струга ТЛ гостува кај Тиквеш, додека Силекс ќе ја пречека Брегалница во Кратово.


Започнува продажбата на билети за мечот Македонија – Швајцарија

Македонската фудбалска репрезентација ќе го започне учеството во новото издание на Лигата на нации со домашниот натпревар против Швајцарија.

Фудбалската федерација денеска ги објави деталите околу влезниците за мечот кој ќе се одигра на 26. Септември. Истите ќе се продаваат од 10. септември а цената се движи од 500 до 1800 денари додека eдна ВИП влезница е 3000 денари.

Цените и достапните места по блокови ќе бидат детално прикажани на мапата на Националната арена „Тодор Проески“, преку официјалната платформа за електронска продажба на билети на ФФМ: eticket.ffm.mk


Вардар го надигра Арсими во дебито на Божовиќ

Тренерот Миодраг Божовиќ имаше победничко деби на клупата на Вардар, откако неговиот тим го совлада Арсими со 2:0 во меч одигран на ТЦ „Петар Милошевски“ на Фудбалската федерација на Македонија. Актуелниот првак сосема заслужено славеше триумф и ја оправда фаворитската улога.

Првиот гол Вардар го постигна во 25. минута. Спахиу од левата страна убаво го проигра Закариќ, кој од прва погоди во мрежата на Силјановски.

Првите 30 минути во вториот дел немаше ништо, а потоа неколку шанси. Се закани Тодоровски, меѓутоа неговиот удар отиде над голот.

Илјази во 89. минута имаше можност но, шутираше само крај голот. Закариќ имаше шанса прилика, не ја искористи, а потоа во 102-та минута втор гол за Вардар. Омерагиќ го проигра Спахиу кој стави точка на победата на „црвено-црните“.


Ливерпул пред потпис со Дани Карвахал

Ливерпул направи значајни промени во составот во текот на летниот преоден рок, ангажирајќи имиња како Жереми Жаке, Роналд Араухо и Бредли Баркола.

Меѓутоа, раководството на англискиот гигант сè уште се соочува со сериозни дефанзивни проблеми, особено на десната бековска позиција.

Ситуацијата на стадионот „Енфилд“ дополнително се комплицираше поради тешките повреди на Конор Бредли и Џо Гомез, додека новиот играч Жереми Фримпонг сè уште не успева целосно да ги оправда високите очекувања на стручниот штаб.

Ваквиот кадар го принудува раководството да бара итни решенија на пазарот, дури и по официјалното затворање на трансфер-прозорецот.


Српската јавност одушевена од Матеј Гаштаров

Младиот македонскиот фудбалер Матеј Гаштаров одигра одличен натпревар за Црвена звезда во вечното белградско дерби против Партизан, во кое неговиот тим славеше со 2-1. Гаштаров беше стартер во средниот ред и изнуди пенал од кој Црвена звезда го постигна победничкиот гол. Според оценките, неговиот настап беше оценет со 7, втора највисока во тимот.

Српските медиуми посебно ја истакнува неговата тактичка зрелост и работа без топка, оценувајќи дека Гаштаров знае кога да направи прекршок и кога да биде мотиватор на пресингот.

За Гаштаров ова беше прво вечно дерби, а по натпреварот не го криеше задоволството од големата победа.