останато

Тајсон доаѓа во Белград, ќе добие цел спрат во еден од најпознатите хотели

Од 24. октомври до 6. ноември во главниот град на Србија ќе се одржи Светското првенство во бокс, а во Белград ќе пристигне и легендарниот Мајк Тајсон.

Еден од најдобрите боксери на сите времиња ќе биде гостин на Боксерскиот сојуз на Србија, објавуваат тамошните медиуми. Тајсон ќе пристигне во последниот дел од Светското првенство, а имаше неколку услови за доаѓање во Белград.

Еден од нив беше да добие цел спрат во еден од најпознатите хотели. Бараше и посебно мени базирано на месо од бизон, а на организаторите им испрати порака дека сака голем избор од свежо цедени овошни сокови.

Тајсон, 55-годишниот поранешен првак во тешка категорија, минатата година одработи егзибициска борба со Рој Џонс.


Грегор Шлиренцауер објави крај на кариерата на само 31 година

Пред почетокот на новата сезона во зимските спортови, објавена е изненадувачка пензија од светскиот рекордер во скијачки скокови, Грегор Шлиренцауер. Тој преку домашните медиуми и своите социјални мрежи најави дека ја завршува професионалната кариера.

31-годишниот Австриец има 53 победи на Светското првенство кое го освои двапати. Шлиренцауер освои тимско олимписко злато во Ванкувер пред единаесет години.

„Последниве неколку месеци беа предизвик за мене, но, од позитивна гледна точка. Повредата ми овозможи да ги гледам животот и кариера од страна. Донесов лесна одлука да се пензионирам откако бев успешен спортист“, напиша Австриецот на своите налози на социјалните мрежи.

Новата сезона во нордиски зимски спортови почнува на почетокот на ноември.


Мани Пакиао е кандидат за претседател на својата земја

Легендарниот филипински боксер Мани Пакиао е номиниран како кандидат на филипинската владејачка партија за претседателските избори наредната година, објави неговиот близок соработник, сенаторот Акуилино Пиментел.

Пакиао, кој во моментот е сенатор, е номиниран од неговата партија неколку дена откако противниците го кандидираа актуелниот претседател Родриго Дутерте.

Пакиао ја прифатил номинацијата, јавуваат медиумите.

Тој е првиот боксер кој станал светски првак во осум различни боксерски тежински категории, а во кариерата има скор од 62 победи, седум порази и два реми. Последната свеска титула ја освои во 2019. година во велтер категорија на свои 40 години.

Во можеби последната борба во кариерата, беше поразен од Јорденис Угас со едногласна одлука на судиите.

Го носеше знамето на Филипини на отворањето на Олимписките игри во Пекинг 2008. година, иако на истите не настапуваше. Тоа беше идеја на тогашната филипинска претседателка Глорија Макапагал-Аројо.

Во 2010. година, Пакиао беше избран за претставник во Собранието на Филипини.


Засилени анти-ковид мерки на ЗОИ во Пекинг

Остри антиковид мерки и помош за вакцинирање на спортистите, кои ќе настапат на Зимските олимписки игри идната година во Пекинг, најави денеска претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах.

Првиот човек на олимпиското движење испрати писмо до членовите на МОК, националните олимписки комитети, челниците на меѓународните спортски федерации и до самите спортисти.

Првите одложени Олимписки игри во историјата можевме да ги реализираме со единствена и силна поддршка на сите во нашата олимписка заедница, наведе Бах.

Со наближување на зимата, нашиот фокус во целост е насочен кон подготовките за Зимските олимписки игри во Пекинг 2022. Иако пандемијата е сè уште далеку од својот крај, би сакал да ве поттикнам заедно со нашите кинески партнери и пријатели да не се штедиме во напорите. Исто како што тоа го направивме во Токио, ригорозно ќе ги поставиме против пандемиските мерки, со цел да се обезбеди во Пекинг здравје и безбедност за сите олимписки учесници“, порача претседателот на МОК.


ЛОИ во Лос Анџелес ќе чинат 6,9 милијарди долари

Организацијата на Летните олимписки и параолимписки игри, чии домаќин во 2028 година ќе биде Лос Анџелес, ќе чини 6,9 милијарди долари, најави извршната директорка на Организацискиот комитет Кети Картер.

„ОИ и ПОИ ќе бидат финансиски здрави и ќе остават трајно влијание на градот домаќин, -изјави Картер. Пред сè, ние ќе бидеме домаќини на Игри, кои ќе се одржат во предвидениот термин и во рамки на предвидениот буџет,“ додаде Картер.

Таа наведе дека Игрите ќе користат широк спектар на постоечки спортски објекти, а потрошувачката ќе се надомести со приходи од спонзорства, продажба на влезници и други извори.


Неочекуван гостин на Ф1 стазата во Монца (видео)

Валтери Ботас од Мерцедес доминираше во квалификациите за спринт трката која се вози викендов во Монца, па ќе стартува од најдобрата позиција пред својот тимски колега, седумкратниот шампион Луис Хамилтон.

Холанѓанецот Макс Верстапен од Ред Бул, водечкиот во вкупниот поредок, Ландо Норис од Мекларен беа трет и четврт. Првите тројца возачи од спринт трката ќе заработат бодови (3-2-1), а редоследот од тој натпревар ќе биде критериум и за одредување на стартните позиции за Големата награда на Италија.

Верстапен има три бода повеќе од Хамилтон.

Она што беше интересно во текот на квалификациите е што во еден момент на стазата влета неочекуван гостин, а за „влакно“ успеа да го избегне налетот на болидот. Како тоа изгледаше, погледнете во видеото.

https://twitter.com/F1/status/1436388795537055745

Расел од следната сезона ќе вози за Мерцедес

Возачот на Вилијамс, Џорџ Расел, следната сезона ќе настапува за Мерцедес во светскиот шампионат во Формула 1, објавено е на официјалната веб-страница на германскиот клуб.

Дваесет и тригодишниот Британец склучи долгорочен договор со тимот. Расел ќе започне со трки за Мерцедес во сезоната 2022. Негов тимски колега ќе биде седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон.

Вчера, сè уште актуелниот пилот на Мерцедес, Валтери Ботас, објави дека следната сезона ќе вози за Алфа Ромео. Финецот ќе го замени својот сонародник, поранешниот светски шампион Кими Раиконен, кој најави пензија.


Ботас од следната сезона ќе вози во болидот на Алфа Ромео

Валтери Ботас ја вози последната сезона како партнер на Луис Хамилтон во Мерцедес.

Денес е потврдено дека од сезоната 2022, односно од наредната сезона Ботас ќе биде нов возач на Алфа Ромео.

Долго време Ботас во Мерцедес важи за втор возач, затоа што тимот предност му дава на Хамилтон. Сега во Алфа Ромео ситуацијата ќе биде веројатно поинаква.

Инаку, сезонава Мерцедес води голема со Ред Бул за титулата, на последната трка викендов во Холандија победи возачот на Ред Бул, Макс Верстапен.

На местото на Ботас во Мерцедес би требало да дојде младиот Џорџ Расел.


Драма за титулата во Формула 1

Холандскиот Ф1 возач Макс Верстапен од Ред Бул победи на трката за Големата награда на својата Холандија во Зандворт и го презеде водството на табелата во Формула 1.

Верстапен на стазата во Зандворт, која по 36 години е на календарот на Ф1, водеше од стартот до целта. За него тоа седма победа сезонава, 17. во кариерата.

Второто место замина во рацете на Луис Хамилтон од Мерцедес, трет беше неговиот клупски колега, Финецот Валтери Ботас.

По 13 трки Ферстапен е прв со 224 бодови, него го следи Хамилтон со три бода помалку, на третото место пак е Ботас со 123 бода.

Следната трка е на 12. септември во Монца за Големата награда на Италија.


Гетлин најави пензија од спринтот

Освојувачот на пет олимписки медали и шампион на 100 метри од Атина 2004, Џастин Гетлин, ја завршува кариерата на 39-годишна возраст. Светскиот шампион од Лондон 2017, кој во тоа време го победи и легендарниот Усеин Болт, го најави својот последен спринт.

Американецот ќе и каже „збогум“ на атлетиката на 14 септември во Белинцона, Швајцарија. На последната трка на Џастин ќе се појави и Фред Керли, олимпискиот вицешампион од Токио на 100 метри, како и Андре де Грас, златниот на 200 и бронзен на 100 метри од последната Олимпијада.

На Олимписките игри во Лондон 2012 година, Гетлин освои бронзен медал на 100 метри, а повторно беше на подиумот на Игрите во Рио, овој пат со сребро.