тенис

Мареј: Ми недостигаат големите дуели со Надал и Ѓоковиќ

Енди Мареј рече дека му недостасуваат пресметките на теренот против големите ривали Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, и изрази надеж дека повторно ќе игра против нив во завршниците на големите турнири.

Надал идната недела се враќа на теренот, на турнирот во Бризбејн, по речиси едногодишна пауза поради повреда, а Мареј последен пат играше против Шпанецот во 2016 година.

Мареј, кој исто така ќе настапи во Бризбејн, имаше проблеми изминатите години со колкот и поради тоа долго отсуствуваше од теренот, но успеа да се врати меѓу најдобрите 50 тенисери на АТП листата. Против најдобриот светски рекет Ѓоковиќ играше само еднаш од 2017 година.

„Би сакал да имам можност повторно да играм против нив, идеално би било во подоцнежните фази на големите турнири. Ми недостасува тоа чувство. Не се сеќавам кога последен пат играв против нив“, рече Мареј во изјава за британските медиуми.


Австралија Опен го зголеми наградниот фонд за 13%

Наградниот фонд на Австралија Опен е зголемен за 13% и изнесува 59.1 милиони долари, објавија денеска организаторите на првиот сезонски грен – слем турнир кој почнува на 14 јануари во Мелбурн.

„Го зголемивме наградниот фонд за секое коло на Австралија Опен, со големи зголемувања во квалификациите и воведните рунди во поединечна конкуренција и во двојки. Клучно за продолжување на успехот на Австралија Опен е најдобрите играчи во светот да добијат соодветен надомест, бидејќи знаеме дека тоа на тенисерите им овозможува инвестирање во сопствените кариери и во многу случаи им помага во остварување на успех во текот на целата сезона“, изјави директорот на грен – слем турнирот во Мелбурн, Крег Тилеј.

Настапот во првото коло на тенисерите ќе им донесе награда од 82.000 долари, додека победниците во машка и женска конкуренција ќе инкасираат по 2.1 милиони долари.

Во квалификациите на женскиот турнир ќе настапи и најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа.


Ѓоковиќ: Алкараз ќе доминира во следните десет години

24-кратниот победник на Грен слем собирите и лидер на ранг-листата на Здружението на тениски професионалци (АТП), српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, го искажа  мислењето за вториот рекет на светот, 20-годишниот Шпанец, Карлос Алкараз.

„Тој ќе биде еден од најголемите лидери во тенисот во наредните 10-15 години. Дефинитивно ќе продолжиме да гледаме многу работи од него на големите турнири. Надал не играше во 2023 година, Федерер се пензионираше. Нашата генерација си заминува а тоа што се појавува во Алкараз е одлично“, изјави Ѓоковиќ.


Венус Вилијамс не размислува за пензија

Американската тенисерка Венус Вилијамс, најави дека ќе се врати на теренот во март следната година на ВТА турнирот во Индијан Велс, пренесуваат американските медиуми. Вилијамс се опоравува од повредата на коленото.

Таа се повреди на натпреварот од првото коло на Вимблдон против Елина Свитолина.

„Во текот на летото играв со повреда, речиси никој не го знаеше тоа. Не сакав да го пропуштам УС Опен. Бев елиминиран во првото коло на турнирот во Њујорк, а потоа решив да не играм до крајот на годината, затоа што му дадов шанса на моето колено да заздрави“, изјави Вилијамс.

Американската тенисерка најави дека ќе го пропушти првиот дел од следната сезона, бидејќи планира да се врати на теренот во март. Таа истакна дека очекува настап на турнирот во Индијан Велс кој е закажан од 6 до 17 март следната година.


Халеп најави пензија ако ѝ биде потврден допинг-тестот

Симона Халеп најави дека ќе се повлече од тенисот доколку нејзината жалба не биде прифатена и усвоена.

Романската тенисерка истакна дека најверојатно ќе објави крај на кариерата, доколку судот за спортска арбитража не ја усвои нејзината жалба околу суспензијата која и ја спакуваа.

Да потсетиме, поранешната прва тенисерка во светот е привремено суспендирана, поради наводно тврдења дека е вмешана во допинг консумирање во октомври 2022 година, што значи дека нејзината забрана би траеал до 6 октомври 2026 година, а тоа ќе значи дефинитивен крај за неа.

Тридневното рочиште пред судот за спортска арбитража, по нејзино барање е закажано за почетокот на февруари.

„Четири години е многу за мојата фаза од кариерата, не знам како ќе го поднесам тоа, ако не ми ја усвојат жалбата, веројатно тоа ќе биде крај за мојата кариера“, порача Халеп за Еуроњуз.

Халеп е двократен освојувач на гренд слем турнирите, во 2018 година го освои Ролан Гарос, а година дена подоцна и Вимблдон.


Ѓоковиќ и Алкараз го одиграа натпреварот на годината

Финалето на Мастерсот во Синсинати во кое Новак Ѓоковиќ го совлада Карлос Алкараз со 2-1 (5-7, 7-6, 7-6) по три часа и 49 минути игра е прогласен за најдобриот тениски дуел во 2023 година во избор на Светската тениска федерација (АТП).

Во образложението на изборот АТП наведе дека Ѓоковиќ и Алкараз одиграле „дуел кој долго ќе се памети во светот на тенисот“.

Србинот Ѓоковиќ се извлече од пораз кога Шпанецот Алкараз имаше меч – топка, по што дојде до триумф во најдолгиот дуел во два сета уште од 1990 година.

„Ѓоковиќ го подигна нивото на игра во импресивна демонстрација на физичка издржливост и ментална сила, спасувајќи меч – топка во тајбрејкот во вториот сет пред да го совлада младиот противник и да ја освои својата 39. мастерс титула“, наведе АТП.


Ѓоковиќ заработи убедливо најмногу меѓу тенисерите во 2023 година

Новак Ѓоковиќ е прв според заработувачката само од тениски турнири
за 2023 година. Србинот е убедливо прв на листата, со над 5 милиони
долари повеќе од Карлос Алкарас. Тука не се пресметани парите од
спонзорите.
Новак благодарение на резултатите на тениските терени, годинава
инкасирал 15.936.097 долари. Втор е Алкарас со 10.753.431, а трети е
Данил Медведев со 9.239.679 долари.
Севкупно гледано, Ѓоковиќ во кариерата заработил околу 180
милиони долари само од тенисот, па следната година или во 2025,
може да ја прејде и границата од 200 милиони.


Надал се пријави за настап на турнирот во Бризбејн

Рафаел Надал официјално објави дека се враќа на терените.

Надал ќе се врати на турнирот во Бризбејн кој служи како загревање за Австралија Опен. Освојувачот на 22 грен-слем титули не играл официјален меч откако се откажа од второто коло на Австралија Опен поради проблеми со колкот.

„По една година надвор од терените, време е да се вратам.  Ќе биде во Бризбејн, првата недела во јануари. Се гледаме таму“, зборува помеѓу другото во видеото објавено на социјалните мрежи, шпанскиот тенисер.

Надал претходно изрази желба уште еднаш да настапи на Ролан Гарос и да ја претставува Шпанија на Олимписките игри во Париз.


Надал му се враќа на тенисот по Божиќните празници

Шпанските медиуми објавија дека Рафаел Надал ќе се врати на тениските терени и ќе настапи на Австралијан опен.

Надал пред неколку недели доби дозвола од докторите да почне со тренинзи, а шпанското радио „Кадена Сер“ објави дека тој ќе замине во Австралија по Божиќ на 25 декември.

Постои можност да одигра и уште еден подготвителен турнир, иако за такво нешто засега нема потврда од самиот тенисер. Надал во меѓувреме доживеа голем пад на АТП-листата и во моментов е на 663. место, но секако ќе настапи на Австралијан опен.


Италија по половина век го освои Дејвис Купот

Италијанската тениска репрезентација го освои Дејвис купот, откако вечерва во двата сингл-дуели славеше над Австралија.

Јунак на „аѕурите“ е Јаник Синер, кој победи на сите натпревари на турнирот, а последниот беше достоен за трофеј. Синер денеска го совлада Австралиецот Алекс Де Минор со 2-0, во сетови 6-3, 6-0 и на својата земја и ја донесе втората титула во ова натпреварување по онаа од 1976 година.

Првиот поен за Италија го донесе Матео Арналди кој славеше против Алексеј Попирин.