ракомет

Аце Станковски поднесе оставка и повеќе не е тренер на МРК Куманово

Аце Станковски поднесе оставка и повеќе не е тренер на МРК Куманово

Управата на македонскиот суперлигаш МРК Куманово ја информира јавноста дека Аце Станковски повеќе не е тренер на првиот тим.

Стратегот реши да поднесе оставка, а неговото место ќе го преземе Љубиша Димковски, кој минатата сезона го обезбеди опстанокот во најсилната ракометна конкуренција.

Од МРК Куманово му се заблагодаруваат на Аце Станковски на досегашната соработка и неговиот ангажман, со желби за среќа и успех во неговата понатамошна професионална кариера и работа.


Охрид во проблеми, сериозено се повреди Ловро Јотиќ

Ракометниот клуб Охрид се соочува со голем проблем пред серијата тешки натпревари.

Средниот бек Ловро Јотиќ, искусниот 31-годишен хрватски ракометар, заработи повреда на коленото во последниот момент од дуелот со Тиквеш во рамките на петтото коло од домашниот шампионат и го чека пауза.

Повредата на Јотиќ доаѓа во лош момент за охриѓани. Тимот овој викенд гостува кај еден од најсилните состави во македонската лига Е.Пелистер клуб во кој Јотиќ настапуваше во минатото.

Само неколку дена подоцна Охрид го очекува двомечот против азербејџанскиот Баки во рамките на стартот на ЕХФ Купот, натпреварување во кое клубот има високи амбиции.


Барса по две продолженија го освои Супер глоуб

Ракометарите на Барселона успеаја да го победат Веспрем со 31-30 (21-21, 13-12) по продолженија, ја освоија титулата клупски светски шампион, од тронот го симнаа токму тимот на Веспрем. Финалниот турнир беше организиран во Египет.

Најефикасни во тимот на Барселона беа Гомез Абељо со шест, Јан Баруфет со пет, Тимоти Н’Гусен и Дика Мем со по четири, Блаж Јанц и Лудивик Фабрегас со по три гола. Кај Веспрем, Уго Деска постигна осум гола, Недим Ремили и Иван Мартиновиќ по шест, Гаспер Маргуч четири гола.

Третото место го освои актуелниот шампион на Европа, екипата на Магдебург, која го победи Ал Ахли со 32-23 (19-11).


Чупиќ: Среќен сум за победата во дерби дуелот

Ракометарите на Вардар 1961 забележаа победа во првото вечно дерби и го совладаа Еурофарм .Пелистер во „Јане Сандански“, а големо задоволство од триумфот изрази тренерот Иван Чупиќ, кој смета дека двократниот европски шампион заслужено го совладал македонскиот првак.

„Ова беше мое прво дерби како тренер, но не го победив јас – туку оваа соблекувална, овие играчи. Сакам да им се заблагодарам на желбата, борбата и големото вардаровот срце.

Заслужено победивме пред нашата полна сала. Ова се само два бода на контото, бидејќи за три дена играме нов натпревар. Малку ќе прославиме, ама веќе утре се насочуваме кон следниот предизвик. Како што кажав сто пати досега, ова е маратон и сега игравме само за два бода, ништо повеќе или помалку. Супер е што победивме, имаме „пет од пет“ и сакаме со ваква игра и добри тренинзи да продолжиме да се подобруваме.

Константно водевме, иако имавме проблеми со црвениот картон на Вуко. Во првиот дел имавме проблем со голманите, но од прва до последна минута покажавме повеќе желба. Презентиравме добар ракомет и со трпение ги прескокнавме „црните“ дупки. На крај промашувавме, победата можеби можевме да ја обезбедиме и порано, ама ова е патот по кој треба да одиме“, изјави Чупиќ.


Без Баптист Одифрам младите пелистерци немаа сили за подвиг во Бутел

Во натпревар со многу голови и подобри напади од одбрани, Еурофарм Пелистер 2 загуби на гостувањето кај петтопласираната екипа минатата сезона, Бутел Скопје. Дуелот во салата „Антон Димитров“ заврши со победа на момците на Кузманоски со 36-29.

Домашниот состав беше во подобар налет во првото полувреме и покажа дека е расположен за освојување на бодовите, а тоа се потврди и со солидната залиха на паузата (20-15). Стартот на вториот дел донесе малку поангажиран пристап на пелистерци, но Бутел потоа повторно ја презеде иницијативата и постојано беше во позитива од пет до шест голови. Последните десет минути започнаа со резултат (30-24), а на крајот Бутелчани славеа со конечни 36-29.

Голема улога во третиот пораз сезонава на Еурофарм Пелистер 2 играше и неиграњето на десниот бек Баптист Одифрам. Николов кај домаќините и Мохамед Азис Бен Махмуд кај гостите со по единаесет гола беа најефикасни актери на натпреварот.

Во следното шесто коло Еурофарм Пелистер 2 в сабота ќе го пречека Тиквеш.


Шампионот првпат поразен сезонава, Вардар 1961 слави по двочасовен маратон

Првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер, го запиша првиот пораз сезонава во Суперлигата. По голема борба и скоро два часа ракомет, битолчани загубија од Вардар 1961 во Скопје со 31-28 (16-14).

Домашниот состав диктираше темпо на почетокот на средбата, но брзо дојденцрвен картон на Вуко Борозан кој беше санкциониран за погруб старт над Филип Кузмановски. Вардар 1961 на полувреме водеше со 16-14, во вториот дел неизвесноста беше целосно вратена на 21-21, но „црвено-црните“ направија нова мини серија и направија солидна залиха која ја зачуваа до крајот

Во рамките на шестото коло, в недела попладне пелистерци го пречекуваат Охрид.


Сериозна повреда за Смарасон од ПИК Сегед

Исландскиот ракометен велемајстор, Јанус Смарасон, доживеа посериозна повреда и ќе мора да биде надвор од терените, а засега уште не е познато колку долго ќе трае процесот на рехабилитација.

Во поразот на унгарскиот вицешампион против Татабања од 30-34, средниот бек на ПИК Сегед заработи повреда на коленото, за која првичните проценки велат дека е од сериозна природа. Доколку се потврди дека сезоната е завршена за Исланѓанецот, тренерот Апелгрин ќе мора сериозно да ја скрати ротацијата и да се потпре на дуото Готфридсон-Кукиќ.

Но, тука има уште еден проблем, затоа што Србинот Лазар Кукиќ сè уште не ја залечил целосно повредата и уште не е во добар натпреварувачки ритам.

ПИК Сегед во моментов е третопласиран тим во групата Б од Лигата на шампионите, каде се натпреварува и македонскиот шампион,Е.Пелистер.


Пулените на Зарков силно го испотија фаворитот, Охрид едвај до бодови во Битола

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 го претрпееа вториот пораз во сезоната во Суперлигата. Иако силно го намачија засилениот Охрид, сепак потклекнаа во драматичниот финиш и загубија со три разлика. Младите пелистерци натпреварот пред својата публика го започнаа во грч, со многу технички грешки во фазата на напад и Охрид замина на +4. Но, благодарение на одбраните на Јовановски и головите на Мохамед Азис и Баптист Одифред до одмор се доближи до само -1.

Двете екипи многу грешеа во вториот дел, а клучен момент беше повредата на Баптист Одифред, кој својот натпревар го заврпи во 47. минута. Сепак, победникот се решаваше во последните три минути. Пред крајот на 57. минута, Еурофарм Пелистер 2 беше на само еден гол негатива (22-23), дури имаше и напад, но до крајот не успеа да постигне гол, па Охрид со два во низа стигна до победата, втора во досегашниот дел од сезоната.

Кај битолскиот тим се истакнаа Мохамед Азиз со девет и Одифред со шест погодоци, а кај Охрид најефикасни беа крилата Ѓукиќ со девет и Ојлески со седум гола.

Во следното петто коло, веќе в среда, Еурофарм Пелистер 2 гостува кај Бутел Скопје.


Фестивал од голови и лесна победа за Еурофарм Пелистер против Струга

Екипата на Еурофарм Пелистер лесно се справи фенерџијата Струга и дојде до третата победа во првенството со убедливи 45-24. Стартот беше израмнет, иако битолчани отворија добро и поведоа со 3-1. На тоа стружани со головите на Костов и Вељаноски врзаа серија од 0-3 и првпат поведоа. Пелистерци одговорија и врзаа два гола преку Хенингман и Атанасијевиќ за водство. Уште само еднаш Струга успеа да се врати до егал во натпреварот (6-6), а потоа следуваше пад или подобро кажано консолидација на фаворитот. Со три гола на браќата Атанасијевиќ пелистерци се одлепија на 9-6, а потоа на одмор заминаа со 20-16.

Сепак, во вториот дел дојде до квалитет брзата игра на битолчани, стружани целосно се распаднаа постигнаа само осум гола, а примија уште 25. Најефикасни со по осум гола беа Рудолф Хакбарт и Петар Атанассијевиќ, додека на спротивната страна Наум Костов ја заврши средбата со седум гола.

Во следното петто коло, на први октомври, Еурофарм Пелистер гостува кај Вардар 1961.


Гарабаја: Долго време ни требаше да се навикнеме на данската промена во играта

Данскиот вицепрвак ГОГ Гудме го надигра македонскиот шампион Еурофарм Пелистер, со аплауз и со два бодови замина од Битола. Конечниот резултат од 28-31 можеби е нереален, бидејќи во првото полувреме постоеше искра надеж дека со помош на осмиот играч – „Чкембарите“, битолчани ќе слават.

По натпреварот своите мислења ги искажаа протагонистите во битолскиот табор.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)
Можевме да видиме три натпревари во само овој еден. Тргнавме многу добро, ги следевме тактичките замисли на почетокот и тоа работеше. Потоа тие ја сменија средбата, тргнаа со нов напад и почнаа да играат директно со многу ситуации „еден на еден“ и кога беа со човек повеќе тоа направи разлика. Долго време ни требаше да се навикнеме на таквата игра. Ги заборавивме нашите тактички движења и потоа доцна се разбудивме и сфативме дека моравме посилно да се браниме. Кога го разбравме тоа, веќе беше доцна. Имаме два натпревари до следниот меч во Лигата на шампионите. Сепак, не можеме да запреме бидејќи имаме два тешки домашни меча. Жалам што имаме неколку врзани многу важни средби во Суперлигата, ама таков е календарот.

Ник Хенигман
(ракометар на Еурофарм Пелистер)
Првото полувреме и стартот до 20 минута бевме навистина добри, водевме 10-5. Потоа не знам, требаше да играме сигурно и да одиме на повисока разлика, а со тоа ќе го затворевме мечот. Се опуштивме и тие ја одиграа својата игра. До крајот на полувремето се вратија до егал, а потоа отворија со водство во второто. Како да не можевме да најдеме одговор на нивната игра „седум на шест“. Сигурно е дека можеме да парираме на секој ривал. Треба овој неуспех да се анализира и да се подготвиме подобро за следниот натпревар.

Во домашниот тим со својата прецизност се истакнаа Манасков со девет и Кузмановски со осум гола