тенис

Давидович Фокина го освои трофејот во Шангај

Шпанскиот тенисер Алехандро Давидович Фокина триумфираше на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Шангај, откако во големото финале го совлада сонародникот  Рафаел Ходар со 2-1 во сетови.

За 26-от тенисер на светската ранг-листа ова е најголемиот успех во досегашната кариера и прв освоен трофеј од серијата АТП 1000.

Фокина до титулата стигна по голема борба, славејќи со 1-6, 7-6 (5), 6-4 во меч кој траеше два часа и 28 минути. Иако првиот сет му припадна на Ходар, шпанскиот тенисер не се предаде, успеа да се врати во игра и на крајот да направи целосен пресврт.


Медведев последен полуфиналист во Шангај

Рускиот 30-годишен тенисер Данил Медведев се пласираше во полуфиналето АТП Мастерс турнирот од серијата 1000 во Шангај, откако денеска во последното четвртфинале со 6-3, 1-6, 6-3 го совлада Американецот Томи Пол.

Медведев, кој е петти носител на Мастерсот во Шангај, ќе игра во полуфиналето против десет години помладиот Шпанец Рафаел Ходар, кој во четвртфиналето беше поуспешен од Норвежанецот Каспер Руд со 4-6, 6-4, 6-3.

Медведев има една победа во Шангај, освојувајќи го трофејот во 2019 година.

Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Александар Зверев и Алехандро Давидович Фокина.


АТП подготвува големи промени од 2028 година

АТП планира сериозни промени од 2028 година, кои треба да им донесат значително поголема заработка на тенисерите, поинаков систем на рангирање и појасна структура на календарот. Според планот што го претстави претседателот на АТП, Андреа Гауденци, вкупниот финансиски надомест за играчите треба да достигне околу 350 милиони долари годишно, без да се сметаат наградните фондови од Гренд слем турнирите.

Централните издвојувања на АТП за тенисерите треба да надминат 100 милиони долари, додека бонус-фондот би се зголемил од сегашните 21,5 на 50 милиони долари.

Дополнително, 25 милиони долари би биле наменети за играчите кои сезоната ќе ја завршат меѓу најдобрите 250 на светот, а уште 30 милиони долари би биле издвоени за пензиски програми за околу 300 тенисери годишно.

„Тенисот денес е во многу силна позиција. Нашите турнири растат, навивачите го следат спортот на сè повеќе начини, а заработката на играчите е на рекордно ниво. За да останеме силни, спортот мора да продолжи да се развива“, порача Гауденци.


Српски тенисер доби жестока казна поради местење натпревари

Српскиот тенисер Стефан Милиќевиќ е суспендиран на дури 24 години поради сериозни прекршувања на антикорупциските правила во тенисот, пренесува „Телеграф“.

Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА) го обвини за местење натпревари, обиди за манипулирање со резултати, но и за регрутирање други играчи во корупциска мрежа.

Според изречената казна, Милиќевиќ ќе може да му се врати на тенисот дури на 8 октомври 2050 година, под услов во меѓувреме да не се појават други пречки за неговото враќање.

Практично, неговата кариера е завршена. Покрај тоа, ќе мора да плати и парична казна од 70.000 долари.


Нови сомнежи за допинг на Јаник Синер

Јаник Синер повторно се најде во центарот на дебатите за допинг, откако неговото долго отсуство од тениските терени и одлуката предвреме да ја заврши сезоната предизвикаа шпекулации во тениските кругови.

Италијанецот на 6 октомври објави дека поради проблеми со коленото нема да игра до крајот на годината.

Неговиот последен натпревар беше финалето на Вимблдон на 12 јули, кога го совлада Александер Зверев. Засега нема докази дека Синер повторно бил позитивен на забранета супстанција, ниту е објавена официјална одлука за нова суспензија.


Сабаленка: Уживам во ривалството со Рибакина

Вториот светски рекет, Арина Сабаленка, зборуваше за нејзиното соперништво со Елена Рибакина.

– Уживам во нашето соперништво. Верувам дека не само Елена и јас, туку и сите други тенисерки си помагаме едни на други да станат подобри. Понекогаш паѓате на ранг-листата, губите поени или губите финале, но учите од таквите неуспеси. Оваа сезона се обидов да учам од тешките порази и да ги искористам како мотивација да работам на себе, да најдам нови начини за напредок и да се вратам на врвот. Навистина уживам во нашето соперништво, изјави Сабаленка.

Белорусинката, исто така, коментираше за квалификациите за финалето.

– Се квалификував за финалето шест години по ред. Неверојатно е. Се сеќавам дека направив сè што можев за да стигнам до финалето во Сингапур за прв пат, но едноставно не можев да го направам тоа. Тогаш, не можев ни да замислам дека еден ден ќе ме прашаат какво е чувството да се квалификувам за финалето шест пати по ред. Тоа е сон и многу го ценам ова достигнување. Со нетрпение го очекувам последниот дел од сезоната и сум подготвена да дадам сè од себе. 

Рибакина (Казахстан) е прва на ВТА ранг-листата со 9.696 бода, Сабаленка е втора со 7.550.


Зверев првпат ќе застане на врвот на АТП листата

Германскиот тенисер Александар Зверев го обезбеди своето прво место на светската ранг-листа на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) на крајот од сезоната, објави прес-службата на АТП.

Тој е првиот Германец што ја завршува годината како светски рекет број 1.

Зверев ќе стане 30. играч број 1 во светот. Тој би можел да го престигне моменталниот лидер Јаник Синер од Италија и да го заземе првото место на АТП ранг-листата веќе на 2 ноември, по што ќе остане на првото место до почетокот на следната сезона.

Дваесет и деветгодишниот Зверев ќе стане светски број 1 за првпат во кариерата. Во сезоната 2026, Германецот освои два Гренд слем турнири, победувајќи го Италијанецот Флавио Коболи во финалето на Ролан Гарос и Американецот Бен Шелтон во финалето на Отвореното првенство на САД. Тој исто така стигна до финалето на Вимблдон во 2026 година, каде што загуби од Синер.

Зверев има 26 титули на АТП турнири.


Алкараз сензационално елиминиран во третото коло во Шангај

Карлос Алкараз не успеа да стигне ниту до осминафиналето откако доживеа пораз во два сета од белгискиот тенисер Зизу Бергс кој е на 39. место на АТП листата.

Алкараз беше втор носител во Шангај, поради тоа го пропушти првото коло, а во второто го елиминираше Серундоло. Но веќе на следниот меч е елиминиран.

Бергс првиот сет го доби со 7-5, а во вториот беше подобар во тајбрејк кој го доби со 7-4.

Мечот траеше два часа, во нив се виде дека Алкараз е далеку од својата најдобра форма.


Голем успех за Митевска – освои турнир во Грција!

Сара Митевска, која има само 16 години, го освои турнирот во Грција за тенисерки до 18 години – Ј100 Аридеа.

Митевска на убедлив начин стигна до финалето, без загубен сет, а таму со пресврт дојде до пехарот.

Во финалето македонската тенисерка ја совлада Софија Дрозденко со 2-1 (1-6, 6-1, 6-3) во сетови.

Претходно, во првата рунда како седма носителка беше слободна, а во второто коло ја победи Фотеини Фасула од Грција 2-0 (6-1, 6-1). Во следната рунда ја совлада Елена Пападопулу од Бугарија со 2-0 (6-3, 6-2), додека во четвртфиналето беше поуспешна од Ана Варса од Романија со 2-0 (7-6(5) и 6-4). Победничката серија ја продолжи во полуфиналето со Лидија Панајотиду од Грција 2-0 (6-4, 6-4).

Митевска настапи и во конкуренција на двојки каде со Нина Тепиќ од Србија беа елиминирани во четвртфиналето.


Хуркач лесно го победи Ѓоковиќ на турнирот во Шангај

По титулата во Пекинг, Новак Ѓоковиќ во првиот меч го заврши настапот на Мастерсот во Шангај.

Подобар од него во натпреварот од второто коло беше Хуберт Хуркач со 4-6, 3-6, за само 83 минути игра.

Ѓоковиќ не беше ни сенка од играчот кој го освои Пекинг. Сервираше многу лошо, погодувајќи само 42 проценти од првиот сервис во првиот сет. Немаше агресивност и прецизност во размените, поради што правеше некарактеристични грешки.

И покрај тоа, имаше шанси, пропушти две брејк топки во третиот гем од натпреварот, иако Полјакот сервираше одлично.

Хуркач исто така правеше грешки, но беше посмирен и во десеттиот гем ја реализираше втората брејк топка, а потоа го освои сетот.

Ништо подбро за Ѓоковиќ не одеа работите, ниту во вториот сет, дозволи врејк во четвртиот гем од 30-0, со двојна грешка на брејк топка. Тоа беше крајот, Новак едвај чекаше да го напушти теренот.

Ова е прва победа на Хуркач во девет меѓусебни натпревари со Ѓоковиќ. Во третото коло, Хуркач ќе се сретне со подобриот од дуелот помеѓу Мусети и Жоу.