фудбал

Лестер нуди 40 милиони фунти за Мароканецот Унахи

Англискиот премиерлигаш Лестер, е заинтересиран за доведување на играчот на Анже и репрезентативец на Мароко, Азедин Унахи.

Според објавите во медиумите од Англија, Лестер за 22-годишниот фудбалер за врска е подготвен да понуди сума од 40 милиони фунти.

Унахи на Светското првенство во Катар ги одигра сите натпревари за репрезентацијата на Мароко и со своите настапи го привлече вниманието на големите европски клубови.


Дембеле се сели од Барселона во ПСЖ?

Пари Сент Жермен не се откажува од намерата да го доведе Осман Дембеле во своите редови. Минатото лето ПСЖ се обиде да го доведе Французинот во Париз, но Дембеле сепак се одлучи да остане на „Камп Ноу“.

Дембеле ги прифати условите на Барселона, но стави потпис на договор само до 2024 година.

Така 25-годишниот крилен напаѓач на лето ќе влезе во последната година од договорот, а ПСЖ ќе се обиде да го доведе во своите редови.

Дембеле игра одлично оваа сезона и на Мундијалот, па ПСЖ е спремен да му понуди значително повисока плата за да го убеди да се пресели во Париз.


Тите преплавен од понуди по заминувањето од бразилската клупа

Поранешниот бразилски селектор Тите наскоро може да се врати на тренерската работа.

61-годишниот фудбалски стрчњак ја напушти функцијата во бразилската репрезентација веднаш откако Бразил загуби од Хрватска во четврт-финалето на Светското првенство 2022 година (1:1 и 2:4 на пенали).

Според одредени извори во Бразил, Тите веќе добил пет понуди за работа, од кои три од репрезентации, а уште две од клубови од Европа. Во исто време се известува дека поранешниот кормилар на јужноамериканците има намера да се одмори, па нема да брза што побрзо да се врати на тренерската работа.

Тите ја предводеше бразилската репрезентација од летото 2016 година. Претходно беше тренер на многу клубови во својата земја, а работеше и со екипи од ОАЕ.


Меси најави дека финалето ќе биде негов последен натпревар во репрезентативната кариера

Аргентина се пласираше во финалето на Светското првенство откако вчера ја победи Хрватска со 3-0, а Меси уште еднаш дојде блиску до трофејот кој му недостига во спектакуларната кариера.

Меси игра фантастично Светско првенство и повторно потсетува на неговите најдобри денови од Барселона. На четири натпревари од шест колку што досега одиграа Аргентинците Меси беше играч на мечот.

Големото финале в недела од 16:00 часот ќе биде неговиот последен натпревар во дресот на Аргентина.

„Горд сум што ќе ја завршам репрезентативната кариера со настап во финале на Светско првенство. Неверојатно е ова што му се случува.

Во недела ќе играм најдобро што можам. Уживам и се чувствувам подготвен за натпреварот. За Хрватска добро се подготвивме и знаевме да ги искористиме нејзините слабости“, изјави Меси.

Во финалето Аргентина го чека подобриот од денешното второ полуфинале помеѓу Франција и Мароко.


Реграги: Најважно е дека го дадовме својот максимум

Селекторот на фудбалската репрезентација на Мароко, Валид Реграги, во изјава после поразот со 2:0 од Франција во полуфиналето од Мундијалот во Катар, истакнува дека неговите фудбалери го дадоа својот максимум.

„Најважно е дека го дадовме својот максимум. Загубивме доста играчи поради повреди, и тоа беше премногу за нас. Имавме одличен настап во второто полувреме и сум презадоволен од своите фудбалери. За да победиме на светско првенство ќе мораме уште да работиме, но мислам дека не сме далеку од тоа“, порачува Реграги.

Мароко е првата африканска репрезентација која настапила во полуфинале на светско фудбалско првенство. Во сабота од 16:00 часот Мароко ќе игра против Хрватска за третото место на Мундијалот.


Касиљас: Пеналот за Аргентина е неправедно досуден

Поранешниот голман на Реал Мадрид и шпански репрезентативец, Икер Касиљас, изјави дека пеналот за Аргентина во полуфиналниот дуел од Мундијалот против Хрватска е неправедно досуден.

Касиљас во изјава за шпанскиот јавен сервис рече дека Хулијан Алварез направил прекршок над голманот Ливаковиќ, а не обратно.

Пеналот кој во 34.минута од средбата беше досуден од судијата Даниеле Орсато, успешно го реализира Лионел Меси, за на крај репрезентацијата на Аргентина да се пласира во финалето од Светското првенство совладувајќи ја Хрватска со 3:0.


Влаховиќ размислува да го напушти Јуве

Напаѓачот на Јувентус, Душан Влаховиќ би можел да го напушти тимот на крајот на сезоната, според одредени информации кои ги објавија медиумите во Италија. Двете страни се согласни за таков потег. Главните причини се две: финансиските проблеми на клубот и честите повреди на српскиот интернационалец, кои го спречуваат да го открие целиот свој потенцијал.

Влаховиќ е посакуван од лондонските екипи Челзи и Арсенал. „Топчиите“ се надеваа дека ќе го купат во јануари оваа година, но тогаш самиот фудбалер инсистираше да потпише со Јувентус и покрај непријателството меѓу „бјанконерите“ и неговиот поранешен клуб Фиорентина.

Јувентус во Србинот вложи 81,6 милиони евра и мора да плати уште 10 милиони на „виолетовите“ во вид на бонуси. Влаховиќ многу силно го започна престојот во гигантот од Торино, но потоа почна да пропушта многу натпревари поради повреди. Во тековната сезона има 15 настапи и 7 голови во сите натпреварувања. Јувентус сигурно нема да го пушти Влаховиќ во зимскиот преоден рок и ќе ги разгледа можните понуди за него по завршувањето на сезоната.


Муса Диаби на радарот на Челзи

Челзи сака да го засили тимот во зимскиот преоден рок, а приоритет ќе биде засилување на нападот. Англиските медиуми пренесуваат дека прва желба е ѕвездата на Баер Леверкузен, Муса Диаби за кого Челзи спрема понуда од 50 милиони фунти.

23-годишниот крилен напаѓач игра фантастично и го привлече вниманието на многу европски гиганти, но Њукасл сака да ја победи конкуренцијата.

Французинот во досегашниот дел од сезоната има 8 гола и 4 асистенции, но Леверкузен за неговата слобода баа 75 милиони евра.


Украинецот Мудрук на радарот на Милан

Европските гиганти се силно заинтересирани за талентот на Шахтјор и новата украинска ѕвезда, Микхајло Мудрик. 21-годишниот крилен фудбалер игра одлично оваа сезона, а особено го привлече вниманието со одличните настапи во Лигата на шампиони.

Арсенал важи како фаворит за неговиот потпис, но сега во трката се приклучи и италијанскиот шампион Милан.

Малдини стапил во контакт со неговиот агент и Мудрик е отворен за преселба на „Сан Сиро“, но проблем може да биде обештетувањето.

Украинецот има договор со Шахтјор до 2026 година, а клубот за неговата слобода бара најмалку 60 милиони евра.


Почетино и Тухел фаворити за нов англиски селектор

Фудбалската репрезентација на Англија би можела да остане без селектор затоа што Герет Саутгејт размсилува за оставка, објавија медиумите на Островот. Саутгејт има договор со Фудбалската асоцијација на Англија до 2024 година, што значи до крајот на следното Европско првенство кое ќе се одржи во Германија.

Саутгејт побара време за да донесе конечна одлука, но во меѓувреме се издвојуваат двајца фаворити за негов наследник.

Прв фаворит е Маурисио Покетино, кој веќе имал контакт со Федерацијата и дал согласност за преземање на Гордиот Албион.

Исто така се споменува и Томас Тухел, кој е без ангажман после заминувањето од Челзи, а сака да остане во Англија.