ракомет

Вардар и Еурофарм Пелистер ги дознаа групите во СЕХА лигата

Вардар и Еурофарм Пелистер и во следната сезона ќе бидат дел од СЕХА лигата и ќе бидат дел од десетте екипи од седум земји учесници во оваа лига.

Исто како и лани и годинава по две екипи ќе имаат Македонија, Србија и Хрватска, додека по еден тим имаат Белорусија, Украина, Словачка и Унгарија.

Тимовите се веќе поделени во две групи. Во Групата А се ППД Загреб, Еурофарм Пелистер, Татран Прешов и Партизан, додека во оваа група како носител е поставен Веспрем, кој директно обезбедува пласман во четврт-финалето.

Носител на групата Б и директен учесник во четврт-финалето е Мешков Брест исто како лани. Во оваа група се Вардар, Мотор Запорожје, Нексе и Војводина.

Системот за играње е истиот како и лани. Првите две екипи од групната фаза одат во четврт-финалето, додека третопласираните и четвртопласираните ќе мора да разигруваат во бараж и да одат на дуел со Веспрем односно Мешков Брест.

Познат е комплетниот систем како да се стигне до Ф4 турнирот кој може да се види на фотографијата, а во следните денови ќе биде познат и комплетниот распоред со термините за одигрување на натпреварите.


Никола Митревски: Македонија ги има најдобрите навивачи во светот

Македонската ракометна репрезентација со пораз од Данската селекција и официјално го заврши својот настап на Европското првенство.

Македонските ракометари по завршувањето на натпреварот останаа неколку минути на паркетот за да ги отпоздрават многубројните навивачи кои повторно дадоа безрезервна поддршка во салата во Дебрецин.

Голманот на селекцијата, Никола Митревски не ја криеше својата благодарност и пофалба за навивачите па изјави:

„Сакам да упатам голема благодарност до публиката што повторно дојде во голем број и беше наша поддршка цело време. Тие беа нашиот осми играч во овие три натпревари, но нивното навивање на натпреварот со Данска беше нешто неверојатно. Можам да кажам дека никој во светот нема навивачи како Македонија“, потенцира Митревски.


Лазаров: Играчите потфрлија на теренот

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров изрази огромно незадоволство после поразот од Црна Гора со која нашиот тим ги загуби шансите за пласман во втората фаза од Европското првенство.

Според Лазаров, огромниот број на технички грешки беа одлучувачки фактор за поразот од Црна Гора.„Поголемиот дел од средбата не знаевме што правиме на теренот. Се враќавме, бевме блиску, но наместо да се посветиме на нашата одбрана, ние цел натпревар бркавме разлика. Евидентно е дека треба да учиме уште многу, да тренираме, да работиме. Не можеме да ги преброиме грешките. Бев немоќен, што и да направам, како и да реагирам, како да се случуваше на филм. Не смеат така да играат играчи кои се натпреваруваат во Бундеслигата, во Лигата на шампионите. Стратегијата некогаш не е битна или си играч или не си. Ја загубивме главата на теренот, сакавме да победиме брзоплето, на македонски начин“, изјави Лазаров.


Македонската репрезентација казнета од ЕХФ со 2.000 евра

Македонската репрезентација е парично казнета од Европската ракометна федерација во висина од 2 илјади евра, после првиот одигран натпревар од првенството.

На сличен начин како и во минатото, нашите репрезентативци се казнети поради тоа што на дуелот со Словенија, играчите не носеле исти чорапи како дел од спортската опрема.

Останува да видиме дали репрезентативците ќе ја повторат истата грешка со спортската опрема и на останатите дуели.


Лазаров: Црна Гора има индивидуалци, но ние сме подобар тим

Македонската ракометна репрезентација го остави зад себе вчерашниот незаслужен пораз од Словенија на стартот од Европското првенство во Дебрецин и го насочи фокусот кон утрешниот натпревар против Црнa Гора во рамки на второто коло во групата А.

Селекторот Кирил Лазаров на денешната прес-конференција најави дека „црвено-жолтите“ ги очекува уште еден тежок натпревар, но изрази уверување дека македонските ракометари можат да дојдат до победа доколку не ги повторат техничките грешки од дуелот со Словенија.

Во ниту еден случај не сакам да ја потценам Црна Гора. Напротив, имаат добри индивидуалци, дури можеби и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме поквалитетни како колектив. Дополнително ќе ја анализираме нивната игра и во овој момент не би сакал да ги отворам картите, изјави Лазаров.

Тој рече дека од нив зависи дали ќе остваруваат добри резултати во иднина или не. Во секој случај, не треба да бидат оптоварени со противниците, туку да се концентрираат на себеси.

„Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не. Противниците ќе бидат само посилни, бидејќи сите во Европа работат квалитетно. Фокус и концентрација е првото нешто што го барам од играчите. Ме водат и мене емоциите, но имавме премногу индивидуални грешки во краток период против Словенија. Ќе им го пренесам ова на моите играчи на еден позитивен начин и тие треба тоа да си го стават во глава за идните натпревари“, додаде Лазаров.

Голманот Мартин Томовски, кој вчера имаше фантастично издание со 14 одбрани во дуелот против Словенците, истакна дека клучно за успех против Црна Гора ќе биде да се коригираат недостатоците од воведниот натпревар.

„И покрај поразот вчера имаше многу позитивни моменти. Игравме побрзо и поубедливо, а одбраната беше на едно повисоко ниво. Денес е нов ден и ќе се обидеме да ги коригираме сите наши грешки и недостатоци. Верувам дека ќе се радуваме на победа против Црна Гора“, изјави Томовски.


Лазаров: Горд сум како одигравме, со малку среќа можевме до бод

Репрезентацијата на Македонија со пораз го започна Европското првенство. Подобра од нашата репрезентација денес беше Словенија (27-25), но сепак ние не разочаравме.

Кога се ќе се собере се добива впечаток дека Словенија на искуство го доби натпреварот со нашата подмладена репрезентација. Задоволство од она што го прикажавме на теренот по мечот истакна и Лазаров.

„Горд сум на тоа што го прикажаа момците денес. Словенија е репрезентација која има играчи во најдобрите тимови во Европа. Секако дека сум разочаран затоа што мислам дека заслуживме најмалку бод, па и два. Физички ги уморивме и ги надигравме, на крајот како да не верувавме дека можеме да победиме. Се обидов да ги убедам, но не усепав и тоа единствената работа од која сум разочаран. Тоа што треба сега да го направиме е да го заборавиме овој натпревар и да се спремиме за следните два. Следи натпреварот со Црна Гора. Треба прво да победиме против Црна Гора, па потоа да мислиме на Данска. На големите натпреварувања секој натпревар е тежок, но очекувам да бидеме се подобри и подобри. На вистинскиот пат сме со овие млади момци“, истакна Лазаров.


Австриски судии ќе го водат дуелот Македонија – Словенија

ЕХФ веќе ги одреди и судиите за премиерата на нашата репрезентација на ЕП во Унгарија. Утрешниот прв меч на шампионатот ќе го судар Австријците Радојко Бркиќ и Андреј Јусуфхоџиќ.

Вториот меч од групата меѓу Данска и Црна Црна ќе го суди судиска двојка од Романија, Бодан Старк и Ромео Стефан.


Лазаров пред Словенија: Тие се фаворити, но ние не излегуваме со бело знаме

Македонските ракометари вчера пристигнаа во Дебрецин, каде веќе утре на премиерата на новото Европско првенство против Словенија ќе го одиграат и првиот меч на шампионатот.

Веќе денеска на брифингот со новинарите селекторот Лазаров и дел од ракометарите зборуваа за очекувањата од првиот меч со Словенија.

„Словенците се одлични, имаат неверојатни ракометари кои играат во големи екипи. Тоа е колектив предводен од добар селектор, со изградени играчи и Врањеш има задача да поработи само на ситни детали. Ние сме Македонија, знаеме како сме поставени и како функционираме. Нема да излеземе со бело знаме, иако имаме респект кон Словенија која е фаворит. Тие се екстра-квалитетна репрезентација. Словенците се играчи кои ако имаат свој ден, што и да направиме можат да не победат. Јасна е ситуацијата, имаме желба да одиме во вториот круг и тоа би бил огромен успех. Ние добивме тешка група со Данска, Словенија, па дури и Црна Гора. Ќе се стремиме кон целта, но мора да сме спремни на сè и да бидеме реални. Македонија е во транзиционен период и мора да бидеме трпеливи за да изградиме репрезентација која достојно ќе ја замени претходната генерација. Не сакам да правам притисок врз играчите, напротив, знаеме што сакаме и сме спремни, а дали тоа ќе биде доволно ќе видиме утре на теренот“, изјави Лазаров.


Никола Карабатиќ со јубилејно Европско првенство

Претстојното Европско првенство во ракомет кое започнува за неколку дена, ќе биде јубилејно десетто за еден од најдобрите светски ракометари во историјата, Никола Карабатиќ.

Репрезентативецот на Франција сепак не е рекордер во оваа статистика, бидејќи легендарниот Гудјон Валур Сигурдсон за својот Исланд има учествувано на 11 Европски првенства.

Сепак, Карабатиќ е рекордер по бројот на вкупно одиграни натпревари на Европските шампионати со 63 настапи во дресот на Франција.


Карабатиќ на списокот на Жил за Европското првенство

Селекторот на Франција, Гијом Жил, го дефинираше списокот на репрезентативците кои треба да настапат на Европското првенство во ракомет.

Голмани: Реми Дезбоне, Винсент Жерар, Весли Пардин. Леви крилa: Уго Деска, Дилан Нахи, Леви бекови: Карл Конан, Ромен Лагард, Тибо Брие. Средни бекови: Кентин Мае, Ајмерик Мин, Никола Карабатиќ. Пивоти: Лудовик Фабрегас, Николас Турна, Тео Монар. Десни бекови: Дика Мем, Мелвин Ричардсон, Жулиен Бос. Десни крила: Беноа Конку, Јанис Лен, Валентин Порт.

„Триколорите“ кои се вбројуваат меѓу фаворитите за освојување на медал, првенството ќе го започнат во  групата Ц во која се уште Србија, Хрватска и Украина.