фудбал

Лидс испрати официјална понуда за МекКени од Јувентус

Фудбалскиот клуб Лидс Јунајтед ја испрати првата официјална понуда за играчот на Јувентус, Вестон МекКени, пренесува Скај Спорт Италија.

Според информациите од овај медиум, двете страни имаат сериозни разлики во однос на цената за американскиот интернационалец. Јувентус наводно е подготвен да се раздели со МекКени за сума од 35 милиони евра, додека понудата на Лидс за ангажман на фудбалерот изнсувала 28 милиони евра.

МекКени веќе се согласил за промена на средината и заминување во Премиер лигата, па сега останува двата клуба да ја одредат сумата која би ги задоволила двата клуба.


Лампард отворен за нови тренерски понуди

Френк Лампард нема намера да зема подолга пауза од тренерската работа после отказот кој пред неколку дена го доби во Евертон.

Според пишувањата во англискиот „Сан“, 44-годишниот тренер е отворен за нови понуди од клубови како од Англија така и од други европски земји.

Освен отказот од Евертон, Френк Лампард во 2021 после лошите резултати на екипата беше отпуштен и од Челзи.


Челзи бара 60 милиони евра за Каи Хаверц

Каи Хаверц би можел да го напушти Челзи ова лето.
Според „Скај Германија“, клубот веќе ја одредил цената за играчот за
која се наведува дека е 60 милиони евра.
Челзи бара да собере средства преку трансфери за да ги балансира
своите резерви по неодамнешното трошење пари со купување на
скапи засилувања.
Германецот се мачеше да напредува на „Стемфорд Бриџ“ откако се
пресели од Баер Леверкузен. Во трката за 23-годишниот фудбалер
треба да влезат ПСЖ и Јувентус, но Баерн е и натаму прв фаворит.


Брајтон прави обид за доведување на Чембрлејн од Ливерпул

Англискиот премиерлигаш Брајтон, размислува за доведување на фудбалерот од Ливерпул, Алекс Окслејд-Чембрлејн.

Брајтон посакува ангажман на фудбалерот во јануарскиот трансфер период, но тоа ќе зависи од подготвеноста на Ливерпул да му дозволи напуштање на клубот без обештетување.

Окслејд-Чембрлејн на крајот од сезоната со сигурност го напушта „Енфилд“ бидејќи истекува неговиот договор, но ќе биде интересно дали Ливерпул е подготвен да му даде дозвола да си замине веднаш. Брајтон ја засили желбата за ангажман на Чембрлејн откако пред неколку дена го продаде Леандро Тросар во Арсенал.

Алекс Окслејд-Чембрлејн е член на Ливерпул од 2017 година, кога за 38 милиони евра пристигна од Арсенал.


Мбапе лобира за трансфер на Бернардо Силва во Париз

Килијан Мбапе сака раководството на тимот да се обиде да го
ангажира играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Бернардо
Силва, пренесува печатот на Островот.
Португалскиот интернационалец минатото лето беше блиску до
заминување од „граѓаните“ во правец на Барселона, но договор
никогаш не беше постигнат. Сепак, тој неодамна потврди дека ќе ја
преиспита својата иднина по завршувањето на сезоната и може да
замине во друга екипа.
Токму овие изјави го наведоа Мбапе да се обиде да ги убеди Кристоф
Галтие и Луис Кампос да направат се што е во нивна моќ за да го
донесат играчот во француската престолнина. Бернардо Силва е под
договор со Манчестер Сити до летото 2025 година, но Пеп Гвардиола
изјави дека нема намера да го задржи на сила доколку не сака да
остане на „Етихад“.


Модриќ добива богатство за премин во Ал-Наср

Ал Наср го обезбеди потписот на Кристиано Роналдо, но клубот од Саудиска Арабија сака да привлече уште неколку големи ѕвезди, а најголема желба е Лука Модриќ.

Лука Модриќ има 37 години, но се уште игра на врвно ниво во Реал Мадрид. Како што објави весникот „Оказ“, клубот од Саудиска Арабија на Модриќ му нуди 2,5-годишен договор тежок 100 милиони евра. Годишната плата на фудбалерот ќе биде околу 40 милиони евра.

Ал Наср сакал веднаш да го реализира трансферот во јануари, но Модриќ го одбил тоа и сака да остане во Реал.

Хрватот преферира да остане уште една година на „Сантиаго Бернабеу“, а доколку Реал не му понуди нов договор тогаш ќе ја прифати понудата од Ал Наср.


Кејн: Сакам трофеи во дресот на Тотенхем

Капитенот на Тотенхем, Хари Кејн, очекува наскоро да започне разговори со челниците на клубот околу продолжување на неговиот договор.

Кејн на последниот натпревар на Тотенхем, го постигна својот 266.гол во дресот на лондончани, и го израмни клупскиот рекорд на Џими Гривс. Актуелниот договор на Кејн со Тотенхем истекува за 18 месеци, и се побројни се шпекулациите дека тој на лето би можел да го напушти Лондон.

Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен се клубовите кои најчесто се поврзуваат со трансфер на англискиот голгетер, но Кејн напоменува дека негова цел е оваа сезона да освои трофеј со Тотенхем.

„Сигурен сум дека ќе има разговори во следните месеци. Јас сум фокусиран на оваа сезона и како да го дадам најдоброто за овај тим. Има уште многу да се игра до крајот на сезоната, и ние ќе пробаме да обезбедиме место во Лигата на шампиони, ни остануваат натпревари во ФА купот и дуели во Европа. Знам дека ќе има многу шпекулации и гласини околу мојата иднина, но мене ме интересира што можам да постигнам во моментот. Моја цел уште откако заиграв за првиот тим на Тотенхем е освојување на трофеи со овај тим“, изјави Кејн.


Ибра се враќа на терените по долгото отсуство

Ѕвездата на Милан, Златан Ибрахимовиќ најави дека е блиску до враќање на терените.

41-годишниот напаѓач објави „стори“ на Инстаграм на кое покажа дека почнал да тренира со топка, а потоа ја покажа и насмевката.

Ибрахимовиќ нема одиграно ниту една минута оваа сезона, откако го оперираше коленото во јуни.

Иако е во зрели години, Ибра успеа да ја помине рехабилитацијата успешно и во предвиденото време да се врати на тренинзите.


Чаби Алонсо е желбата на Реал за наследник на Анчелоти

Медиумите од Шпанија пренесуваат дека тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо, би требало да го преземе кормилото на Реал Мадрид кога Италијанецот Карло Анчелоти ќе донесе одлука да  го напушти „Kралскиот клуб“.

Анчелоти во повеќе наврати најави дека ќе остане тренер на Реал до крајот на договорот, кој му истекува во јуни наредната година. Шпанските медиуми тврдат  дека клубот од „Сантијаго Бернабеу“ веќе ги разгледува можностите за негов наследник. Најголеми шанси за наследник на Анчелоти има легендата на шпанскиот фудбал Чаби Алонсо.

41-годишниот Алонсо, минатата година стана тренер на Баер Леверкузен, а пред тоа го тренираше Б тимот на Сосиедад.


Данџума наместо во Евертон заврши во Тотенхем

Арно Данџума ќе биде големото зимско засилување на Тотенхем, пренесуваат англиските медиуми. Иако фудбалерот на Виљареал беше пред трансфер во Евертон, сепак Тотенхем успеа да го „украде“ во последен момент.

Крилниот фудбалер е на пат кон Лондон да ги мине медицинските прегледи и да биде промовиран во Тотенхем.

Данџума ќе пристигне во Тотенхем како позајмен фудбалер за 3 милиони евра, а „спарси“ ќе имаат опција за откуп.