Одбојкарките на Работнички немоќни против Алба Блај од Романија
Женскиот одбојкарски тим на Работнички ги заврши европските настапи сезонава и тоа во првата елиминациска рунда во ЦЕВ Купот. Нашите шампионки беа поразени и на домашен терен од тимот на Алба Блај од Романија.
Гостинките во арената „Борис Трајковски“ денеска славеа во три сета со 14-25, 11-25 и 11-25. И на првиот натпревар во Романија, Работнички загуби со максимални 3-0. Антонија Баталаковска со шест поени беше прв поентер, додека Ирма Ѓурѓевиќ и Андротеа Милевска постигнаа по четири поени.
За потсетување, Работнички сезонава на меѓународната сцена дебитираше во Лигата на шампиони на ЦЕВ, каде беше елиминиран од уште еден романски тим Волунтари, па продолжи да игра во ЦЕВ Купот.
Рекорд на Винипег: Нанижа петнаесет победи во НХЛ
Екипата на Винипег станаа најбрзиот тим со 15 победи во историјата на НХЛ лигата, откако синоќа во Медисон Сквер Гарден го победија Њујорк Ренџерс со 6-3 во нивниот 16-ти натпревар од сезоната.
Претходните лидери според овој статистички податок беше Бостон (2022-23), Отава (2007-08), Бафало (2006-07), Филаделфија (1985-86) и Бостон (1929-30), кои го направија тоа во 17 натпревари.
Винипег успеа да дојде до седмата победа во низа на гости и го освои 30-от бод во сезоната. Њујорк Ренџерс привремено го зазема четвртото место, пет поени зад лидерот Њу Џерси.
Светски натпревар со високо рангирани пингпонгари во 2025 во Скопје
По три меѓународни натпревари во младинска категорија (World Table Tennis Youth Star Contender) и Европско првенство во категорија до 21 година, Македонија ќе биде домаќин на „World Table Tennis Contender Skopje 2025“ од 9 до 15 јуни 2025 година, објави Пингпонгарската федерација на Македонија.
Ова е уште едно големо признание за ППФМ затоа што влегува на мапата на светски натпревари во сениорска категорија.
На официјалната веб страница на „World Table Tennis“ денес беше објавен датумот за одржување на натпреварот и со тоа започна пријавувањето на истиот кој е отворен за повеќе од 100 учесници.
Натпреварувачите ќе настапуваат во поединечна категорија, мажи и жени, во двојки и мешани двојки.
Осумнаесет медали за македонските каратисти на Балканското првенство
На овогодинешното 24-то Балканско првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21, што се одржа во Сараево, БиХ, нашата младинска карате репрезентација освои 4 златни, 4 сребрени и 10 бронзени.
Златни медали:
Душица Бреслиева кадети, кумите женски -54кг;
Андреј Стојчевски кадети, кумите машки -61кг;
Матеј Белистојаноски У21, кумите машки -67кг
Љупче Михајлов У21, кумите машки -75кг.
Сребрени медали:
Дамјан Митревски кадети, кумите машки -52кг;
Јован Врклевски кадети, кумите машки -57кг;
Филип Стојанов јуниори, кумите машки +76кг
Данка Стојкова јуниори, ката женски
Бронзени медали:
Илијана Серафимова јуниори, кумите женски -53кг;
Кенза Фетаи јуниори, кумите женски -59кг;
Мила Панчева У21, кумите женски -55кг;
Јована Мицовска У21, кумите женски -61кг;
Недим Шаќири У21, кумите машки -60кг;
Данило Божовиќ У21, кумите машки -84кг и
Стефан Стојановиќ У21, кумите машки -84кг.
На последниот ден од првенство во екипните настапи, натпреварувачите во борби и кати освоија уште три бронзени одличја и тоа со јуниорскиот кумите тим во машка конкуренција, У21 кумите тим машки како и кадетско-јуниорски ката тим машки.
На генералниот пласман, македонската репрезентација го освои високото четврто место од вкупно единаесет земји.
Стојановски донесе сребро од Европското првенство во теквандо за кадети
Теодор Стојановски од Теквондо клубот Бутел викендов се закити со сребрен медал на официјалното кадетско Европско првенство во олимписко таеквондо, објави Македонската таеквондо федерација.
Стојановски во категоријата -49 кг на првенството во Тирана, Албанија оствари три доминантни победи над Хараламбос Хаџимаврос од Кипар со 2-0, Јарослав Вечирко од Украина со 2-0 и Шон Џита од Велика Британија со 2-0 во полуфиналето.
Во финалето Македонецот загуби од Нора Бранж од Франција со 2-0.
Ватерполо спортот ги менува правилата
Светската ватерполо федерација најави нови правила за оваа игра кои ќе донесат одредени промени, најмногу во динамиката на самата игра. Најзначајно е што во машка конкуренција големината на теренот меѓу двата гола сега ќе биде 25 метри, а не 30 како што беше досега. Времето за напад ќе биде 25 секунди, наместо 30.
Исто така, времето на вториот напад повеќе нема да биде 20 туку 15 секунди. Исто така нападот со играч повеќе ќе трае 15, а не 20 секунди тшо досега беше случај.
Бројот на играчи во тимот, односно во записникот сега ќе биде 14 наместо 13, со максимум од дванаесет играчи и двајца голмани.
Тимот има право да игра со сите седум играчи од теренот во напад, додека на тренерите ќе им биде дозволен по еден челенџ во одредени ситуации.
ВАР системот се користи и во ватерполо, но не во сите ситуации.
Овие не толку мали промени започнаа на почетокот на овој месец и ќе започнат да се применуваат во сите идни натпреварувања, вклучително и на најголемите како Светското првенство или Олимписките игри.
Пет бронзи за каратистите на Макпетрол на Балканскиот шампионат во Сараево
Балканското првенство за кадети, јуниори и У-21 викендов се одржа во Сараево, а каратистите на Макпетрол освоија пет бронзени медали. Стефан Стојановиќ и Данило Божовиќ се закитија со по две одличја, додека Јована Мицовска оствари еден пласман на третата позиција. На шампионатот што се одржа во главниот град на Босна и Херцеговина учество земаа 1.234 каратисти од тринаесет земји со 1.297 натпреварувачки влезови.
Членовите на скопски „Макпетрол“, кои се дел од македонската репрезентација, се закитија со вкупно пет медали во поединечна и во екипна конкуренција во дисциплината кумите (борби). Три одличја се во поединечна, а две во екипна конкуренција. Сите медали се освоени во највозрасната категорија на помлади сениори (У21).
Најдобриот млад каратист на Македонија, Стефан Стојановиќ (+84 кг.), загуби борба од грчкиот натпреварувач Петрос Стефанидис и не се пласира во финалето. Резултатот беше нерешен (1-1), но поради прв освоен поен претставникот на Грција имаше можност да се бори за злато. Стојановиќ потоа во репасаж извојува две победи и го освои бронзениот медал. Тој ги оствари следните резултати против: Углеша Пејовиќ (Србија) 1-0; Норик Халилосмани (БиХ) 6-0; Умит Ерџан (Турција) 3-3; Душан Бијелиќ (Црна Гора) 4-2.
Во категоријата -61 кг., членката на Макпетрол, Јована Мицовска, ги оствари следниве резултати против: Јована Чалиќ (Црна Гора) 8-0; Сена Кизиласлан (Турција) 3-6; Лариса Адријана Ивашчу (Романија) 6-0; Нурсена Атиџи (Турција) 6-1. Данило Божовиќ (-84 кг.) го оствари овие резултати против следните натпреварувачи: Кемал Незириќ (БиХ) 3-2; Дејан Миленков (Бугарија) 0-0; Немања Микулиќ (Црна Гора) 2-9; Александар Новицки (БиХ) 3-0.
МОК и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри во заедничка акција
Скопје денес е домаќин на настан посветен на Медитеранските игри на плажа, на кој се присутни 26 национални олимписки комитети, осум меѓународни спортски федерации, како и Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ).
На овој значаен настан за олимписките спортови, генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, му го додели највисокото признание „Трофеј на Медитеранските игри“ на претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски, за успешниот долгогодишен развој на медитеранското спортско движење.
Посебни награди МКМИ им додели и на нашите поранешни спортисти, Владимир Богоевски и Мирко Димчевски, како освојувачи на медали на Медитеранските игри. Организаторите имаа посебен осврт и анализа на Медитеранските игри на плажа Хераклион 2023, а ги претставија и плановите за идните Медитерански игри во Таранто во 2026 година, како и следните игри на плажа кои ќе се одржат во Портимао и Лагоа во Португалија во 2027 година.
Како завршница на настанот следеа заеднички заклучоци на националните олимписки комитети и меѓународните спортски федерации за идниот долгорочен развој на Медитеранските игри и Медитеранското спортско движење.
МОК му додели посебно признание на генералниот секретар на МКМИ, Јаковос Филипусис, за неговиот придонес и развој на медитеранскиот спорт, како и за развојот на врвниот спорт во Македонија.
Тадеј Погачар има огромна плата и луда клаузула за откуп
Cycling – Tour de France – Stage 20 – Nice to Col de la Couillole – Col de la Couillole, France – July 20, 2024 UAE Team Emirates’ Tadej Pogacar wearing the yellow jersey celebrates after winning stage 20 REUTERS/Manon Cruz
Тадеј Погачар имаше неверојатна година. Словенечкиот велосипедист по трет пат победи на Тур де Франс, славеше на Џиро д’Италија и ја освои титулата светски шампион.Претходно ова им успеа на Еди Меркс во 1974 година и Стивен Рош во 1987 година.
Фантастичната сезона е наградена со продолжување на договорот со тимот на ОАЕ Емирати до 2030 година. „газета дело Спорт“, ги откри деталите од договорот што го прави најплатен велосипедист во светот.
„Никој во светот на велосипедизмот не ги достигна овие бројки“, истакнуваат италијанските медиуми и потсетуваат дека Словенецот е дел од тимот на Емирати од 2019 година.
Досега Погачар заработуваше седум милиони евра по сезона, не сметајќи ги бонусите, додека според новиот договор ќе има осум милиони евра. Тоа значи дека до крајот на договорот ќе заработи околу 50 милиони евра. Доколку некој друг тим сака да го доведе, на ОАЕ ќе треба да им плати отштета од 200 милиони евра колку што е откупната клаузула на Погачар.
„Овој тим е моето семејство. ОАЕ беа првиот тим кој праша за мене кога бев дете. Заедно имавме големо влијание на велосипедизмот. Горд сум на она што го постигнавме во текот на овие шест години”, рекол Погачар.
Тајсон: Јас сум на терапија со тестостерон, не ми е гајле што зборуваат
Мајк Тајсон неодамна во интервју за магазинот „Loaded“ отворено проговори за проблемите со кои се бори.
Освен што зборуваше за лични работи како менталното здравје и зависноста, тој се осврна и на неговата терапија со тестостерон, за која вели дека продолжува да ја зема.
„Мислам дека постои оваа заблуда дека ако мажите земаат терапија со тестостерон, тоа е затоа што нешто физички не е во ред со нив. Но, од 30-годишна возраст, не ми е грижа колку сте здрави, нивото на тестостерон опаѓа. Јас сум во подобра физичка форма кога земам тестостерон“, рече Тајсон.
Тој вели дека физичкото здравје е испреплетено со менталното здравје, нешто со што се бори до ден-денес: „Сè уште се борам со моето ментално здравје, но за среќа, имам подобри алатки. Научив многу во текот на годините како поранешен зависник од дрога. Ги разбирам моите предизвикувачи и зошто се саботирам себеси“, искрено коментираше тој.
Често се чувствува несоодветенТој исто така призна дека често се чувствува неадекватно, но вели дека со текот на времето научил да биде искрен со себе: „Ако си искрен со себе, ќе престанеш да се споредуваш со другите и нема да ти биде важно што мислат за тебе, затоа што си се соочил со својот најголем критичар во огледало и си победил“.
Во едно од претходните интервјуа, тој низ солзи изјави дека „не би го посакал никому својот боречки живот“. Сепак, се чини дека тој се уште е посветен на кариерата бидејќи наскоро му претстои посебен натпревар. За една недела, поточно на 15 ноември, тој во рингот осум рунди ќе се соочи со 27-годишниот Јутјубер Џејк Пол.
„Тој никогаш не се борел со некој како мене“
“Сè уште планирам да го завршам. Ги почитувам Мајк Пери и другите борци, но Џејк никогаш не се борел со некој како мене и јас ќе бидам целосно подготвен да го повредам кога ќе влезе во тој ринг. Почитта е емоција за која не размислувам во рингот“, рече тој.