ракомет

Лазаров го повика Петар Атанасијевиќ по отказот на Манасков

Крилото на Еурофарм Пелистер Петар Атанасијевиќ ќе треба да се јави утре на стартот на подготовките на ракометната репрезентација на Македонија.

Тој ќе треба да го пополни местото на својот клупски колега Дејан Манасков, кој го „одби“ повикот на селекторот Кирил Лазаров.

Манасков како што објави вчера на социјалната мрежа Фејсбук на таков чекор се решил поради нарушени односи со селекторот.

Лазаров веднаш по одигрувањето на редовното коло го повика Атанасијевиќ, кој лани беше дел од составот на нашата репрезентацијата на Светското првенство.

Македонскиот ракометен национален тим во неделата на ЕХФ ќе има мини подготовки, а потоа ќе одигра два натпревара со Јапонија, едниот од затворен тип (31 октомври) и вториот закажан за 1 ноември во Куманово.


Манасков одби да се врати во репрезентацијата на Македонија

Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Дејан Манасков објави дека во моментов нема простор за негово враќање во дресот на македонската репрезентација.

Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук даде изјава:

„Почитувани, Би сакал да ја информирам цела македонска јавност и сите медиуми дека во моментов, за доброто на националниот тим, нема да настапувам за македонската ракометна репрезентација. Ќе бидам искрен и краток во моето обраќање и објаснување на одлуката. Во изминатите единаесет години, колку што настапував за македонската селекција, секогаш со чест и гордост го носев светиот дрес.

Се борев и настапував секогаш со цело срце. Моите односи со селекторот Кирил Лазаров се нарушени и не гледам простор во моментов истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван.

После сè што дадов, чувствувам дека Македонија премногу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука. Им посакувам многу среќа и успех на репрезентативците во следниов период. Дотогаш ќе бидам ваш најголем навивач и поддржувач. До некое следно видување Македонијо!“, напиша Дејан Манасков.

Инаку, спортската јавност очекуваше враќање на Манасков во репрезентацијата пред сè поради одличните игри и формата во која се наоѓа.

Македонската репрезентација во рамките на неделата на ЕХФ ќе се подготвува во Скопје, а ќе одигра и два натпревара со Јапонија.


Гарабаја целосно го изротира тимот, Еурофарм Пелистер лесно го надигра Радовиш

Еурофарм Пелистер нема негативни последици од дерби поразот од Вардар во домашното првенство, а доказ за тоа е и четвртата победа во низа остварена во Суперлигата. По напорот кој го имаа играчите против Магдебург, Гарабаја реши да комбинира и да им даде одмор на голем дел од стартерите, но дури и со таков распоред на силите, македонскиот првак беше пресилен за Радовиш.

Комбинираниот и подмладен состав беше гладен за победа и истата ја обезбеди уште во првото полувреме, додека во второто само го дотолчи противникот. Еурофарм Пелистер играше без Митревски, Пешевски, Хосни Кузмановски, Манасков и други важни првотимци, но и покрај тоа, на крајот славеше со 47-27.

Во отсуство на стартерите, свое шоу имаше Алем Хаџиќ со 11 постигнати голови, додека втор стрелец беше Хакбарт со осум реализации.

Пелистерци имаат седум победи во девет натпревари и се максимални на домашен терен.


Младите пелистерци немаа сили за изненадување во Автокомандa

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 немаа сили за изненадување и убедливо загубија од Алкалоид Ракомет со 37-25 (20-11).

Избраниците на Кирил Лазаров стекнаа предност уште на самото отварање на натпреварот, а и покрај обидот на гостите од Битола да останат во игра, серијата од 6-0 од 15. до 22. минута ги реши дилемите за победник. Алкалоид на полувремето замина со предност од 20-11, а веќе на отварањето на вториот дел од средбата поведе и двоцифрено и не остави никаква надеж за Еурофарм Пелистер 2.

Серафимов со осум голови го предводеше Алкалод. Него го следеше Костески со седум голови, додека најрасположен кај беше Митревски со седум голови. Петар Марковски додаде шест голови.

Екипата на Александар Зарков останува без одговор во дуелот со четирите најдобри екипи во лигата.


Кил го продолжи договорот со Филип Јиха

Актуелниот освојувач на Германскиот Куп во ракомет, Кил, ја официјализираше најважната одлука за својата блиска иднина.

Главниот тренер Филип Јиха и раководството на „Зебрите“ постигнаа договор за продолжување на соработката, со што договорот на чешкиот стратег е пролонгиран за уште две години, односно до летото 2028 година.

Оваа одлука претставува јасен сигнал дека клубот е целосно посветен на визијата за враќање на апсолутниот врв на европскиот ракомет преку континуитет и развој на младиот тим.


Магдебург плаќа обештетување за Доминик Кузмановиќ

Европскиот ракометен шампион Магдебург е подготвен да плати 600.000 евра за да го доведе хрватскиот репрезентативен голман Доминик Кузмановиќ од Гумерсбах, пренесува „Спорт Билд“.

Магдебург активно бара замена за Сергеј Ернандес, кој ќе го напушти клубот по завршувањето на сезоната, а 23-годишниот Кузмановиќ се смета за главен кандидат да ја засили голманската позиција.

Хрватот се пресели во Гумерсбах во 2024 година и има договор до летото 2028 година.

Сепак, интересот од актуелниот европски шампион би можел да доведе до преговори за потенцијален трансфер, иако клубот од Гумерсбах засега не се изјаснил официјално.


Европскиот првак пресилен, пелистерци со пораз се враќаат од Магдебург

Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаа да преиредат сензација и загубија од Магдебург со 36-26 на вечерашниот натпревар од шестото коло во Лигата на шампионите. Актуелниот европски шампион рутински го одработи овој предизвик и останува да биде перфектен и по шестото коло во групата Б.

Домаќините во вториот дел на првото полувреме заиграа на повисоко ниво и на пауза заминаа со плус шест (19:-3). Со оглед на разликата во квалитет уште тука беше јасно кој ќе ја однесе победата, но мораше да се одработат и вторите триесет минути во кои Магдебург се избори за двоцифрена предност.

Кузмановски со шест гола беше прв стрелец кај „зелено-белите“ за кои Митревски имаше осум интервенции. Магнусон со десет реализации беше најефикасен играч кај победникот.

Во следното седмо коло, кое ќе се игра за три недели, Еурофарм Пелистер ќе го пречека ПИК Сегед од Унгарија.


ЕХФ започнува ново натпреварување – Европски ракометни игри

Извршниот одбор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави започнување на ново репрезентативно натпреварување – Европските ракометни игри, кои треба да се одржуваат на секои четири години почнувајќи од 2030 година.

Осум од најдобрите европски машки и женски репрезентации ќе учествуваат на игрите, а победниците ќе обезбедат директен пласман на Олимписките игри, објави ЕХФ.

Новото натпреварување ќе се одржи во септември, додека Европските првенства во обете натпреварувања ќе ја задржат својата сегашна динамика – на секои две години. Иако досега актуелниот европски шампион имаше загарантирано место на Олимписките игри, сè уште не е потврдено дали оваа практика ќе продолжи.

Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, истакна дека Европските ракометни игри ќе обезбедат континуитет на олимпискиот ракомет на европско тло, со оглед на тоа што Олимписките игри во 2028 и 2032 година ќе се одржат надвор од Европа, во Лос Анџелес и Бризбејн.


ЕХФ одобри проширување на Лигата на шампионите

Европската ракометна федерација (ЕХФ) потврди дека почнувајќи од следната сезона, форматот на ракометната Лига на шампиони и Европската лига ќе биде променет. Бројот на екипи во Лигата на шампиони ќе се зголеми од сегашните 16 на 24, и тие ќе играат според сосема нов систем на натпреварување, сличен на оној што го гледаме на репрезентативните настани.

Почнувајќи од следната сезона, најелитното клупско натпреварување во Европа ќе го играат 24 екипи, поделени во шест групи од по четири екипи. Откако ќе играат во „кружен систем“ (со секој ривал дома и на гости), двете првопласирани екипи од секоја група се префрлаат во две групи од по шест екипи.

Екипите што ќе завршат на позициите три и четири ќе го продолжат своето европско патување во елиминацискиот дел од Европската лига.

Дванаесетте екипи што на тој начин ќе се најдат во главниот дел од ждрепката повторно ќе играат по „кружен систем“, по што четирите најдобри екипи од секоја од тие две групи ќе се квалификуваат за четвртфиналето (првопласираниот ќе игра со четвртопласираниот, второпласираниот со третопласираниот).

Шестопласираните тимови ќе ја завршат својата европска приказна тука, додека петтопласираните тимови ќе се пласираат директно во осминафиналето во Европската лига.

Победниците од четвртфиналните натпревари на Лигата на шампионите ќе се квалификуваат за турнирот „Фајнл Фор“ во Келн, каде што, како и досега, ќе се одлучува за новиот шампион.

Од следната сезона, 32 тима ќе влезат во Европската лига, распоредени во осум групи од по четири тима (веќе нема да има прелиминарни рунди и квалификации). Во групите, тимовите ќе играат по „кружен систем“, по што првите две од секоја група ќе се пласираат во елиминацискиот дел од натпреварувањето.

На 16-те тима во нокаут фазата ќе им се приклучат и 12 екипи од Лигата на шампионите.

Овие 28 тима ќе бидат поделени во 14 парови, по што на победниците ќе им се придружат уште две тима од Лигата на шампионите. Зборуваме за петтопласираните екипи од главниот дел од ждрепката на тоа натпреварување, што ќе ни даде 16 екипи во осминафиналето на Европската лига.

Победниците од тие натпревари ќе се пласираат во четвртфиналето, победниците во оваа фаза ќе изборат место на „Фајнал Фор“ турнирот.


Вардар доминантно го освои Тулуз

Македонскиот вицешампион Вардар вечерва оствари голема победа откако во 2.коло од ЕХФ Лига Европа го совлада францускиот Тулуз на гости со 28-26 (18-11). Ова за „црвено-црните“ е втора победа во групата Ф. Вардар одлично го почна натпреварот, а водство имаше во текот на целиот натпревар. Единствено резултатот беше нерешен 1-1, а Вардар направи серија од 5-0 за водство до 6-1. На почетокот на вториот дел Вардар поведе и со +9 (20-11 и 21-12), но потоа Тулуз имаше серија од 10-2 и стигна до негатива од еден гол. Сепак избраниците на Иван Чупиќ, најдоа сили и го задржаа водството до крајот на дуелот.

Најефикасен кај Вардар беше Јака Малус со 6 голови, додека на дуелот најпрецизен беше Немања Илиќ од Тулуз со 7 голови.

На вториот дуел од група Сесвете – Кристијанстад 32:32. Вардар е лидер на табелата со 4 бодови, Кристијанстад има 3, Сесвете 1, Тулуз 0.

Во следното коло Вардар на 11 ноември гостува кај Кристијанстад.