фудбал

Ибрахимовиќ во аут за дербито со Интер

Од „Скај Италија“ тврдат дека ѕвездата на Милан Златан Ибрахимовиќ, најверојатно ќе го пропушти градското дерби со Интер закажано за во сабота.

Ибрахимовиќ не присуствувал на тренингот со својот тим, но имал индивидуални сесии во теретана.Тој се опоравува од повредата која ја заработи на дуелот со Јувентус на 23 јануари.

Тренерот Стефано Пиоло нема да рачуна ниту на Анте Ребиќ кој исто така е во процес на опоравување, но добра вест е враќањето на Томори кој е спремен за игра.


Пандев: Задоволство ми е што ќе ја делам соблекувалната со Буфон

Горан Пандев на големо изненадување во последниот ден од преодниот рок ја напушти Џенова и се пресели во Парма, каде ќе игра до крајот на сезоната.

Пандев веќе почна да тренира со Парма, а за медиумите изјави дека е среќен што ќе може да игра во ист тим со легендарниот Џанлуиџи Буфон.

„Трансферот се случи набрзина, а мојата желба е да бидам важен дел од тимот. Се надевам дека се ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите, а тоа е влез во плејофот и пласман во Серија А. Нема да се променат моите планови и на крајот на сезоната ќе означам крај на мојата фудбалска кариера. Големо е задоволството да се игра со Буфон, знаеме што значи тој за европскиот и светскиот фудбал, а кога дојдов ми кажа дека е среќен бидејќи нема да му давам повеќе голови“, изјави Пандев.


Мартин Мирчевски е нов фудбалер на ТСЦ Бачка Топола

Најдобриот стрелец во Првата македонска фудбалска лига, Мартин Мирчевски ја напушти Академија Пандев и стана нов член на српскиот прволигаш ТСЦ Бачка Топола.

Иако 24-годишниот  Мирчевски, претходно се поврзуваше со трансфер во клубови од Турција, тој сепак реши да ја прифати понудата од Србија и да потпише три годишен договор.

Од стартот на сезоната тој во дресот на Академија Пандев постигна 16 погодоци на 18 одиграни натпревари.


Вест Хем спремен да понуди рекордни 60 милиони е за Дарвин Нуњес

Напаѓачот на Бенфика, Дарвин Нуњес ја одушеви фудбалската јавност и е на мета на многу европски гиганти.

22-годишниот уругвајски репрезентативец игра одлично, па Бенфика не сакаше да го пушти на средина од сезоната иако пристигна богата понуда од Вест Хем.

Имено, „чеканите“ испратиле понуда од 50 милиони евра, но Бенфика ја одбила понудата. Сепак, Вест Хем не се откажува и сака уште сега да го договори трансферот за на лето.

Нуњес е еден од најбараните напаѓачи во Европа, па Вест Хем сака да ја победи конкуренцијата. „Чеканите“ ги продолжија преговорите и се спремни да платат 60 милиони евра со вклучени бонуси.

Бенфика не сакаше да го пушти во јануари, бидејќи Уругваецот оваа сезоан постигна 20 гола на 25 натпревари.


Дел Пјеро: Новите засилувања ќе го трансформираат Јувентус

Легендата на Јувентус, Алесандро Дел Пјеро, верува дека Душан Влаховиќ и Денис Закариа ќе ја трансформираат екипата во позитивна смисла.

Двајцата фудбалери пристигнаа во Торино во јануарскиот преоден рок. Влаховиќ пристигна од Фиорентина за повеќе од 70 милиони евра додека Закариа беше купен од Борусија Менхенгладбах за 8 милиони евра.

„Влаховиќ има неверојатни квалитети и е многу добро физички подготвен. Ако ја продолжи формата што ја имаше во Фиорентина, ќе биде добро за тимот. Може да постигне гол на секој начин. Овие промени можат да го трансформираат Јувентус, да донесат ентузијазам и чувство на сила во сопствениот потенцијал“, изјави Дел Пјеро.


Руд Гулит: Ливерпул е идеално место за Халанд

Легендата на холандскиот фудбал Руд Гулит смета дека за ѕвездата на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд би било идеално да игра под водство на Јирген Клоп во тимот на Ливерпул.

Се очекува напаѓачот на Дортмунд да биде еден од најбараните играчи кога повторно ќе се отвори трансфер пазарот на крајот од сезоната. 21-годишниот Норвежанец наводно има клаузула во договорот која ќе му овозможи да биде купен за 75 милиони евра.

„Го гледам во Англија, но мислам дека нема да оди во Манчестер Јунајтед. Сити би бил добар за него поради Пеп Гвардиола. Но, одлични би биле и Јирген Клоп и Ливерпул. Она што го направи Јирген со клубот е неверојатно. Не можеш а да не го почитуваш бидејќи тој е секогаш гладен за успех, а тоа би му одговарало на Халанд. Во Шпанија опција е само Реал Мадрид. Ова се трите клуба кои ќе се борат за Ерлинг“, изјави Гулит за германскиот весник Билд.


Рој Кин повторно тренер на Сандерленд?

Медиумите од Англија ја пренесуваат веста дека Рој Кин е блиску до враќање на клупата на Сандерленд.

Некогашниот премиерлигаш Сандерленд, сега се натпреварува во Лига еден и се бори за пласман во Чемпионшип. После последниот пораз од Болтон со резултат 0:6, клубот одлучи да го отпушти тренерот Џонсон, а како негова замена се споменува Рој Кин.

Кин е поранешен играч на Манчестер Јунајтед кој своевремено успешно ја тренираше екипата на Сандерленд и челниците на клубот имаат мислење дека тој би бил најдобро решение за преземање на клупата во овој момент.


Сенегал прв финалист на Африканскиот куп на нации, Мане против Салах или Камерун

Фудбалската рпрезентација на Сенегал е првиот финалист на Африканскиот куп на нации, откако во полуфиналето со резултат 3:1 ја совлада селекцијата на Буркина Фасо.

Сите голови на натпреварот паднаа во второто полувреме, а најдобар играч на теренот беше Садио Мане од Сенегал, кој запиша асистенција и гол.

Во второто полуфинале се среќаваат репрезентациите на Египет и домаќинот Камерун. За Египет настапува еден од најдобрите светски фудбалери, Мохамед Салах, па така можно е финале помеѓу двата напаѓачи на Ливерпул, Мане и Салах.


Почетино знае дека ќе биде заменет од Зидан

Неколку француски медиуми изјавија дека управата на Париз Сен Жермен веќе го известила тренерот Маурицио Почетино дека тој нема да остане на кормилото на тимот после завршувањето на сезоната. 

Поранешниот тренер на Тотенхем е под сериозен притисок поради некои слаби настапи на тимот, но има амбиција да продолжи со работата до крајот на сезоната и да го оствари сонот на сите кои го сакаат ПСЖ, освојување на трофејот во Лигата на шампионите.

Се верува дека нов тренер на францускиот гигант ќе биде Зинедин Зидан, кој веќе ги разјаснил сите услови од договорот. Зидан минатото лето ја напушти клупата на Реал Мадрид  и оттогаш е без тренерски ангажман.  Тој со „кралскиот клуб“ трипати ја освои Лигата на шампионите и двапати титулата првак на Шпанија.


Обамејанг: Ми изгледа неверојатно што Чави ќе ми биде тренер

Пјер-Емерик Обамејанг ја изрази својата радост поради неговиот трансфер во клубот. Напаѓачот вети дека ќе се обиде да им помогне на Каталонците да се квалификуваат во Лигата на шампионите и ја поздрави можноста да работи под водство на Чави Ернандез.

„Многу сум горд бидејќи семејството на мајка ми има шпански корени. Среќен сум што сум овде. Мојата главна цел е да му помогнам на тимот и да дадам се од себе за да го вратам клубот во Лигата на шампионите. Неверојатно е што Чави ќе биде мој тренер. Тој беше фантастичен играч за кој сите знаат. Убеден сум дека од него како ментор ќе научам многу. Многу сум среќен, сите срдечно ме поздравуваат, па се чувствувам прилично добро. Имам голема желба да одам на Камп Ноу. Ова е еден од најголемите клубови во светот и чест ми е што сум тука. Затоа потпишав со Барса. Имам искуство – имам играно во Германија, Франција и Англија. Доаѓам овде да помогнам и да дадам се од себе“, изјави Обамејанг за клупската телевизија.