ракомет

Србија на Раул ја шокира Германија во Хернинг

Србија приреди вистинска сензација со победата над Германија 30-27 (13-17), во второто коло на Европското првенство во ракомет. Избраниците на поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес, со гранитна одбрана го шокираа големиот фаворит во второто полувреме, во кое надополнија негатива од четири гола.

Германија го диктираше темпото во првото полувреме, во кое Србија држеше приклучок благодарение на голманот Дејан Милосављев. Сепак во финишот на полувремето Германците успеаја да дојдат до голема предност.

Вториот дел, може да се каже дека е мастерклас на селекторот Гонзалес. Србите ги натераа Германците на период од шест минути без постигнат гол, поведоа со гол разлика, Германците одговорија со серија 4-1.

Вистинска драма се случуваше во финишот, а особено неверојатен беше моментот кога германскиот селектор побара тајм-аут, во моментот кога Кнор постигна гол, при водство на Србија 27-26.

Тој момент како да ги поремети Германците, Зербе промаши и седмерец, а потоа Србија мирно го заклучи натпреварот.

Којадиновиќ и Воркапиќ беа најефикасни со по шест гола, заедно со Пешмалбек (5), Додиќ (4) и Вања Илиќ (3). Се истакна и Милосављев, кој го заврши натпреварот со 12 интервенции. На другата страна, одлични беа Шлуров и Ушчинс (по 6 гола), како и Кнор (5) и Зербе (4).

Во последното коло, во оваа А група, Србија ќе игра против Австрија, а Германија ќе се соочи со Шпанија.


Вардарецот Јанковски казнет со два меча по црвениот картон со Унгарија

Полскиот репрезентативец и играч на Вардар Виктор Јанковски, кој на вчерашниот дуел со Унгарија беше дисквалификуван во 34.минута со одлука на Дисциплинската комисија беше санкциониран.

Тој нема да има право на настап на два натпревара, поради што неговото дејство било неодговорно и опасно.

Јанковски нема право да ги игра следните два натпревари од ЕХФ ЕУРО 2026: Полска против Исланд на 18 јануари 2026 година и Полска против Италија на 20 јануари 2026 година.

Полската федерација има право на жалба до вечерва до 20 часот, но нема никаков ефект на суспензија против оваа одлука.


Пилиповиќ го однесе Охрид во финалето на турнирот „Вук Рогановиќ“

Охрид ја совлада српската екипа на Динамо Панчево 27-20, во полуфиналниот натпревар од петтото издание на Турнирот “Вук Рогановиќ”, што се одржува во Белград.

Иванковиќ беше најефикасен со седум гола, Пилиповиќ оствари тринаесет одбрани и беше прогласен за играч на мечот.

Охрид:
Стрмљан 4, Ојлески 3, Иванковиќ 7, Кукуловски, Трајчески, Ристески, Тасески 4, Реј, Савревски 3, Лиапис, Бојаниќ, Петриќ 3, Ќосевски 3, Блажески, Пилиповиќ (13 одбрани), Ѓорѓески.

„Гладијаторите“ утре играат во финалето на турнирот против белрадски Партизан.


Босански судии ќе го водат дуелот Португалија – Македонија

ЕХФ ги објави официјалните лица за утрешниот ден од европскиот шампионат, па и македонските ракометари и стручниот штаб ги дозна судиите кои ќе бидат задолжени за делење на правдата на дуелот со Португалија.

Мечот ќе го судат браќата Амар и Дино Коњичанин од Босна и Херцеговина.

Дуелот Македонија и Португалија се игра утре со почеток во 18 часот во „Јиске Банк Боксен“ арената во Хернинг.


Лазаров: Португалија овде дојде по медал, но го нема квалитетот на Данска!

Македонската ракометна репрезентација по натпреварот со Данска и поразот на стартот на Европското првенство, сега веќе размислува за следниот натпревар со Португалија.

Селекторот Лазаров, на денешната средба со новинарите, зборуваше и за следниот противник.

„Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчера. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит, цела ноќ се занимавам со нив, како и минатите шест месеци. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, рече Лазаров.
Селекторот зборуваше и за тоа како ги поминуваат ноќите подготвувајќи се следните противници:

„Ноќите за тренерите на големите натпреварувања се непреспиени. Мораме да сработиме и тоа што било, и тоа што ќе биде. Дали можеше подобро или полошо не се прашуваме само ние. Се прашува Данска и така е против секоја репрезентација. Тие се спремаат да бидат европски прваци и можеш да ги изненадиш 5-10 минути. Ова е едно големо искуство за сите нас и треба побрзо да го заборавиме овој натпревар“, заврши Лазаров.

Македонија својот натпревар со Португалија го игра утре од 18:00 часот во Хернинг.


Томовски: Против Португалија на сè или ништо!

По натпреварот во Хернинг на стартот на ЕП во ракомет нашиот прв голман вечерва, Мартин Томовски го анализираше дуелот со светскиот и олимпискиот шампион.

„Без разлика што Данска е најдобра, ние излеговме на терен и дадовме максимум. Техничките грешки на стартот не чинеа скапо, а тим како Данска знаеше тоа да го казни. Мислам дека овој меч може многу да ни помогне, да анализираме и да направиме добра подготовка за следниот меч со Португалците. Мора да ги поправиме грешките, да се консолидираме во одбраната и да атакуваме на позитивен резултат. Верувам дека ќе имаме поинаков меч, иако и Португалците играат брзо и тие имаат слабости. Добро ги анализиравме. Овој меч беше само увертира и патоказ како не треба, мораме да коригираме грешки и да одиме на се или ништо против Португалија“, рече нашиот голман.


Лазаров: Вакви резултати им се случуваат и на посилни репрезентации од нас

Македонската ракометна репрезентација со пораз од 36:24 против домаќинот Данска го започна настапот на Европското првенство, но селекторот Кирил Лазаров вели дека е задоволен од прикажаната игра, и покрај двоцифрениот резултат.

Лазаров истакна дека неговите избраници храбро се спротивставиле на една од најдобрите селекции во светот и дека вакви порази им се случуваат и на многу поквалитетни репрезентации.

„Иако е тешко да се каже по пораз од дванаесет гола, задоволен сум од начинот на кој се бореа моите момци. Добро го подготвивме натпреварот, ротиравме и им дадовме шанса на сите играчи, што е важно со оглед на напорниот ритам“, изјави Лазаров, додавајќи дека фокусот веќе е насочен кон дуелот со Португалија.

Како клучен момент за поразот, селекторот ги посочи почетните минути, кога Данска ги искористи македонските грешки и направи серија од 5-0. Сепак, тој нагласи дека одбраната во поголем дел од натпреварот била добро поставена и дека тимот ќе се обиде да се прикаже во уште подобро светло на следниот меч“, рече Лазаров.

Репрезентативците добија поштеда и утре нема да тренираат, а во утринските часови ќе одржав брифинг со новинарите.


Светскиот првак пресилен, Македонија загуби во Хернинг од Данска

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Данска со 36-24 (17-12) во првиот натпревар на Европското првенство. Во натпревар од кој реално немавме големи очекувања, нашиот настап треба да биде само вовед во она што ги очекува репрезентативците во продолжението од првата фаза.

Избраниците на Кире Лазаров покажаа борбеност, мотивираност и квалитет и против селекција каква што е Данска, првото полувреме кодомаќинот го доби со 17-12, а во продолжението успеа да изгради и поголема предност. Фаворитот на крајот славеше со 36:24 пред своите фанови во Хернинг, а Македонија сигурно ќе извлече и добри моменти, односно ситуации во кои му се спротивставуваше на актуелниот светски шампион.

Серафимов со шестголови беше најефикасен во нашата репрезентација, Митев и Кузмановски постигнаа по четири, додека на спротивната страна доминираа Питлик со девет и Гидсел со осум голови. Нашата репрезентација во недела веќе има нов предизвик и соочување со Португалија, репрезентација која исто така има една победа откако ја совлада Романија во првиот натпревар од групата.


Томовски: Сакаме да одиме во следната рунда и се надеваме на најдоброто

Македонскиот ракометен тим ќе биде пред голем предизвик на вечерашниот дуел во првото коло од Европското првенство. На отворањето во првото коло од групата Б противник е кодомаќинот Данска.

„Ќе биде навистина предизвикувачки да се игра во Данска, особено против еден од главните домаќини. Данска е број еден во последните години, па можеме само да уживаме во ова натпреварување и да дадеме се од себе за да ја направиме нашата земја среќна. Знам дека секако сакаме да постигнеме повеќе, да одиме во следната рунда, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и ќе се надеваме на најдоброто“, изјави единствениот интернационалец во нашиот тим голманот Мартин Томовски.

Почетокот на дуелот е во 20:30 часот.


Лазаров: Нема што да загубиме, ќе уживаме против најдобрите

Селекторот Кирил Лазаров во пресрет на првиот дуел од Европското првенство во Хернинг игра со моќната Данска. Данците ќе имаат поддршка од трибините, тие се тим кој е актуелен светски и олимписки првак.

„На првиот натпревар играме против најдобриот тим на светот во последните десет години, тоа е Данска. Возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, ќе ни биде многу тешко, но немаме што да загубиме на овој меч и ќе се обидеме да уживаме. Разговарав со моите млади играчи на кои ова им е ново искуство, ќе играат против земја во која се сака ракометот и кој им е можеби број 1. Најважно е што смената на генерации ја правиме постепено, чекор по чекор, тоа е тежок процес и посилни селекции имаат проблем со смена на генерации. Ние сме мала земја, мора да бидеме трпеливи. Искрено, секој има амбиции и сака да победува натпревари. Сакаме да одиме во втората фаза, но секој сака“, рече селекторот Лазаров.

Браќата близнаци Игор и Алексеj Ковалчиус од Молдавија ќе делат правда на нашиот прв натпревар на шампионатот.