фудбал

Барди пред потпис со Олимпијакос

Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди е на чекор до трансфер во атински Олимпијакос, пренесуваат грчките медиуми повикувајќи се на информации од Шпанија.   

Според медиумите, Олимпијакос за трансферот на Барди од Леванте е подготвен да плати три милиони евра плус дополнителни 1.5 милиони евра во бонуси. 

Леванте изминатата сезона го загуби прволигашкиот статус, а Барди го врзува договорот со клубот од Валенсија до јуни 2024 година. Олимпијакос изминатата сезона ја освои шампионската титула во Грција, но претрпе елиминација во Лигата на шампиони од израелски Макаби Хаифа и во продолжението ќе се обиде да обезбеди утешно место во групната фаза во Лига Европа.


Бени Мекарти се врати на „Олд Трафорд“ и влезе во стручниот штаб на Тен Хаг

Новиот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг назначи нов член на својот технички штаб, а тоа е поранешниот напаѓач Бени Мекарти, соопштија од англискиот клуб. Тој ќе се занимава конкретно со напаѓачката игра на Јунајтед, како и со позиционирањето на тимот.

Јужноафриканецот е поранешен играч на Ајакс, Селта, Порто, Блекбурн и Вест Хем.

„Ми се допаѓа Манчестер Јунајтед и отсекогаш сум сакал да играм овде. Ми се допаѓаат фудбалери како Марк Хјуз, Енди Кол и Рајан Гигс“, рече Мекарти во својот вовед.

Во март оваа година тој го напушти јужноафриканскиот тим АмаЗулу, кој заврши на второто место во поредокот, а Мекарти беше прогласен за најдобар тренер за сезоната 2020-21.


Фабрегас пристигна во Комо и ќе игра во Серија Б

Шпанскиот ветеран Сеск Фабрегас пристигна во италијанскиот Комо каде се очекува да стави потпис за клубот кој настапува во Серија Б.

На 35 годишниот Фабрегас на 1.јули му истече договорот со Монако, и се одлучи за сензационален трансфер во Комо со кој ќе потпише договор на две години.

Претседател на Комо е некогашниот играч на Челзи Денис Вајс кој има големи амбиции со клубот и се подготвува за трка за пласман во Серија А следната сезона.


Гвардиола: Халанд брзо ќе влезе во ритам во нашиот систем на игра

Ерлинг Халанд вчера дебитираше во дресот на Манчестер Сити. Норвежанецот кој беше дел од екипата која загуби во Комјунити Шилд од Ливерпул со 3-1, имаше две-три големи промашувања.

Тоа воопшто не влијае кај тренерот на „граѓаните. Се бореше, добро се движеше, беше на позиции. Добро е за него да ја види реалноста во нова земја и во ново првенство“, потенцираше шпанскиот тренер.


Промоција на Кунде во Барселона

Францускиот репрезентативец Жил Кунде потпиша петгодишен договор со Барселона и стана петтото официјално засилување за тимот од Камп Ноу после доаѓањето на Кеси, Кристенсен, Рафиња и Левандовски.

Барселона и претседателот на клубот Жоан Лапорта имаат одличен преоден рок во кој досега за засилувања се потрошени преку 150 милиони евра, и се чини дека е создаден тим кој може да атакува на Лигата на шампиони.

Каталонците успеаја да го „украдат“ дефанзивецот Жил Кунде од Челзи кој исто така беше во преговори со сега веќе поранешниот играч на Севиља.

„Му благодариме на Жил што покажа чврст став да дојде во Барса. Многу сме среќни поради тоа и со него тимот е навистина конкурентен“, ијзави Лапорта на промоцијата на Кунде.

“Горд сум и среќен што сум во Барселона. Добив одлично добредојде од сите во клубот и навивачите. Разговарав и со тренерот Чави кој навистина сака да ме види во тимот. Ќе го дадам својот максимум играјќи за Барса“, истакна Кунде.


Алиоски ќе го носи дресот на Фенербахче

Турскиот фудбалски гигант Фенербахче преку соопштение на социјалните мрежи објави дека постигнал договор со клубот Ал-Ахли околу трансферот на македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски.

Алиоски во најкраток можен рок се очекува да пристигне во Истанбул и да стави потпис на договорот со Фенербахче. Деталите од договорот се очекуваат во наредниов период.


Мане задоволен од дебито: Сакам уште многу трофеи со Баерн

Фудбалерот, Садио Мане имаше одлично деби за Баерн Минхен. Тој постигна гол против РБ Лајпциг и се израдува на првиот трофеј во сезоната по убедливата победа од 5-3 во Суперкупот на Германија.

„Многу сум среќен што го постигнав првиот гол за Баерн. Тоа е мој сон. Очекувам уште трофеjи. Голема чест е да се игра во Баерн. Мора да бидеме уште подобри и да освоиме многу пехари“ , потенцираше Сенегалецот кој мечот го започна од првата минута.


Мангала е ново засилување за Нотингем Форест

Фудбалерот од Белгија Орел Мангала е нов играч на Нотингем Форест, соопштува англискиот клуб.

Од редовите на премиерлигашот потенцираат дека 24-годишниот играч за врска потпишал долгорочен договор со клубот.

Мангала беше член на Штутгарт од 2018.година, а минатата сезона запиша 29 настапи за клубот од Германија. Играчот за репрезентацијата на Белгија дебитита во март, а досега запиша два настапи.

Тој е 12. засилување на Нотингем Форест кој се врати во Премиер Лигата после 23 години.


Јувентус заинтересиран за ангажман на Депај

Каталонскиот весник Спорт пишува дека играчот на Барселона Мемфис Депај својата кариера ќе ја продолжи во Јувентус. 

Холандскиот фудбалер стана вишок во тимот од Камп Ноу после доаѓањето на Роберт Левандовски од Баерн Минхен.

Од Јувентус планираат најпрво да го доведат Депај на позајмица во претстојната сезона, а потоа ќе имаат право за откуп на неговиот договор за сума од 20 милиони евра.

Мемфис Депај во Барселона пристигна минатата сезона од Лион како слободен играч, а за каталонците постигна 13 гола на 37 натпревари.


Фудбалерките на Англија се европски шампиони

Женската фудбалска репрезентација на Англија ја освои титулата на Европското првенство, откако во финалето после продолженијата ја совлада Германија со 2:1.

Англија беше домаќин на ова првенство, а во финалето на Вембли англичанките поведоа во 62.минута, а германките го израмнија резултатот во 79.минута, па така натпреварот во регуларниот дел заврши 1:1. Победата и титулата европски првак Англија ја обезбеди со голот во 110.минута.

Натпреварот на Вембли го следеа 87.192 навивачи, што е рекорд на едно финале во машка и женска конкуренција.