ракомет

Ракометарите ќе поделат 50.000 евра ако се пласираат на СП 2023

Нашите најдобри ракометари ќе добијат премија од РФМ во висина од 50.000 евра доколку ја елиминираат Чешка во баражот за пласман на Светското првенство во Полска и Шведска во 2023 година.

РФМ веста ја потврди со официјално соопштение лиферувано до медиумите.

Чешка и Македонија првиот меч ќе го одиграа в среда во Злин додека реваншот е закажан за в недела во СЦ „Борис Трајковски“.


Дибиров заминува од Вардар на крајот од сезоната

Тимур Дибиров, кој речиси цела деценија е дел од скопските „црвено-црни“ јавно потврди дека ова за него е последна сезона во дресот на македонскиот шампион.

„Не знам дали е вистински момент или не, но сакам да објавам кај вас дека ова е мојата последна сезона во дресот на Вардар. Натпреварот со Веспрем беше мој последен во Лигата на шампионите за Вардар. Би сакал да одиме во Битола, да победиме и на тој начин да се збогувам со овој дрес“, вели Дибиров.

Дибиров вели дека за неговата тешка одлука постојат повеќе причини, но не сака да зборува за тоа.


Лазаров повика 35 ракометари за баражот против Чешка

Кирил Лазаров во улога на селектор-играч,  денеска го објави поширокиот список од 35 ракометари за претстојниот двомеч со Чешка за пласман на Светското првенство во Полска и во Шведска од 11 до 29 јануари догодина.

Мечот со Чешка во Злин е на 13 април од 20:15 часот, додека реваншот е на 17 април во Скопје од 19:00 часот.

Конечниот список ќе биде затворен откако ќе се реализира подготвителната програма.


Македонија доби лесна група во евро-квалификациите

акедонската ракометна репрезентација доби добро познати ривали во квалификациите за Европското првенство во Германија 2024 година. Денешната ждрепка во Берлин ни ги донесе Португалија, Луксембург и Турција во А групата. Двете најдобро пласирани селекции ќе играат на завршниот турнир.

Натпреварите ќе се одиграат од октомври 2022 до април 2023 година.

Квалификациски групи за ЕП 2024:

Група 1: Македонија, Турција, Португалија, Луксембург

Група 2: Србија, Норвешка, Словачка, Финска

Група 3: Чешка, Исланд, Израел, Естонија

Група 4: Украина, Австрија, Романија, Фарски Острови

Група 5: Холандија, Хрватска, Грција, Белгија

Група 6: Швајцарија, Унгарија, Литванија, Грузија

Група 7: Црна Гора, Словенија, БиХ, Косово

Група 8: Полска, Франција, Летонија, Италија

Европското првенство 2024 година ќе се игра во периодот од 12 до 28 јануари 2024 година.


Еурофарм Пелистер го доби дербито со Вардар среде Скопје

Ракометарите на Еурофарм Пелистер триумфираа на големото суперлигашко дерби во Скопје против екипата на Вардар со 23-24 и го преземаа врвот на табелата во домашниот шампионат. Ова прва победа на Еурофарм Пелистер во Скопје, а истата доаѓа во незгодно време за „црвено-црните“.

Битолчани одиграа одличен меч во кој има апредност од еден гол уште во првиот дел (11-12). Во второто полувреме гостите успеваа да одржат континуирана предност, која на моменти беше и до 3 гола разлика. Вардар успеа да се врати, но не искористи шанса за реми.

Табоада постигна шест гола беше најдобар кај Еурофарм Пелистер, додека Дибиров запиша шест погодоци за Вардар.


Вујовиќ прифати нов тренерски ангажман

Поранешниот тренер на ракометниот клуб Вардар, Веселин Вујовиќ пронајде нов тренерски ангажман.

Вујовиќ ќе се сели во Азија бидејќи се согласи да биде селектор на иранската ракометна репрезентација. Црногорскиот тренер во изминатиов период се споменуваше како најсериозен кандидат за преземање на клупата на женскиот ракометен клуб Подравка од Хрватска, но очигледно дека таа опција нема да се реализира.

„Можам да потврдам дека постигнав договор со иранската ракометна федерација и од април ќе бидам селектор на нивната репрезентација“, изјави Вујовиќ.


Талески пред баражот со Романија: Сега сме покомплетни како екипа

Ракометната репрезентација на Македонија, ги одржува последните тренинзи пред бараж натпреварите против селекцијата на Романија. Првиот дуел со Романците е закажан за четврток во Скопје, а реваншот ќе се игра два дена подоцна во Букурешт.

Селекторот на репрезентацијата, Лазаров, ги има на располагање сите повикани ракометари, но радува фактот што и самиот Лазаров е подготвен за настап на теренот. Свое мислење и очекување за баражот даде и репрезентативниот бек Филип Талески.

„Нема да биде исто како на Европското првенство во Унгарија. Сега ќе бидеме покомплетни, бидејќи во тимот ќе ги имаме Кире Лазаров, Маркоски и Стоилов. Романија ни е познат противник и добро знаеме каков квалитетен селектор е Чави Пасквал. Верувам дека претстојните натпревари ќе ги одиграме максимално подготвени и очекувам пласман на СП“, изјави Филип Талески.


Вардар го потврди ангажманот на ракометарот Цехте

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961, го промовира првото засилување за наредната сезона. Нов член на тимот од Скопје ќе биде десниот бек на Хановер, Словенецот Нејц Цехте.

Договорот на 29-годишниот Цехте со Вардар е на една година, но со можност на продолжување на соработката. 

Играчот е репрезентативец на Словенија и последниве две сезони е соиграч на Филип Кузмановски во бундеслигашот Хановер.


Еурофарм Пелистер договори нов среден бек

Португалецот Вилсон Дејвис е најново засилување за екипата на Еурофарм Пелистер. 

33-годишниот Дејвис игра на позицијата среден бек, а според договорот тој ќе остане во битолскиот клуб во наредните две години.

Вилсон Дејвис во Еурофарм Пелистер доаѓа од францускиот клуб Иври, а претходно има настапувано за екипите на Нант, Сесон Рен и Данкерк.


Ракометната СЕХА лига објави прекин на натпреварувањето

Регионалната СЕХА лигата во ракомет, го прекинува натпреварувањето и нема да продолжи во наредниот период. 

Раководството на СЕХА претходно најавуваше дека натпреварувањето ќе продолжи според планираното, меѓутоа на последниот состанок на Извршниот комитет е решено лигата да биде прекината на неодредено време, и дека за сите дополнителни промени ќе има навремено известување.

Главен спонзор на лигата е руската компанија Газпром, а Македонија оваа сезона имаше два претставници во истата, Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер.