ракомет

Вардар лесно во финалето на турнирот во Хрватска

Македонскиот ракометен тим Вардар обезбеди пласман во финалето на реномираниот меѓународен турнир што се одржува во Лабин, откако со доминантна игра го совлада словенечкиот шампион Слован Љубљана со убедливи 41-30.

До крајот на натпреварот, македонскиот тим целосно ја контролираше играта, рутински го одржуваше високото темпо и без поголеми проблеми ја зголемуваше разликата, потврдувајќи ја одличната форма и длабочината на ростерот.

Во финалето на турнирот, Вардар ќе се сретне со Загреб кој во првото полуфинале беше подобар од Сесвете со 24-22.

Финалниот натпревар меѓу двата балкански ракометни гиганти е закажан за сабота со почеток од 20:15 часот.


Вуко Борозан потпиша за Охрид до крајот на сезоната

Во ГРК Охрид ќе потпише црногорскиот ракометар Вуко Борозан.

Откако бекот заврши и се раздели со Вардар се споменуваа повеќе опции за продолжување на неговата кариера.

Можеше да се врати во татковината, да заигра на Блискиот Исток или во Словенија ама сепак тој останува во Македонија.

Борозан со Охрид ќе потпише договор до крајот на сезоната.

Се очекува тој да му биде од помош на тренерот Борис Ројевиќ во клучните борби во Суперлигата, ама и во ЕХФ Купот во кој охриѓани имаат високи амбиции.


Данска и Германија ќе играат за европската титула во ракомет

Селекцијата на Данска ја заврши својата полуфинална задача на домашното Европско првенство во ракомет, совладувајќи го Исланд со резултат 31-27 во второто полуфинале.

Со оваа победа, Данска се пласира во финалето на ЕП, каде ќе се соочи со Германија. За момците на тренерот Јакобсен, ова е петти пласман во борбата за злато на европските првенства. Досега двапати ја освојувале титулата – на ЕП 2008 и ЕП 2012 година.

Во нападот на Данците најефикасен очекувано беше Гидсел со седум, пред Хансен со шест и Питлик со пет погодоци, додека прв стрелец на исландскиот состав беше Смарасон со осум погодоци.

Финалниот натпревар Данска – Германија е закажан за недела во 18:00 часот, додека претходно, од 15:00 часот, за бронзата ќе играат Хрватска и Исланд, кои веќе се сретнаа и во главната рунда на ЕП.


Македонија носител во ждрепката за мундијалскиот бараж

Европската ракометна федерација ги потврди шеширите пред утрешната ждрепка за баражите за пласман на Светското првенство 2027 година во Германија. Македонија е сместена во првиот шешир, и ќе ги избегне селекциите кои се заедно со неа, односно Франција, Словенија, Норвешка, Шпанија, Унгарија, Швајцарија, Фарски Острови, Холандија и Австрија. Можни ривали на Македонија се Италија, Чешка, и победниците од останатите натпревари.

Прв шешир:
Франција, Словенија, Норвешка, Унгарија, Шпанија, Швајцарија, Фарски Острови, Македонија, Холандија, Австрија

Втор шешир:
Чешка, Италија, БиХ/Косово, Грузија/Израел, Украина/Словачка, Србија/Литванија, Полска/Летонија, Турција/Романија, Грција/Белгија, Финска/Црна Гора

Извлекувањето на паровите за баражот е закажана за в сабота во терминот од 15:00 часот.


Сигурдсон жестоко распали по ЕХФ: Тие се како „фест фуд“, не ги интересира квалитетот

Селекторот на хрватската репрезентација Дагур Сигурдсон остро ја критикуваше Европската ракометна федерација (ЕХФ) споредувајќи ја со компанија за брза храна, која воопшти не се грижи за квалитетот, туку само како подобро да профитира од Европското првенство.

Хрватска утре ја очекува дуелот од полуфиналето против Германија, со почеток во 17:45 часот, додека Данска и Исланд ќе се сретнат потоа.

Откако Хрватска обезбеди пласман во полуфиналето во средата, мораше да патува околу четири часа со автобус од Малме до Хернинг, Данска, каде ќе се одржи завршницата на континенталниот турнир.

„Европската ракометна организација се грижи само за тоа како да приреди некакво добро шоу во сето ова. Тие се како фаст фуд компанија, која не се грижи за квалитетот, туку само за продажбата. Никој не зборува за фактот дека имавме четири часа возење од Малме, каде што нè сместија во групата, до Хернинг. Имавме два дена помалку од другите за да одиграме седум натпревари. Тоа е смешно. Сега не сме сместени во близина на салата. Возевме повеќе од половина час до оваа пред конференција и половина час назад. Поради сето тоа, не можевме да одржиме тренинг“, рече резигнирано Сигурдсон.

„Моравме да ги играме последните два натпревари за помалку до 22 часа, а следниот ден нè ставаат во автобус како животни. Шокантно е и скандалозно. Луѓе мои, ние сме во полуфиналето и мора да го преживееме сето ова. Ќе бидам среќен денот кога ќе си заминеме оттука. Тешко е, но кога станува неправедно, мора да проговориме. Другите тимови имаат подобри услови за сместување и подобра подготовка за полуфиналето. За нас е невозможно да имаме квалитетен тренинг и подготовка, не во овие околности. Нашата ситуација сега стана навистина алармантна. Тешко ни е да планираме нешто, а дури немаме ниту ресурси да решиме сè што ни треба“, додаде Сигурдсон на официјалната прес конференција пред утрешното полуфинале.


Алкалоид се засили со Филип Николов

Алкалоид на стартот на подготовките за вториот дел од сезоната се пофали со зимското засилување во бековската линија, а тоа ќе биде Филип Николов.

26-годишникот доаѓа од редовите на градскиот ривал Бутел Скопје. Николов е бек, ама одлично одговара и во игра во два правци. Поради тоа тој ќе биде опција и за офанзивата и за дефанзивата на Алкалоид и Кирил Лазаров.

Велешанецот Николов во својата ракометна кариера освен за Бутел настапуваше уште за екипите на Радовиш и Охрид. Сега во Алкалоид ја задолжи опремата со број 24.

Филип Николов беше и на поширокиот список на репрезентацијата на Македонија пред ова Европско првенство.


Волф: Германија уште не го покажала најдоброто издание

Голманот на германската репрезентација, Андреас Волф, вели дека Германија не завршија со најдобрите партии на ова ЕП. По пласманот во полуфиналето, апетитите на Германците пораснаа во трката за најсјајниот медал.

„Очекувањето за последниот викенд е огромно, бидејќи сè уште сте вклучени во турнирот до самиот крај. Многу тимови во нашиот хотел веќе заминаа; ние сè уште сме тука, остануваме до самиот крај и сè уште имаме задачи пред нас. Тоа е многу посебно чувство“, изјавил Волф, кој сигурно претендира за трофејот за најдобар голман на турнирот.


Четири екипи учесници на турнирот а Атлетик во Скопје

Женскиот ракометен клуб Атлетик од Скопје го најави одржувањето на првото издание на меѓународниот женски ракометен турнир „АТЛЕТИК И ПРИЈАТЕЛИТЕ” кој ќе се одржи во Спортскиот центар Јане Сандански (мала сала) во период од 30 јануари до 01 февруари.

ЖРК Атлетик кој е лидер на табелата во првата женска ракометна лига со 11 победи од 11 одиграни средби по првиот дел од сезоната е најсериозен кандидат за пласман во Супер лигата, а зимската пауза ја искористи за добри подготивки, но и организација на овој женски ракометен турнир.

На турнирот ќе учествуваат три екипи од Македонија (Вардар, Куманово и Атлетик) и една од Црна Гора, екипата на Будуќност 2

Распоред на натпревари:
30.01.2026 (петок)
16:00 ЖРК Атлетик – ЖРК Вардар
18:30 ЖРК Будуќност 2 – ЖРК Куманово

31.01.2026 (сабота)
16:00 ЖРК Будуќност 2 – ЖРК Вардар
18:30 ЖРК Атлетик – ЖРК Куманово

01.02.2026 (недела)
12:00 ЖРК Будуќност 2 – ЖРК Атлетик
14:30 ЖРК Куманово – ЖРК Вардар

Сите натпревари ќе се играат во Спортскиот центар Јане Сандански (мала сала) и влезот е слободен за љубителите на ракометот.


Данска ги порази Германците и веќе е во полуфиналето

Данска ја победи Германија 31-36 и се пласира во полуфиналето на Европското првенство. Германанија и Франција во директен дуел ќе решат за вториот патник во полуфиналето од Групата 1, откако Французите неочекувано загубија од Шпанија.

Данска во дуелот со Германија уште еднаш покажа зошто е најголемиот фаворит за титулата на Европското првенство.

Германците некако се држеа во првото полувреме, во кое не и дозволија на Данска да се одлепи на повеќе од три гола разлика, а по 30 минути имаа само гол негатива.

Данската машина, на погон на голманот Нилсен проработе во вториот дел. Стекнаа Данците предност од седум гола, а кога во ритам влезе и Питлик (постигна шест гола во низа), беше јасно кој ќе го добие мечот.

Гидсел и Питлик ја предводеа Данска со по шест гола, Нилсен имаше 14 одбрани. На проситвната страна Ушчинс беше најефикасен со шест гола.

Шпанија, претодно, приперди изненадување со победата над Франција 36:32. Французите во ниту еден момент не беа конкурентни, предност на Шпанците во еден момент од вториот дел изнесуваше седум гола. Благодарение на голманот Дебоне, Французите два пати дојдоа до гол негатива, но не успеаја да направат целосен пресврт.


Филип Талески потпиша за унгарска Татабања

Филип Талески во продолжението на сезоната ќе го носи дресот на унгарскиот клуб Татабања. Унгарскиот тим Талески го претстави како засилување. Играчот доаѓа како слободен агент.

Левиот бек по заминувањето од Вардар тренираше индивидуално, а сега ќе има неколку недели заеднички подготовки со играчите од новиот клуб до продолжението на унгарското првенство односно по завршувањето на Европскиот шампионат. Во редовите на Татабања истакнуваат дека се работи за играч со искуство и пред играч кој може да игра во „два правца“.

Пред Татабања, Талески има настапувано во странство во Германија (Рајн Некар-Левен и Балинген) и Португалија (Бенфика), додека во македонските клубови има настап во Металург и Вардар.

Талески беше постојан репрезентативец до последните три големи натпреварувања.