фудбал

Анчелоти има план како да го менува Бензема во нападот на Реал

Тренерот на Реал, Карло Анчелоти откри кој би можел да го замени напаѓачот Карим Бензема во неговиот тим.

„Не е точно дека нема кој да го замени Бензема. Ги имаме Маријано, Азар, Родриго, понекогаш Асенсио, па дури и Модриќ. Бензема игра на секои три дена, а понекогаш му треба одмор. Со еден натпревар неделно добро се снаоѓа. На средбата со Бетис не успеа на крајот, но тоа не е поради неговата физичка состојба“, изјави Анчелоти.

Реал Мадрид во саботата во четвртото коло од шпанското првенство го победи Бетис со 2-1. 


Џејмс доби нов договор со Челзи

Дефанзивецот на Челзи, Рис Џејмс наскоро ќе потпише нов договор со клубот. Новиот договор ќе важи до 2028 година. Претходно беше објавено дека Реал Мадрид е заинтересиран за играчот.

Според изворот, раководството на лондончани сака во договорот да биде вклучена и опцијата за продолжување на соработката. Преговорите за условите на новиот договор влегуваат во последната фаза.

22-годишниот Џејмс е дете на лондонскиот клуб. Сезонава на 5 натпревари во сите натпреварувања, дефанзивецот постигна еден гол и имаше една асистенција. Актуелниот договор меѓу Џејмс и Челзи истекува во летото 2025 година.


Шестнеделна пауза за Дани Олмо од РБ Лајпциг

На синоќешниот меч во Бундеслигата меѓу Ајнтрахт и РБ Лајпциг, шпанскиот репрезентативец Дани Олмо се повреди уште во 4. минута по еден дуел со противничкиот играч Џибрил Соу. Иако се обиде да го продолжи натпреварот, Олмо се здоби со повреда на коленото поради која беше заменет во 11. минута.

Неговиот клуб соопшти за каква повреда се работи.

„Дани Олмо доживеа делумно кинење на левите лигаменти на гостувањето против Ајнтрахт и ќе отсуствува меѓу четири и шест недели“, објави германскиот прволигаш.


Постигнат договор, Икарди доаѓа во Галатасарај

За неколку дена животот на Мауро Икарди целосно ќе биде променет. Тој ќе биде пречекан од илјадници навивачи на Галатасарај каде што ќе биде еден од најскапите и најдобрите играчи кои некогаш играле за тој клуб. За трансферот на Аргентинецот се зборува долго време, а турски „ТРТ“ пишува дека сега се е договорено со ПСЖ.

Договорот помеѓу Икарди и Галатасарај е во тек веќе неколку дена, но Пари Сен Жермен малку го одложи. Наводно во целиот процес се вклучил и Фенербахче и вечниот ривал на Галата се обидел да им го презеде Мауро.

Сепак, сега ТРТ пишува дека зделката меѓу Галатасарај и Пари Сен Жермен е завршена и дека се работи за едногодишна позајмица.


Марсело пред потпис со Лестер Сити

Новинарот на „Марка“, Марти Мирас, тврди дека легендарниот фудбалер на Реал Мадрид, Марсело, во тековнава сезона ќе игра за Лестер.

Бразилецот откако го одработи договорот со шпанскиот состав,  сега ќе се проба во Премиер-лигата.

Според објавеното, левиот  бек откако ќе ги помине лкераските прегледи, ќе потпише едногодишен договор со „лисиците“.


Челзи потроши најмногу во Европа ова лето

Екипата на Челзи постави апсолутен рекорд во историјата на Премиер лигата кога станува збор за реализирани трансфери.

Лондончани сигурно ја поминаа границата од 250 милиони фунти а Лондон Ивнинг Стандард проценува дека вкупниот износ е 273,5 кога ќе се додадат и бонусите.

Сепак, новиот сопственик на „сините“, Тод Боли, не успеа да го собори рекордот на Реал Мадрид од летото 2019 година кога кралскиот клуб потроши околу 292 милиони фунти.


Дориан Бабунски се враќа во бугарскиот шампионат

На почетокот на оваа година Дориан Бабунски имаше одлични настапи во тимот на Ботев Враца и тоа му донесе трансфер во Дебрецин.

Добро започна Дориан и во унгарскиот прволигаш, но потоа дојде до промена на комплетната структура во клубот, си замина и тренерот, па македонскиот репрезентативец падна во втор план.

Ваквата ситуација сака да ја искористи ЦСКА 1948 која би можела да го врати напаѓачот во Бугарија.


Обамејанг: Имам недовршена работа во Премиер лигата

Пјер-Емерик Обамејанг се врати во англискиот шампионат и повторно ќе игра во Лондон. Овој пат, сепак, 33-годишниот напаѓач ќе го носи дресот на Челси.

„Сините“ го привлекоа од Барселона за 12 милиони евра, а поранешниот капитен на Арсенал потпиша двегодишен договор. Тој во својот нов клуб ќе го носи дресот со број 9.

„Многу сум среќен. Чест е да се биде дел од овој тим и едвај чекам да започнам. Имам незавршена работа во Премиер лигата, па возбудливо е да се вратам“, сподели Обамејанг.

Оба помина нешто повеќе од половина година на „Камп Ноу“ откако во јануари потпиша за Каталонците како слободен играч.


Батчуаји потпиша за Фенер, ќе ја дели соблекувалната со Алиоски

Мичу Батчуаји беше многу блиску до останување во Премиер лигата, но неговиот трансфер во Нотингем Форест пропадна во последен момент.

Се очекуваше Белгиецот во финишот од преодниот рок да го напушти Челзи и неговото преминување во Нотингем Форест беше завршена работа, меѓутоа се пропадна во последните минути од преодниот рок.

Батшуаи се уште има договор со Челзи до летото 2023 година, иако поголемиот дел од својот престој во Лондон го помина на позајмици.

Јасно е дека за него нема повеќе место во Челзи, а сега може да направи трансфер во Турција, каде се уште е отворен трансфер пазарот.

Фенербахче покажува сериозен интерес да го донесе во своите редови, па двете страни се блиску до договор.


Стефан Ашковски ќе игра за грчкиот клуб Ламиа

Македонскиот фудбалски репрезентативец реши својата кариера да ја продолжи во Грција, каде ќе настапува во дресот на прволигашот Ламиа.

Репрезентативниот бек минатата сезона настапуваше за екипата на Сепси од Романија, а во грчкиот тим пристигна како слободен фудбалер.

При официјалната промоција во новиот клуб, 30-годишниот Ашковски изјави дека е среќен што ќе игра за Ламиа и дека се надева на одлични резултати и постигнување на зацртаните цели со екипата.