останато

Македонија домаќин на Светско училишно првенство во ракомет 2026

Македонија ќе биде домаќин на Светско училишно првенство во ракомет, кое ќе се одржи од 20 до 29 април 2026 година во Скопје. Овој значаен меѓународен спортски настан ќе се реализира во организација на Министерството за спорт и Федерацијата за училишен спорт на Македонија.

Договорот за организација на првенството беше официјално потпишан од страна на министерот за спорт Борко Ристовски, претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска и претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ .

Министерот Ристовски истакна дека организацијата на ова првенство претставува признание за заложбите спортот да биде во секојдневието на младите преку училишниот систем.

-Горд сум што Македонија ќе биде домаќин на еден ваков значаен светски спортски настан. Ова првенство е признание за нашата заложба спортот да биде составен дел од животот на младите. Овој настан е една поширока платформа која ги поврзува спортот, образованието, младинските политики и интернационалната соработка. Ваквите меѓународни првенства се силен поттик и инспирација за учениците да се вклучат во спортските активности, да се натпреваруваат, да негуваат вистински вредности и да растат како личности. Верувам дека нашите млади ракометари ќе го искористат овој момент како мотивација за уште поголеми спортски успеси – порача Ристовски.

Претседателот на Светската федерација за училишен спорт, Жељко Танасковиќ ја истакна важноста на едно вакво големо спортско натпреварување во ракомет како спорт што е особено популарен во балканскиот регион.


Одбојкарите со пораз го отворија турнирот „Чајка“

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија загуби со 1-3 на првиот натпревари од 49. издание на Меморијалот „Бранко Хаџииљоски Чајка“. Вечерва во Скопје одбојкарите предводени од селекторот Миленкоски, имаа добар старт и водство од 1-0 во сетови (25-23), но потоа дозволија противникот тесно да ги освои сите три наредни сета.

Во Вториот Швајцарија беше најубедлива (15-25), но во третиот и четвртиот сет испуштивме шанса да се вратиме во трка за победа (24-26, 23-25).

Утре во вториот меч на турнирот (19:00) Швајцарија ќе се сретне со Бугарија, а во четврток во истиот термин турнирот го затвораат Македонија и Бугарија.


Никола Ѓорѓиев се договори со Рапид Букурешт

Капитенот на машката одбојкарска репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев, во новата сезона ќе настапува за нов клуб, односно ќе го носи дресот на еден од најстарите одбојкарски клубови во Европа, романски Рапид Букурешт.

Ѓоргиев минатата сезона ја заврши во турското првенство, а веќе во новата сезона се сели во Романија.

Ова ќе биде ново искуство за Ѓоргиев кој досега нема настапувано во овој шампионат. „Да, во новата сезона ќе играм во Романија. Постигнав договор со Рапид Букурешт“, потврди Ѓоргиев.

Минатата сезона Рапид во романскиот шампионат заврши на 7. место. Со доаѓањето на нашиот најдобар одбојкар амбициите за следнава сезона значително ќе пораснат.

Во моментов нашиот капитен е заедно со репрезентацијата во Скопје и се подготвува за квалификациските дуели за ЕП 2026 со Грција и Грузија.


Уапсена атлетската ѕвезда Шакари Ричардсон заради насилство

Познатата американска спринтерка Шакари Ричардсон беше уапсена на меѓународниот аеродром Сиетл-Такома по инцидент со нејзиното подеднакво познато момче и колега спринтер Кристијан Колман, според полицискиот извештај добиен од „Атлетик“ од полициската управа на аеродромот Сиетл. Според истиот извештај, случајот оттогаш е официјално затворен.

Инцидентот се случил на безбедносен контролен пункт на TSA, каде што Ричардсон и Колман влегле во жестока расправија, според еден полицаец. Колман рекол дека Ричардсон му била девојка две години, иако јавно ја потврдиле својата врска дури во февруари.

Надзорната камера го снимила моментот кога Ричардсон го турнала Колман неколку пати додека се обидувал да си замине, што полицаецот го протолкувал како доволна основа за апсење под сомнение за семејно насилство од четврти степен.

Кристијан Колман одбил да поднесе обвинение, а во извештајот се наведува дека тој „се откажал од тоа да биде жртва“. Ричардсон била задржана нешто помалку од 19 часа.

И покрај инцидентот, двајцата се натпреваруваа на натпреварот во четврток – Ричардсон истрча 11,07 секунди во првото коло на 100 метри, додека Колман имаше време од 10,08 секунди во својата квалификациска трка. Двајцата се пласираа во вечерното финале.

Шакари Ричардсон ја освои титулата во штафетата на САД на 4 x 100 метри на Олимписките игри во Париз, како и сребро на 100 метри. На Светското првенство во атлетика во 2023 година во Будимпешта, таа освои злато, сребро и бронза на штафетите на 100, 4 x 100 и 200 метри.

Кристијан Колман, од друга страна, е освојувач на пет златни медали на Светското првенство во сала и на отворено, како и четири сребрени медали. Тој беше светски шампион на 60 метри во Бирмингем 2018 и Глазгов 2024, како и во Доха 2019 на 100 и штафетата 4 x 100 во Доха и Будимпешта 2023.


Полска доминантно ја освои Лигата на нации во одбојка

Полските одбојкари ја освоија Лигата на нации на FIVB по втор пат во историјата. Овој пат тоа го направија на завршниот турнир во Нингбо, Кина.

Избраниците на Никола Грбиќ убедливо ја победија Италија во големото финале со 3-0 во сетови – 25-22, 25-19, 25-14.

Најдобар играч за Полска на овој натпревар беше Вилфредо Леон со 16 поени. По него следуваа Камил Семењук со 13, а капитенот Јакуб Кочановски со седум поени.

За Италија, Даниеле Лавија беше најефикасен и единствен играч со двоцифрен број на поени со 11. Алесандро Мичиелето додаде седум поени.

Грбиќ, кој е селектор на Полска од 2022 година, го освои својот шести медал со оваа репрезентација, трето злато.

Тој го освои најбрилијантниот медал во 2023 година во Лигата на нации и на Европското првенство, сребро на Светското првенство во 2022 година и на Олимписките игри во 2024 година, и бронза во Лигата на нации во 2022 и 2024 година.

Да потсетиме дека третото место во Лигата на нации му припадна на Бразил, кој по пресврт ја победи Словенија со 3-1 .


Норис победи на трката во Хунгароринг

Возачот на Мекларен, Ландо Норис победи на денешната трка од шампионатот во Формула 1 возена во Будимпешта за Големата награда на Унгарија.

Британецот до триумфот стигна од петтата стартна позиција и ја намали разликата на само девет бод аво однос на лидерот во Генералниот пласман, неговиот клупски колега Оскар Пјастри.

Токму Пјастри со второто освоено место (+0,698 секунди) ја потврди доминацијата на Мекларен сезонава во Ф1.

Далеку зад првите двајца, како трет трката ја заврши Џорџ Расел од Мерцедес (+21,916 секунди).

Шарл Леклер од Ферари кои тргна од пол-позицијата на крајот беше четврти.

Актуелниот светки првак Макс Верстапен го освои 9.место, додека Луис Хамилтон од Ферари за прв пат сезонава не беше во првите десет и остана без бодови. Седумкратниот шампион го освои 12. место.


Леон Маршан освои светско злато со светски рекорд

Францускиот пливач Леон Маршан го сруши светскиот рекорд на 200 метри мешано на Светското првенство во Сингапур.

Четирикратниот олимписки шампион постигна резултат од 1:52,69 минути во полуфиналната трка.

Маршан го сруши светскиот рекорд поставен од Американецот Раџан Локти во Шангај во 2011 година за 1,31 секунда.

Финалето на 200 метри мешано на Светското првенство е закажано за четврток.


Одбојкарите ја надиграа Бугарија во првиот тест во Софија

Машката сениорска репрезентација на Македонија победи со 3-0 (26-24, 25-23, 25-16) против селекцијата на Бугарија на првиот пријателски натпревар во салата „Левски“ во Софија во рамките од подготовките за европските квалификации на почетокот на следниот месец.

Македонија и Бугарија играа натпревар зад затворени врати, а Бугарите беа во проширен состав, па во договор меѓу селекторите беше одигран и дополнителен четврти сет, кој исто така и припадна на Македонија, 25-22.

Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите репрезентативци кои ги имаше на располагање. Македонија одигра дисциплинирано во полето и првата проверка на силата покажа дека екипата е на одличен пат по десетдневното темпирање на формата во Маврово.

Капитенот Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер на тимот, следен од Филип Савовски со 11 поени и Александар Љафтов со 10, додека Владо Милев, Филип Маџунков и Стојан Илиев имаа по седум поени.


Ботас ќе биде првиот возач на Кадилак

Финскиот возач Валтери Ботас ќе се приклучи на тимот на Кадилак како нивен прв возач.

„GPblog“ објави за постигнат договор со американскиот тркачки тим и договорот ќе биде потпишан во блиска иднина.

Сè уште не е познато кој ќе биде втор возач на тимот и ќе настапува заедно со Ботас. Серхио Перез се смета за главен кандидат за оваа улога, вклучително и поради финансиската поддршка од спонзорите што Мексиканецот може да ја привлече.

Американскиот тим ќе стане единаесетти учесник во светскиот шампионат во Формула 1 во сезоната 2026.

Ботас моментално е резерва за германскиот тим Мерцедес.


Погачар по четврти пат го освои Тур Д’Франс

Словенецот Тадеј Погачар е победник на 112-то издание на најпрестижната велосипедска трка во светот, Тур Д’Франс. Словенецот четврти пат во кариера победи на трката околу Франција.

Победник на последната етапа од овогодинешната Тур Д’Франс е Ваут ван Ерт, кој го престигна Погачар на третата раскрсница од последната етапа и беше првиот што помина низ Триумфалната капија во Париз.

Второто место му припадна на Италијанецот Давиде Балерини, додека Словенецот Матеј Мохориќ ја заврши етапата на третото место.

Победникот, Тадеј Погачар, го освои четвртото место во последната етапа. Претходно Погачар победи на тур Д4Франс во 2020, 2021 и 2024 година.

Поради исклучително лошите временски услови, организаторите мораа да ја скратат и последната етапа, но исходот од последната етапа не можеше да влијае на конечниот исход.

Погачар стана втор возач со четири победи на Тур Д ‘Франс, заедно со Крис Фрум. Жак Анкетил, Еди Меркс, Бернард Хино и Мигел Индуреин победиле пет пати.