фудбал

Гризман се одрекнал од големи пари за да се врати во Мадрид

Oткриени се бројките околу трансферот на Антоан Гризман и неговото враќање во Атлетико Мадрид.

Гризман е позајмен од страна на Барселона и за позајмицата Барселона доби 10 милиони евра. Атлетико има обврска да го откупи неговиот договор за 40 милиони евра. Значи Атлетико вкупно за него ќе плати околу 50 милиони евра, а на Барселона го продаде за 120.

Ништо од ова немаше да биде можно ако Гризман сам не се откажаше од дел од платата.

Имено, условот бил Гризман да прифати плата од 10 милиони евра со која би бил изедначен со Суарез, Облак и капитенот Коке.

Барселона од друга страна сакаше да се ослободи од неговата плата од 17 милиони евра, Французинот после заминувањето на Меси беше најплатениот играч во тимот.


Барселона барем на една сезона се ослободи од Пјаниќ

Миралем Пјаниќ во последните моменти за пријавување играчи за Лигата на шампионите, на неколку минути пред полноќ, потпиша едногодишна позајмица во Бешикташ, шампионот на Турција.

Пјаниќ не сакаше да замине од Барселона, без оглед на тоа што каталонците со сите сили се обидуваа да се ослободат од него. Ги одбиваше сите можности за заминување во друг клуб, но Барселона по затворањето на трансфер пазарот во најсилните лиги посебно „запна“ како би го испратила во Русија или Турција, земјите каде се уште трае трансфер периодот.

Така, Барселона барем привремено се ослободи од 31-годишниот фудбалер откако долго го тераа од клубот каде пред помалку од една година за него платија 60 милиони евра, па го направија еден од петте фудбалери со најголема плата.

Пјаниќ е веќе петти играч кој ја напушти Барселона во последните три дена. Пред него заминаа Илаиш Мориба, Емерсон Ројал, Реј Манај и Антоан Гризман.


Роналдо по соборениот рекорд порача дека нема да застане тука

Кристијано Роналдо влезе во историјата, откако со 111 гола стана најдобар стрелец во историјата на интернационалните натпревари, постигнувајќи два гола во победата против Република Ирска со 2:1, во квалификациите за СП 2022.

Тој со глава два пати ја затресе мрежата на Ирците.

„Секогаш ми било чест да го носам дресот на репрезентацијата. Рекордот не прави среќен, но не сакам да застанам тука. Има уште рекорди кои сакам да ги достигнам. Би сакал да им се заблагодарам на моите соиграчи за сите убави моменти. Да продолжиме понатаму, не застанувам тука. Мислам дека би можел да играм уште четири-пет години“,– изјави Португалецот.

Головите на Роналдо ја искачија Португалија на врвот на табелата во групата каде што се бори за пласман на следниот Мундијал.


Артим Шаќири има нов тренерски ангажман

Поранешниот македонски репрезентативец Артим Шаќири ќе има нов предизвик во својата тренерска кариера која ќе ја продолжи во Швајцарија.

47-годишниот Шаќири кој претходно ги водеше нашиот актуелен шампион Шкендија, Кукс од Албанија, Фљамуртари од Косово и Пемброк од Малта, во новата сезона ќе биде тренер на Шафхаузен.

После пет одиграни кола во втората швајцарска лига, овој клуб се наоѓа на седмото место со шест бодови, седум помалку од водечкиот Ксамакс.

Шаќири доаѓа како наследник на екс швајцарскиот репрезентативец Мурат Јакин.

Нема детали околу договорот, но на клупскиот официјален сајт стои дека му посакуваат топло добредојде на Шаќири и му посакаа многу успеси.


Милевски: Имавме проблеми, но генерално сум задоволен

Благоја Милевски дебитираше со реми без голови на клупата на Македонија.

Новиот предводник на нашиот сениорски фудбалски тим по нерешениот резултат со Ерменија укажа на работите кои треба да се променат пред дуелот со Исланд.

„Имавме некои проблеми со транзицијата, но задоволен сум генерално од менталниот пристап на играчите. Точно е дека имавме проблем со завршното додавање и шутевите, немаме многу време за да се подготвуваме. Заминуваме за Исланд, таму ќе одработиме само еден тренинг. Генерално сум задоволен од пристапот на фудбалерите и од желбата која ја покажаа. Ќе се обидеме да ги надминеме проблемите за дуелот во недела.“ – изјави Благоја Милевски.

Во петтото коло веќе за два дена, Македонија ќе му гостува на Исланд, а на 8 септември во Скопје ја пречекува Романија.


Најновото засилување на Милан позитивен на ковид-19

Францускиот репрезентативец Оливие Жиру е позитивен на коронавирус објави италијанскиот клуб.

Според протоколите Жиру веднаш е изолиран и е во фаза на опоравување. Нормално, ќе биде изоставен од составот на Дидие Дшеамп за тековниот репрезентативен циклус во кој вчера Французите ремизираа со БиХ.

Кога е Милан во прашање и италијанскиот клуб се надева на негово брзо опоравување затоа што веднаш по пристигнувањето Жиру постигна два гола против Каљари и се очекува да биде големо засилување.


Виси трансферот на Рибери во Верона

Трансферот на Франк Рибери во Верона може да пропадне затоа што Французинот не може да се договори за платата со италијанскиот прволигаш. 38-годишниот Рибери начелно имаше договор со Верона, но, според последните вести, камен на сопнување во преговорите може да бидат прекумерните финансиски барања на фудбалерот.

Според изворот, Рибери сака да добие 1,8 милиони евра од Верона за едногодишен договор. Раководството на клубот смета дека оваа сума е преценета. Сепак, Верона се уште е заинтересирана за Рибери доколку играчот ги намали финансиски апетити.


Судот одби да го пушти на слобода, Менди останува зад решетки

Британскиот суд одби да го пушти со кауција фудбалерот на Манчестер Сити, Бенџамин Менди кој е обвинет за насилство и сексуална агресија.

27-годишниот фудбалер е задржан во затвор во Ливерпул, а Манчестер Сити го отстрани од тимот ден пред полицијата да го приведе.

Менди е обвинет за три насилства во октомври 2020 и едно во август 2021 година во својот дом, како и за сексуална агресија во јануари. Обвиненијата ги поднесоа три различни жени од кои едната е малолетна.

Денес судот одби да го пушти Менди на слобода и тој останува во притвор до денот на судењето.


Зијеч во јануари доаѓа на „Сан Сиро“?

Милан не се откажува од намерата да го доведе Хаким Зијеч и повторно ќе се обиде во јануари.

Зијеч беше прва желба на „росонерите“ во текот на летниот преоден рок, но Челзи не сакаше да го пушти на позајмица со право на откуп.

Сега отакако на „Стенфорд Бриџ“ пристигна Саул Нигез работите се променија па Челзи е спремен да го пушти Зијеч, но вчера немало време да се реализира неговиот трансфер во Милан.

„Росонерите“ веќе имаат договор со плејмејкерот околу личните услови и ќе се обидат да го донесат во зимскиот преоден рок.


„Волците„ бараат премногу, Тотенхем не ја зголеми понудата за Адама Траоре

Тотенхем одби да ја зголеми понудата за крилото на Вулверхемптон, Адама Траоре.

Шпанецот беше меѓу трансфер целите на оваа екипа, а во последниот ден од преодниот рок се очекуваше лондончани да направат нов обид да го земат во своите редови, но тоа не се случи. Лично, новиот менаџер на Тотенхем Нуно Еспирито Санто инсистираше да го привлече 25-годишниот играч.

Клубот испрати понуда вредна 30 милиони фунти во понеделникот, но од Вулверхемптон веднаш ја одбија. „Волците“ инсистираа да добијат 50 милиони фунти за да се разделат со овој играч.