фудбал

Млад хрватски талент од Славен Белупо се пресели во Баерн

Баерн успеа да го ангажираат 16-годишниот хрватски фудбалски талент, Ловро Звонарек, од екипата на Славен Белупо.

Бундес-тимот првично ќе плати 2 милиони евра, но, сумата може да се зголеми до пет со одредени бонуси. Тоа претствува трансфер-рекорд за Баварците кога станува збор за играч до 18 години. Звонарек во тековнава сезона ќе остане во Хрватска а на 1 јули во 2022 година ќе замине во Баварија.

„Баерн е еден од најпознатите и најуспешните клубови во светот. Горд сум што ќе играм таму во иднина”, изјави Звонарек


Холандски тренерски великан објави крај на кариерата

Гус Хидинк, еден од најголемите холандски тренери на сите времиња објави дека заминува во пензија на 74 годишна возраст.

Тој ја заврши кариерата која траеше 34 години и во текот на која по два пати ги водеше ПСВ, Валенсија, репрезентацијата на Холандија и Челзи, како и по еднаш Фенербахче, Реал, Бетис, Јужна Кореја, Австралија, Русија, Турција, Анжи, младата репрезентација на Кина и Курасао.

Најголемите успеси ги оствари со ПСВ, кој го водеше до шест шампионски титули и четири Куп трофеи, како и до Купот на европските прваци во 1988. година, што е круна на неговата кариера.

Со Холандија, успеа да стигне до четвртото место на СП 1998. година, а четири години подоцна сензационално до истиот успех стигна и со Јужна Кореја, за што доби и почесно државјанство на таа земја.

Хидинк е еден од тројцата добитници на наградата за животно дело на Холандскиот фудбалски сојуз, останатите двајца се Ринус Михелс и Јохан Кројф.


Нуно од Тотенхем е менаџер на месецот во Премиер лигата

Менаџерот на фудбалерите на Тотенхем, Нуно Еспирито Санто, беше прогласен за најдобар во месец август во Премиер-лигата.

Тој во рангирањето ги остави зад него Дејвид Мојс (Вест Хем), Томас Тухел (Челзи) и Рафаел Бенитез (Евертон). Сите тројца имаат идентичен ефект по две победи и еден нерешен резултат. Санто со неговиот состав започна фуризно со сигурни три победи на исто толку мечеви. Тука влегува и триумфот против шампионот Манчестер Сити.

Тотенхем утре од 13.30 го очекува мечот со Кристал Палас во рамките на четвртото коло во Премиер-конкуренцијата.


Милан му нуди трампа на Ливерпул: Кеси за Тиаго

Милан размислува за размена на играчот од средниот ред Франк Кесие за играчот на Ливерпул, Тиаго Алкантара.

Договорот на играчот од Брегот на Слоновата Коска истекува следното лето и во оваа фаза тој одбива повторно да потпише. Така, за да не го загубат без пари, „росонерите“ во јануари ќе се обидат да го разменат за шпанскиот репрезентативец , објавија медиумите во Милано. Директорите на Милан, Фредерик Масара и Паоло Малдини, тргнаа да преговараат за ваков договор со преставниците на Ливерпул.

Од Ливерпул може да размислат за таков предлог, бидејќи Кесие е играч кој го сака Јирген Клоп. Тој е 6 години помлад од Тиаго Алкантара, а покрај тоа, Шпанецот не импресионираше во својата прва сезона на „Енфилд“, постигнувајќи само 1 гол на 30 натпревари.
Инаку, за само неколку дена Ливерпул и Милан ќе го продолжат ривалството во Лигата на шампионите. Двата тима се соочуваат еден против друг следната среда на „Енфилд“ во натпревар од групата Б.


На Озил му здодеа во Фенер, се сели во МЛС лигата?

Месут Озил има уште три години од неговиот договор со Фенербахче, но играчот за врска веќе во јануари би можел да ја промени средината.

Според најавите од Турција Озил не е среќен во Фенербахче каде што дојде пред само осум месеци. Тогаш тврдеше дека играњето за турскиот гигант за него е исполнување на сонот.

Во Фенербахче пристигна како слободен играч од Арсенал кој долго време се обидуваше да се ослободи од неговата огромна плата од 350.000 фунти неделно.

Озил не ги оправда очекувањата од него во Турција, па сега се најавува дека би можел во МЛС лигата.


Поради физички напад – Боатенг ќе плати скоро два милиони евра

Германскиот повремен репрезентативец, Џером Боатенг ќе мора да плати 1.8 милиони евра оштета за физички напад на својата поранешна девојка, одлучи судот во Минхен.

Сканадалот се случил пред три години, кога Боатенг беше обвинет од неговата поранешна девојка Шерин Сенлер дека физички ја нападнал.

Боатенг го загуби случајот на суд, па покрај финансиската казна може да заврши и во затвор најмногу до пет години.

Дефанзивецот јавно говореше дека Сенлер е ментално нестабилна, дека сакала да се самоубие и затоа ја прекинала врската со него, но сега приказната доби поинаков расплет.


Македонски талент пред „вратите“ на Партизан

Димитар Митровски од ова лето повеќе не е член на тимот на Спортинг Лисабон.

Фудбалерот кој со Дарко Чурлинов беше носител на играта на у21 репрезентацијата на Македонија наскоро би можел да има нов клуб затоа што преку проба ќе се обиде да се наметне кај еден од најдобрите балкански клубови, Партизан.

Медиумите во соседствоот пренесуваат дека 22 годишниот Митровски ќе се обиде да ги задоволи апетитите на тренерот на Партизан,  Александар Станојевиќ.

Преодниот рок во Србија завршува на 17 септември, па дотогаш веројатно ќе биде познато дали Митровски ќе направи трансфер во тимот кој оваа сезона ќе се натпреварува во групната фаза во Конференциската лига на УЕФА.


Ветеранот Љоренте бара нов клуб, најблиску е до потпис во Чемпионшип

Фернандо Љоренте во моментов е слободен агент откако му заврши договорот со Удинезе и си бара нов клуб.

Љоренте нема намера да стави крај на кариерата и активно бара нов ангажман, пренесува „Мундо Депортиво“.

Медиумите откриваат дека Љоренте бил предложен на Интер и Јувентус, меѓутоа тие не покажале интерес за ветеранот.

Постои можност Љоренте да ја продолжи кариерата во Чемпионшип, бидејќи во моментов е слободен агент и слободно може да потпише со нов клуб.


У-19 репрезентацијата на меѓународен турнир во Словенија

Mладата репрезентација на Македонија предводена од селекторот Дашмир Беари во периодот од 1. до 7. септември учествуваше на меѓународен турнир за фудбалери до 19 години во Словенија.

Нашите млади фудбалери на овој турнир одиграа три силни натпревари против домаќинот Словенија, Саудиска Арабија и Словачка.

Првиот натпревар го одигравме на 2. септември против Словенија. Нашите фудбалери може да жалат за претрпениот пораз од домаќинот. Македонија имаше предност од 2:0 и 3:1, но на крајот беа поразени со 4:3. Одличен натпревар одигра нашиот голман Гоце Јовчев, кој покрај одбранетиот пенал на противникот имаше и неколку одлични интервенции.

Во второто коло, Македонија одигра натпревар против Саудиска Арабија. На овој меч, нашите репрезентивци имаа предност од 1:0, но на крајот Саудиска Арабија постигна погодок за израмнување за конечни 1:1. Натпреварот го одбележа тешката повреда на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој доживеа скршеница на раката.

Последниот дуел го одигравме против селекцијата на Словачка. Натпреварот заврши идентично како и дуелот со Саудиска Арабија, 1:1. Нашите фудбалери доминираа во текот на целиот натпревар, беа подобар противник, создадоа многу шанси, но на крајот не успеаа да слават победа. 

„Задоволен сум од прикажаната игра, мислам дека резултатот не ја опишува вистинската слика на теренот. На моменти имавме пад на концентарција, мислам дека тоа не чинеше многу на овие три натпревари. Сакам да ја искористам оваа прилика да му посакам брзо закрепнување на нашиот фудбалер, Андреј Стојчевски, кој заработи тешка повреда на дуелот со Саудиска Арабија“. – изјави селекторот Беари.

Нашата репрезентација во октомври ќе одигра два контролни натпревари против Турција, како подготовка за ноемврискиот квалификациски турнир.


Меси во солзи – постигна хет-трик и сруши голем рекорд! (видео)

Лионел Меси со три погодоци му донесе победа на Аргентина над Боливија со 3:0 во квалификациите за Светското првенство.

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња со хет-трик го сруши рекордот на Пеле по број на голови за некоја јужноамериканска репрезентација и така стана најдобриот стрелец во историјата на репрезентативниот фудбал во Јужна Америка. Меси постигна 79 погодоци, два повеќе од Пеле.

Аргентинците на овој натпревар со навивачите го прославија трофејот од Копа Америка, а Меси покажа колку му значи тој трофеј.

„Тоа е тоа, ова беше мојот сон. После толку години чекање… немаше поубаво место за прослава. Мојата мајка беше тука, мојот брат… сите многу патевме, а сега славиме. Пресреќен сум.“ – рече Меси.

Аргентина по осум натпревари во квалификациите има пет победи и три нерешени натпревари и го држи второто место на табелата зад Бразил, кој знае само за победи.

https://twitter.com/Sabir_Scrip/status/1436193518385573896