фудбал

Кореанецот Канг-ин Ли потпиша за Атлетико Мадрид

Шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид го отвори денот со официјална потврда на трансфер, односно ново име во своите редови кое ќе треба да го подигне нивото во составот на Диего Симеоне.

Канг-ин Ли и официјално се враќа во Шпанија, а доаѓа од редовите на актуелниот европски шампион ПСЖ, во чии редови не можеше да ја добие посакуваната минутажа.

Кореецот добил јасна информација од Луис Енрике за својот статус и решил да ја промени средината, па по многу освоени трофеи и две европски титули, сега ќе го носи дресот на Атлетико.

Ли беше промовиран како играч со посебни квалитети од страна на Валенсија, подоцна настапуваше за Мајорка, а во 2023 година направи трансфер во ПСЖ, станувајќи прв корејски фудбалер во клупската историја.

Трансферот на Кореецот има и посебно комерцијално значење, со оглед на амбициите на Атлетико да го зголеми своето влијание во Азија, а ПСЖ со трансферот вреден 40 милиони евра успеа и да профитира, бидејќи своевремено плати 22 милиони евра за да го добие Ли во своите редови.


Пирло пред промоција за селектор на Италија

Легендарниот фудбалер, а сега тренер, Андреа Пирло, ќе стане нов тренер на „Азурите“.

Според доверливиот експерт, Фабрицио Романо, поранешниот магионичар на средниот ред прифатил усна понуда од Италијанската фудбалска асоцијација и ќе го преземе кормилото на националниот тим како дел од сеопфатен, долгорочен проект, пренесуваат медиумите во регионот.

Пирло го даде конечното „да“ по преговорите со Паоло Малдини и Леонардо, кои му презентираа детален план за оживување на националниот фудбал.

Сè што останува е да се потпише договорот во наредните денови и да се решат формалностите пред официјалната промоција.

За 47-годишниот експерт, преземањето на четирикратниот светски шампион претставува најголем тренерски тест во неговата кариера досега.

На тренерската сцена, Пирло претходно седеше на клупата на торински Јувентус, со кого крена трофеи во Купот и Суперкупот на Италија, а во меѓувреме го водеше и турскиот Карагумрук, како и Сампдорија од Џенова.

Пирло на тој начин ќе се обиде да го спаси заплетканиот гигант кој не се квалификуваше за Светското првенство оваа година.


ИОК нема да ги истражува постапките на Инфантино на СП 2026

Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) нема да ја истражува можната вмешаност на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во поништувањето на црвениот картон на напаѓачот на американската репрезентација, Фоларин Балогун, на Светското фудбалско првенство 2026, објави „The Athletic“.

„FairSquare“, организација која ги промовира човековите права и управувањето со спортот, поднесе жалба до ИОК, тврдејќи дека Инфантино можеби го прекршил принципот на политичка неутралност, загарантиран во Олимписката повелба, вклучително и поради наводното влијание на американскиот претседател Доналд Трамп врз одлуката на ФИФА да ја поништи забраната од еден натпревар на Балогун.

– Оваа жалба против претседателот на ФИФА се однесува исклучиво на одлуките на меѓународната федерација поврзани со нејзиното управување, интеракциите со владини агенции и примената на правилата на спортот. Овие прашања спаѓаат надвор од опсегот на етичкиот кодекс на организацијата, се вели во соопштението на ИОК.

Балогун доби црвен картон во натпреварот од осминафиналето на Светското првенство против Босна и Херцеговина (2-0) и требаше да го пропушти следниот натпревар. Сепак, по повик од Белата куќа, суспензијата беше укината и тој играше во осминафиналниот натпревар против Белгија (1-4).

Претходно беше објавено дека Норвешката фудбалска асоцијација има намера да поднесе формална жалба директно до ФИФА.


Мареска го сака Педро Нето во Сити

Информациите од Островот објавија дека крилниот напаѓач е една од главните трансфер-цели на „граѓаните“ во продолжението на летниот преоден рок.

Клучна улога во интересот има новиот менаџер Енцо Мареска, кој веќе успешно соработуваше со Нето за време на нивниот заеднички период во Челси.

Италијанскиот стратег одлично ги познава квалитетите на португалскиот офанзивец и смета дека тој совршено би се вклопил во неговата визија за играта на „Етихад“.

Во Манчестер Сити веруваат дека ангажманот на Нето ќе донесе дополнителна брзина, креативност и непредвидливост по крилните позиции.


Возиња потпиша за чилеанскиот Коло Коло

Голманот на Зеленортски Острови, Возиња, кој беше хит на Светското првенство, со впечатливите игри на Мундијалот си обезбеди трансфер.

Возиња стана голман на чилеанскиот гигант, Коло Коло.

Во текот на викендот треба документите да бидат потпишани, по што трансферот и официјално ќе биде објавен.

Коло Коло е еден од најголемите клубови во Јужна Америка, за регионот најмногу е познат по мечот во Токио со Црвена звезда во 1991 година. Белградскиот тим победи со 3-0 и го освои Интерконтиненталниот куп.


Салиу: Направивме премногу грешки кои противникот успеа да ги казни

„Во одредени моменти некои играчи направија кардинални грешки, кои во модерниот фудбал едноставно не се компензираат. Тиквеш е квалитетна екипа која умешно ги искористи сите тие шанси.

Добро го отворивме мечот, но примивме прв гол по голема грешка на нашиот дефанзивен играч за врска. Сепак, успеавме да се вратиме и да намалиме на 2-1. Но, набрзо потоа следуваше уште една кардинална грешка во одбраната и мислам дека тука беше крајот. Не успеавме психолошки да се вратиме во натпреварот и сметам дека Тиквеш сосема заслужено победи денеска – беа подобар ривал на теренот.

Се надевам дека добро ќе го анализираме овој натпревар и ќе работиме на отстранување на овие грешки за следниот дуел. Мораме да ги кренеме главите и да продолжиме со напорна работа. Ова е само почеток на првенството, нè очекуваат уште многу вакви предизвици, па затоа мора да останеме фокусирани и да одиме чекор по чекор понапред“, изјави по натпреварот тренерот на Арсими, Вилдан Салиу


Казната на Шкендија преполовена на два меча

Шкендија новата сезона 2026/27 во Првата македонска фудбалска лига ќе ја започне со два домашни натпревари на терените на комплексот на Фудбалската федерација на Македонија во Скопје.

Иако поради реконструкцијата на Градскиот стадион во Тетово, тетовскиот клуб го пријави стадионот во Гостивар како свој домашен терен за новата сезона, првите две средби ќе ги одигра во главниот град поради дисциплинската казна изречена по финалето на Купот на Македонија од минатата сезона.

Првично, Шкендија беше казнета со четири домашни натпревари без присуство на публика, но по жалбената постапка санкцијата беше намалена на два меча. Поради тоа, клубот донесе одлука тие натпревари да се одиграат во Скопје, каде што условите и квалитетот на теренот се значително подобри.

Новата првенствена сезона за Шкендија започнува в недела, на 26 јули, со дуелот против Скопје, кој ќе стартува во 19 часот. И натпреварот од третото коло против Брегалница, закажан за 15 август, ќе се одигра на истиот стадион.

По одигрувањето на овие две средби, Шкендија ќе се пресели на стадионот во Гостивар, кој ќе биде нејзин домашен терен до завршувањето на реконструкцијата на стадионот во Тетово.


Тиквеш го декласира Арсими на отворањето на новата сезона

Исклучително ефикасно отворање на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, Тиквеш со 5-1 го победи Арсими, дури пет од шестте гола паднаа во првиот дел.

Серијата погодоци ја отвори Лавал уште во 18. минута, а помалку од десетина минути поминаа кога Сила зголеми на 2-0.

Во 33. минута Рамадани постигна прекрасен гол и намали на 1-2. Во тие моменти се чинеше дека Арсими е вратен во игра и ќе има неизвесен натпрвар, но не беше така.

Течеше 36. минута кога Лавал пак даде гол и донесе водство на Тиквеш од 3-1, а до крајот на полувремето втор гол даде и Сила за 4-1.

Конечните 5-1 ги постави Сила кој комплетираше хет-трик.


Фенер фаворит за потписот на Леао

Ѕвездата на Милан, Рафаел Леао, продолжува да размислува за својата иднина, а Фенербахче е подготвен да направи голем чекор за евентуален договор со Португалецот.

Според италијански извори, играчот се предомислува за трансфер во турски клуб, но Турците се сериозни во намерите да го донесат. „МиланЊуз“ објави дека Фенербахче – по Галатасарај, е подготвен да го интензивира притисокот за негов потпис. Претставник на клубот наскоро ќе биде во Италија и ќе разговара со адвокатите на Португалецот.

Милан бара 60 милиони евра за негова продажба, но Фенербахче најверојатно ќе оди на варијантата за позајмица, па перманентен договор од следната сезона.


Поранешниот претседател на ФФМ излегува од притвор со гаранција од над 1,15 милиони евра

Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода откако Основниот кривичен суд Скопје ја прифати понудената гаранција во износ од над 1,15 милиони евра.

Како што соопшти Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот, а истовремено му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа, со цел да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката.

Сејдини беше во притвор од 24 април годинава, кога по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје му беше определена мерка поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Притворот подоцна беше продолжен со одлука на Кривичниот совет.

Тој е осомничен за кривичното дело „проневера во службата“, а според Обвинителството, во периодот од ноември до декември 2024 година, како претседател на ФФМ, овозможил противправна имотна корист од околу 660.000 евра за скопска компанија при реализација на проект финансиран со средства од програмата на УЕФА за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Според наводите на Обвинителството, Сејдини, спротивно на одлука на Управниот одбор на ФФМ, внел дополнителен услов во договорот со избраната компанија со кој било предвидено авансно плаќање од 20 проценти од вредноста на договорот пред почетокот на градежните работи, без изведувачот да го побара тоа и без обезбедување гаранција за исплатените средства. По негов налог, спорниот аванс бил исплатен на 17 декември 2024 година.