фудбал

Французинот Турпин ќе го суди дуелот Италија – Македонија

Натпреварот меѓу Италија и Македонија, во рамки од полуфиналето во баражот за Мундијалот 2022, ќе го водат француски судии.

Улогата на главен судија му припадна на Клемен Турпин. Негови помошници ќе бидат Никола Данос и Сирил Грињор. Во ВАР-собата ќе бидат француските интернационалци Жером Бризар и Делаж Вили, а Беноа Бастиен е поставен за четврти судија. Натпреварот Италија – Македонија ќе се одигра на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.

Италијанскиот фудбалски сојуз дозволи полн капацитет, па се очекува да имаат маскимална поддршка од домашните навивачи. Македонската репрезентација пристигна во Италија, каде ќе се обиде да направи ново чудо и да го изненади актуелниот европски првак Италија.


Тен Хаг разговарал со челниците на Манчестер Јунајтед

Според пишувањата во англиските медиуми, челниците на Манчестер Јунајтед имале разговори со тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг, кој е еден од фаворитите за преземање на клупата ова лето.

Тех Хаг би го заменил Германецот Ралф Рангник кој е привремен тренер на тимот од „Олд Трафорд“,а пристигна после отказот на Оле Гунар Солскјер. Повеќе од веројатно е дека Рангник нема да остане на тренерската позиција поради слабите резултати и стилот на игра кој не им се допадна на поголемиот број навивачи.

Тен Хаг е тренер на Ајакс пет години, со кого два пати ја освои шампионската титула во холандското првенство, и два национални Купа. Во 2019 година тој со Ајакс стигна до полуфиналето во Лигата на шампионите.


Диего Симеоне е убедливо најплатениот тренер во Европа со 3,3 милиони евра месечна плата

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е најплатениот фудбалски стратег во Европа. 52-годишниот Аргентинец кој го води Атлетико од 2011 година, секој месец на своето конто инкасира 3,3 милиони евра. 

Второто место е резервирано за тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, кој заработува 1,9 милиони евра, а потоа следуваат Јирген Клоп од Ливерпул и Антонио Конте од Тотенхем со месечени примања од 1,5 милиони евра.

Повеќе од милион евра заработуваат уште Алегри од Јувентус и Почетино од ПСЖ.


Интер ќе го продаде Лаутаро за да го врати Лукаку

Ромелу Лукаку минатото лето пристигна како големо засилување во Челзи, после две одлични сезони во Интер.

Лукаку сакаше да се врати во клубот за кој навива од детсвото, а „сините“ за неговиот потпис платија 115 милиони евра.

Меѓутоа, Лукаку оваа сезона е само бледа сенка на тоа што беше во Серија А, го загуби местото во стартниот тим, па дури и влезе во конфликт со тренерот Томас Тухел. Белгиецот не е среќен на „Стенфорд Бриџ“ и сака да се врати во Интер, па преку својот агент му се понудил на „нероаѕурите“ и потврдил дека е спремен на драстично намалување на платата.

Интер сака да го врати, но има финансиски проблеми, а последните информации од Апенините се дека „нероаѕурите“ се спремни да го продадат Лаутаро за да го вратат Белгиецот.


Астон Вила тргнува по потписот на Калвин Филипс

Според информациите од Скај Спортс, Астон Вила е фаворит за доведување на играчот од средниот ред на Лидс, Калвин Филипс.

Англискиот репрезентативец има договор до 2024 година, но се очекува да биде продаден на лето, без разлика дали неговиот тим ќе го задржи местото во Премиер лигата.

Астон Вила е подготвена да понуди 60 милиони евра за Филипс, и самиот фудбалер ќе добие солидно зголемување на платата доколку ја прифати понудата на клубот од Бирмингем. 

26-годишниот Филипс оваа сезона пропушти многу натпревари поради повреда, но неодамна се врати на терените. Тој беше дел од репрезентацијата на Англија на изминатото Европско првенство каде прикажа одлични партии.


Марсел Сабицер посакува заминување од Баерн Минхен

Германскиот весник Билд ја пренесува информацијата дека играчот од средниот ред на Баерн Минхен, Марсел Сабицер сака да го напушти клубот во текот на летото.

Австрискиот репрезентативец никако не може да се наметне во првиот тим на Баварците после неговиот трансфер од РБ Лајпциг пред стартот од сезонава.

Според весникот една од причините за неговата желба да замине од Баерн е тренерот Нагелсман, со кого наводно е во лоши односи.

Од раководството на Баерн Минхен немаат намера да го стопираат неговото евентуално напуштање на екипата доколку играчот донесе таква одлука, но за негова продажба би побарувале околу 20 милиони евра.


Јовиќ заминува од Реал и веќе има две понуди

Шпанска „Марка“ пренесува дека напаѓачот на Реал Мадрид, Лука Јовиќ веќе донел одлука за напуштање на клубот ова лето.

24-годишниот Србин, веќе од поодамна не е во плановите на тренерот Анчелоти и најразумно решение за двете страни е тој да побара нов клуб.

Екипите на Арсенал и Борусија Дортмунд веќе покажале интерес за Јовиќ, и се спремни за испраќање на официјални понуди.

Висината на сумата за негово ангажирање според некои проценки се движи околу 20 милиони евра.


Ибрахимовиќ го тестира најновиот модел на Ферари

Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ ја посети базата на Ферари во Маранело и се сретна со директорот Матија Биното, како и со двајцата возачи на Ф1 болидите, Карлос Саинс и Шарл Леклер.

На средбата Шарл Леклер  му го покажа целиот комплекс на авто центарот, а заедно со Карлос Саинс направи и тест возење на најновиот модел Ферари 296 ГТБ.


Во ПСЖ владеат кланови, Хакими најави заминување

Дефанзивецот на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими може да го напушти тимот на лето. Мароканскиот репрезентативец е во тензични односи со некои од соиграчите и тоа е причината за неговата желба да се раздели со парижаните.

Изворот тврди дека 23-годишниот дефанзивец не се разбира најмногу со Јужноамериканците во ПСЖ. Хакими смета дека играат себично, што доведува до неуспех на одредени натпревари.

Мароканецот е најразочаран од испаѓањето од неговиот поранешен клуб Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Многумина во тимот го делат неговото мислење. Показател за тензичната атмосфера во тимот е фактот што по поразот од Монако (0:3) викендов, никој од играчите не кажал ниту збор во соблекувалната.

Хакими дојде на „Паркот на принцовите“ минатото лето од Интер, каде што ја освои титулата во Серија „А“. Брзо стана клучна фигура во тимот на Маурисио Почетино, а досега има 32 натпревари и 3 гола во сите натпреварувања.


Кимих доби слободни денови за да присуствува на раѓањето на своето трето дете

Џошуа Кимих нема да се приклучи на германската репрезентација, бидејќи очекува неговата девојка Лина Мајер да го роди нивното трето дете.

„Тој е целосно семеен човек. Да се има дете е навистина многу посебен момент за секого. Се надеваме дека се ќе биде добро и тој наскоро ќе се приклучи на тимот”, изјави германскиот селектор, Ханси Флик.

„Панцирите“ се подготвуваат за пријателскиот натпревар со Израел закажан за в четврток. Три дена  подоцна ќе гостуваат во Холандија.