тенис

Агаси откри зошто се раздели со Ѓоковиќ

Андре Агаси, еден од најдобрите тенисери во историјата и осумкратен освојувач на гренд слем титула, откри во разговор за американските медиуми зошто дојде до прекин на соработката со Новак Ѓоковиќ.
За потсетување, најдобриот тенисер на денешницата и Агаси соработуваа во 2017. година, но таа соработка не траеше долго.
„Имав желба да помогнам. Ја прифатив работата бидејќи верував дека за тенисот е најдобро Новак да биде најдобрата верзија од себеси. Целта беше да помогнам, но треба да се биде искрен кон себе. Кога почувствував дека му стојам на патот и дека го кочам, тогаш најдобрата одлука беше да се повлечам.“ – рече Агаси па заклучи:
„Премногу пати се сложивме дека не се сложуваме. Тоа е во ред. Новак искористи доста од тоа што работевме заедно. Се надевам дека сето тоа му помогна.“


Мареј најавува крај на тениската и почеток на „луда“ спортска кариера

Британскиот тенисер Енди Мареј изјави дека по крајот на кариерата би сакал да стане голф кеди или пак фудбалски тренер.
Мареј се повлече од овонеделниот Мастерс во Мајами поради повреда на препоните. Тој не најави кога целосно ќе се повлече од тенисот, но рече дека би сакал да остане во спортот и по завршувањето на тениската кариера.
Трикратниот освојувач на гренд слем титули изјави дека би сакал да биде кеди – личноста која на голферите ја носи торбата и стаповите, ги советува и им дава поддршка.
„Сакам спорт и сум заинтересиран да останам да работам во некој друг спорт. Многу го сакам голфот и би било возбудливо да бидам кеди на голф турнири. Да бидам блиску до најдобрите голфери и на таков начин да научам нешто за друг спорт, можеби има допирни точки помеѓу тие два спортови од психичка страна, па можеби и би бил од помош на голферите.“ – вели Мареј.


Мајами остана без уште еден великан

Американската тенисерка Серена Вилијамс објави дека нема да настапи на претстојниот турнир во Мајами. Таа е уште една во низата освојувачи на турнирот кои годинава нема да настапат. Одлука годинава да го пропуштат Отвореното првенство на Мајами претходно донесоа и Новак Ѓоковик, Рафаел Надал и Роџер Федерер. „Мајами за мене е посебен турнир, бидејќи тоа е мојот дом. Тажна сум што годинава нема да можам да ги видам фановите, но се радувам на моето враќање што поскоро.“ – вели Вилијамс. Вилијамс е рекордерка со освоени осум титули на Отвореното првенство на Мајами, а последен пат славеше во 2015. година. Последниот меч Серена го одигра во полуфиналето на Австралија Опен, каде беше поразена од Наоми Осака.


Ѓоковиќ поради семејството го откажа настапот во Мајами

Првиот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, се откажа од настап на АТП турнирот од серијата Мастерс 1000 во Мајами, кој започнува идната недела, како би поминал повеќе време со своето семејство. Ѓоковиќ не играше повеќе од месец дена, односно од финалето на Австралија Опен, кој го освои и покрај повредата на мускулот, па го планираше своето враќање на терен токму во Мајами, но сепак се одлучи дека неговото враќање ќе биде на турниот во Монте Карло идниот месец. „Драги пријатели, жал ми е што нема да патувам во Мајами како би се натпреварувал. Одлучив да го искористам ова драгоцено време за останување дома со семејството. Со сите постоечки рестрикции, морам да пронајдам рамнотежа помеѓу заминувањето на турнири и останувањето дома.“ – напиша Ѓоковиќ на Твитер. Претходно, својот настап на турнирот во Мајами го откажаа Рафаел Надал и Роџер Федерер.


Надал се согласи да игра на отворањето на новиот „Сантијаго Бернабеу“

20-кратниот освојувач на Грен Слем турнирите, Шпанецот Рафаел Надал ја прифати понудата од претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез да игра на егзибициски тениски натпревар на отворањето на реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“.
Долгогодишниот навивач на Реал Мадрид треба да игра против Роџер Федерер, но доколку Швајцарецот не се согласи, организаторите ќе се обидат да го поканат Новак Ѓоковиќ.
Реновирањето се очекува да заврши следната година. Стадионот со капацитет од 81.000 гледачи може да стане најголемиот објект на кој се одиграл еден тениски меч во историјата.


Надал се откажа од уште еден важен турнир

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал потврди дека се откажа од настап на Мастерс турнирот во Мајами, кој ќе се игра на крајот од овој месец, како би се подготвил што подобро за претстојниот дел од сезоната на земја, која стартува за помалку од месец дена.
Оваа информација со жалење ја потврди третиот тенисер на светот.
„Со тага објавувам дека сезонава нема да учествувам на турнирот во Мајами, град кој го сакам. Морам целосно да се опоравам за сезоната на земја во Европа. Посебна порака им испраќам на моите фанови во САД, посебно на оние во шпанското говорно подрачје на Флорида кои ми даваат голема поддршка.“ – напиша Надал.
За потсетување, Надал неделава го препушти второто место на АТП листата на една деценија помладиот Даниил Медведев, а првиот турнир на земја ќе го има на 11. април кога стартува Монте Карло.
Надал никогаш не славел на турнирот во Мајами, а последното финале го одигра во 2017. година, кога беше поразен од Федерер.


Тенисер на сред натпревар се закануваше со убиство!

Тенисерот од Босна и Херцеговина, Дамир Џумхур беше дисквалификуван од турнирот во Акапулко по скандалозното однесување на натпреварот против Холанѓанецот Ботик ван Сандсхулп.
Се се случи во момент кога Ван Сандсхулп зеде брејк, што го револтираше Џумхур кој започна да удира со топчиња кон противникот, да го навредува судијата и да се заканува со убиство.
Повод за ваквото однесување беше дискутабилната одлука која претходеше на брејкот, бидејќи линискиот судија сигнализираше поен, нешто со што Џумхур не се согласи.
Интересно е дека 125. тенисер на светот сам го напушти теренот по овој инцидент, а кратко потоа се огласија и организаторите на турнирот во Акапулко потврдувајќи ја дисквалификацијата на Џумхур поради лошото однесување.
За потсетување, овој тенисер своевремено беше на 23. место на АТП листата.


Медведев испиша историја на АТП листата!

Ако почетокот на минатата недела на АТП листата го одбележа рекордот на Новак Ѓоковиќ по бројот на недели поминати на првата позиција, третата недела од март ќе помине во знакот на Даниил Медведев, кој по турнирот во Марсеј се проби на второто место. Избивањето на 25-годишниот руски тенисер на втората позиција одекна во светот на тенисот, бидејќи Медведев е првиот играч по 15-годишната доминација на големата четворка кој успеал да го оствари ова достигнување. Претходните деценија и половина тоа беа само Ѓоковиќ, Надал, Федерер и Мареј. Медведев по триумфот во Марсеј му побегна на второпласираниот Надал 270 бодови, а Ѓоковиќ ја започна 312 недела на чело на АТП листата. Откако Медведев го помина на листата, на Надал му се заканува и Доминик Тим, кој се доближи на само 45 бода. Меѓу првите 10 остана и Циципас, Федерер, Зверев, Рубљев, Шварцман и Беретини.


Федерер се врати, па најави повторно повлекување!

Роџер Федерер, еден од најдобрите тенисери на сите времиња, но сега по година дена пауза и поради повреда и операција на коленото дури шести играч на светот, ги изненади сите со својата објава по поразот во четвртфиналето во Доха. По поразот од 42. играч од АТП листата, Николоз Басилашвили, иако имаше меч топка, Федерер објави дека повторно се повлекува. „Беше одлично да се вратам на терен, уживав во секоја минута помината во Доха. Голема благодарност до мојата екипа која ми помогна да дојдам до овде. Сепак, одлучив дека би било подобро да се вратам на тренинзите и затоа нема да играм во Дубаи наредната недела. Поразот во Доха веќе го преболив, можеби никогаш полесно. Започнав од нула и среќен сум што успеав да одиграм два натпревари во три сега со одлични играчи. Тоа беше доста важен чекор за мене. Се уште не сум на 100 отсто, тоа можам да го видам и почувствувам. Целта ми е да бидам на максимум до почетокот на сезоната на трева, тогаш за мене започнува сезоната. Можеби ќе бидам подобар пред турнирите на трева, но тоа би бил само бонус.“ – вели Федерер. 40-годишниот Федерер е освојувач на 20 гренд слем титули, што е рекорд кој го дели со Рафа Надал. Меѓутоа, опасно им се приближува седум години помладиот Новак Ѓоковиќ, кој со триумфот на Австралија Опен дојде до 18 гренд слем титули, а неодамна го сруши рекордот на Надал по бројот на недели поминати на првото место на АТП листата. Новак е таму веќе 311 недели.


По 405 дена, Федерер се врати на тенисот!

Роџер Федерер повторно игра тенис. Во својот прв натпревар по минатогодишниот Австралија Опен, односно 405 дена пауза поради две операции на десното колено, на АТП турнирот во Доха го победи Даниел Еванс со 7:6, 3:6 и 7:5. Долгата пауза остави и мала трага на освојувачот на 20 гренд слем турнири, кој беше и малку збунет со некои новости на своето враќање на терен. Така, мораше да го прашува главниот судија Мохамед Лајани колкава е максималната пауза измеѓу два поени, а не беше сигурен ниту дали мора тој да се погрижи за неговата крпа, или тоа ќе го направи некој од собирачите на топчиња. Федерер, кој немаше настап од поразот против Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на Австралија Опен минатата година, го освојуваше турнирот во Доха во 2005, 2006 и 2011. година.