Познат распоредот на „Жолтиот Куп“: Македонија отвора со Бахреин
По контролниот натпревар против Хрватска на крајот од 2025 година, македонската ракометна репрезентација ќе тестира уште на три меча пред Европското првенство. Познати се термините за настап на нашите ракометари за настапот на „Жолтиот Куп“.
Распоред на натпреварите на Македонија на „Жолтиот Куп“:
8 јануари – Македонија – Бахреин (20:30 часот)
9 јануари – Македонија – Украина (17:45 часот)
10 јануари – Македонија – Швајцарија (18:30 часот)
Репрезентативниот камп на Македонија ќе отпатува кон Швајцарија в среда во раните утрински часови. Планиран е еден попладневен тренинг пред трите натпревари во исто толку дена.
Потврден ростерот за Европското првенство, Лазаров патува со деветнаесет ракомегари
Селекторот Кирил Лазаров ги отстрани сите дилеми и официјално го објави списокот на ракометари на кои ќе смета за претстојното Европско првенство. По завршувањето на базичните подготовки, македонската експедиција се подготвува за лет кон Швајцарија, каде преку силни контролни мечеви ќе се бруси формата за големата сцена.
Ова е конечниот список на ракометари кои ќе ја претставуваат Македонија на претстојното Европско ракометно првенство.
Иван Галевски
Петар Атанасијевиќ
Никола Костески
Филип Кузмановски
Игор Ѓорѓиев
Жарко Пешевски
Михаил Аларов
Мартин Велковски
Самоил Ристевски
Никола Митревски
Мартин Томовски
Иван Џонов
Ненад Костески
Марко Митев
Павле Атанасијевиќ
Марко Стојковиќ
Никола Марковски
Мартин Серафимов
Дамјан Митев
Согласно натпреварувачката форма и здравствена состојба на играчите, последниот ракометар кој беше дел од досегашниот процес на подготовки, а по одлука на стручниот штаб отпадна од списокот патници на Европското првенство, е Мартин Ивановски.
Македонската машка ракометна репрентација во раните утрински часови ќе отпатува во Швајцарија, каде финалното темпирање на формата ќе го има на пријателските натпревари во рамки на ,,Жолтиот Куп”.
Охрид раскина со Грузиецот Орјоникидзе
Еден од најдобрите од минатата сезона, левиот бек, грузиецот Теимураз Орјоникидзе по повредата со која се здоби при репрезентативен настап во месец мај, на жалост не успеа да му се стави на располагање на тренерот Ројевиќ за време на зимскиот припремен период, по што клубот и играчот се договорија
спогодбено да го раскинат договорот кој што беше со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
„На нашиот Темо му посакуваме добро здравје и побрзо да се врати на ракометните терени“, порачаа од ГРК Охрид.
Премија од министерството за спорт за успех на ракометарите во Данска
Министерот за спорт, Борко Ристовски, беше присутен на последниот тренинг на нашите ракометари пред заминувањето на ЕП во друштво со првиот човек на РФМ Александар Стефанов и генералниот секретар, Влатко Тасевски.
Ристовски им посака среќа и успешни настапи на ракометарите на континенталниот собир. Нашата експедиција в среда рано наутро заминува за Швајцарија каде ќе учествува на подогтвителниот турнир – „Јелоу Куп“ .Македонија на ЕП на 16 јануари ќе игра со Данска со почеток во 20.30 часот во Хернинг.
РФМ во соработка со Министерството за спорт за секоја победа ќе ги награди ракометарите со 2 милиони денари. Истата сума ќе ја добијат и за пласман во втората фаза.
Лазаров: Да ги подобриме психолошката подготовка и самодовербата пред Европското првенство
Од вчера македонската ракометна репрезентација е комплетна и со доаѓањето на Мартин Томовски со сите сили ја одржува формата пред турнирот во Швајцарија и подоцна патот за Хернинг. Селекторот потенцира дека менталитетот е многу важен и само со правилен пристап можеме да се надминеме себеси во Данска.
По вечерашниот тренинг Лазаров зборуваше со новинарите.
„Планираното го остваривме и треба да знаеме дека трениравме доста интезивно овие осум дена, каде што првиот дел од поделивме на два дела, во Скопје и во Хрватска. Имавме идеални услови, особено во Хрватска за тренинг, бидејќи имавме на располагање сала во хотелот, имавме фитнес центар. Имавме одлична контролна средба, со оглед на интезитетот на тренирање, задоволен сум од натпреварот. Знам дека имаме доста работи за поправање, но ни остануваат 15 дена, знаеме што треба да работиме и на што да обрнеме внимание.
Секогаш зборувам за нашиот менталитет, малку можеби сум здодевен, но тоа е така. Психолошка подготовка и самодовербата мора да ги поправиме, знам дека тоа тешко се менува поготово кога играчот ќе стигне до одреден број на години, не можеш да му промениш одредени навики кои ги има стекнато како мал, но одиме на тоа да го промениме тој менталитет и дека треба да веруваме во невозможното“, рече селекторот Кире Лазаров.
Селекторот ќе го направи последниот пресек на списокот пред патот за Швајцарија, каде нашите ракомегари ќе го имаат последниот тест пред Европското првенство.
Србинот Радосављевиќ е нов тренер на Куманово
Српскиот ракометен стратег Александар Радосављевиќ е нов тренер на македонскиот суперлигаш МРК Куманово. Договорот меѓу двете страни, како што е објавено вечерва, е со важност од две години.
Радосављевиќ зад себе има богато ракометно искуство, а последниот негов ангажман беше на клупата на РК Леотар.
Искусниот српски ракометен стратег во минатото беше и селектор на женската јуниорска репрезентација на поранешна Србија и Црна Гора, машката кадетска репрезентација на Србија како и машкиот сениорски тим на репрезентацијата на Босна и Херцеговина.
Сигурдсон без Марин Шипиќ на Европското првенство
Хрватската ракометна репрезентација се соочува со голем проблем пред Европското првенство, кое започнува за само 15 дена.
Селекторот Дагур Сигурдсон речиси сигурно ќе биде без еден од своите клучни играчи, дваесет и деветгодишниот Марин Шипиќ, поради сериозна повреда.
Повредата на коленото се покажа како премногу сериозна, па шансите за неговиот настап на Европското првенство беа сведени на минимум.
Како замена, селекторот Сигурдсон го повика Златко Раужан, пивотерот на РК Сесвете. Оваа сезона, Раужан импресионираше со своите настапи во Лигата на Европа и домашното првенство. Дополнителна препорака е фактот дека во Сесвете го тренира легендарниот пивот Игор Вори, кој најдобро ги познава неговите квалитети.
Хрватска, Европското првенство ќе го отвори за точно 15 дена со натпревар против Грузија.
Јуниорите на Еурофарм Пелистер ќе играат во ЛШ на група во Хрватска
Втората сезона на проектот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), наречен младинска Лига на шампиони, почнува оваа пролет. Младите ракометари на Еурофарм Пелистер повторно ќе ја претставуваат Македонија и ќе се натпреваруваат со своите врсници од Хрватска, Данска и Германија.
Битолчани се најдоа во втората група и на 30 и 31 март 2026 година ќе се натпреваруваат во хрватскиот град Пореч. Хрватскиот младински првак Загреб, дански Алборг и бундеслигашот Фуксе Берлин се противниците во групата. Ждрепка ќе ги одреди полуфиналните парови, а само победникот во групата ќе се пласира на „фајнал-фор“ турнирот во Келн во јуни годинава.
Екипата на Фарук Мемиќ и Кире Митревски игра во младинскиот шампионат на Македонија и реди само победи, па со оптимизам го чека турнирот во Хрватска.
Лазаров: Промашивме пет пенали, така не се победува Хрватска
Македонската ракометна репрезентација загуби од Хрватска со 23-26 во првата контролна средба пред почетокот на Европското првенство. Избраниците на Кире Лазаров го имаа првиот тест, во Пореч игравме против Хрватска која не беше во најсилниот тим со кој ќе биде на континенталниот собир. Хрватскиот селектор им даде продолжен одмор на главните ѕвезди.
„Промашивме пет пенали, три на самиот почеток и со такво нешто не можеш да направиш ништо. Имаме доста проблеми, имаме и многу ‘дупки’, но се обидовме некои работи да ги направиме на најдобар можен начин и да пробаме со нови сили. Ни недостасуваше, на пример, Лазаревски, но тоа е…“, изјави Лазаров.
Македонскиот селектор потенцираше дека овие подготовки се важни токму заради вклучувањето на нови играчи и тестирање на различни решенија пред континенталниот собир.
„Продолжуваме со подготовките во Хрватска до 30 декември, потоа одиме во Швајцарија на турнир, па директно на Европското првенство. Нема да биде лесно. Кај нас очекувањата секогаш се големи, ќе беа уште поголеми ако победевме денес, но ќе се бориме“, додаде Лазаров.
Нашиот национален тим ќе се подготвува за Европскиот шампионат на „Жолтиот Куп“ во Швајцарија во втората недела од јануари 2026 година.
Пораз на македонските ракометари на тестот со Хрватска во Пореч
Македонската ракометна репрезентација загуби од Хрватска (26-23), на првиот контролен натпревар во пресрет на Европското првенство кое започнува на средина на следниот месец.
Избраниците на Кирил Лазаров по неколку дена тренинзи, вечерва во Пореч го имаа првиот посериозен тест, а домаќините ја искористија одличната вечер на голманот Славиќ за на полувреме да дојдат до солидна предност од 14-11. Македонската селекција не дозволи противникот да се одлепи посериозно во продолжение од мечот, стигна и на минус еден во дуелот со ривалот во чии редови беа покажани и два црвени картони, но случувањата на теренот не донесоа ниту пресврт.
Филип Кузмановски со седум голови беше најефикасен во нашиот состав, додека Дино Славиќ со петнаесет одбрани се истакна како најдобар поединец кај победничката селекција.
Македонија до почетокот на Европското првенство ќе игра пријателски натпревари и со Швајцарија, Бахреин и Украина.