Клупскиот фудбал се враќа: Дерби-пресметки низ Европа и спектакли во Лигата на шампионите

Вирџил Ван Дајк и Ерлинг Халанд се поздравуваат

По завршувањето на репрезентативната пауза, вниманието повторно се насочува кон клупскиот фудбал. Европските првенства продолжуваат со натпреварите, а љубителите на фудбалот ги очекува викенд исполнет со интересни дуели, големи ривалства и пресметки кои веројатно значително ќе влијаат врз распоредот на табелите.

Англија во центарот на вниманието: Јунајтед против Тотенхем, Арсенал го пречекува Лидс

Главната европска програма започнува во петок, 9 октомври, со натпреварот меѓу Ленс и Лион во француската Лига 1. Гостите влегуваат во дуелот како второпласирана екипа во првенството, додека Ленс ќе се обиде да ја прекине серијата од четири натпревари без победа.

Саботната програма, пак, носи неколку интересни пресметки во најсилните европски лиги. Во Премиер лигата, Арсенал го пречекува Лидс, додека еден од најочекуваните натпревари е дуелот меѓу Манчестер јунајтед и Тотенхем на „Олд Трафорд“. Двата клуба ќе бараат позитивен резултат по репрезентативната пауза, а меѓусебните натпревари традиционално носат голема неизвесност.

Во Шпанија, Барселона ќе се соочи со Хетафе, а Реал Мадрид го пречекува Виљареал (кој е во одлична форма) во натпревар кој би можел да биде сериозен тест за мадридскиот состав. Во Германија, Баерн Минхен гостува кај Аугсбург, додека во италијанската Серија А, фаворитот за титулата Интер игра против Парма, а Наполи го пречекува Фрозиноне.

Недела резервирана за големото дерби: Ливерпул против Манчестер сити

Главниот натпревар на викендот ќе се одигра во недела, 11 октомври, кога Ливерпул го пречекува Манчестер сити на „Енфилд“. Но, овојпат ривалството добива сосема нова димензија. По одлуката со која Манчестер сити беше прогласен за виновен за сериозни прекршувања на финансиските правила на Премиер лигата, атмосферата на „Енфилд“ се очекува да биде особено вжештена. Токму Ливерпул е еден од клубовите кои во изминатата деценија водеа најжестоки битки со Сити за шампионската титула, поради што меѓу неговите навивачи постои чувство дека биле неправедно лишени од дел од успесите. Иако Манчестер сити ја обжали одлуката и продолжува да ги отфрла обвинувањата, неделната пресметка ветува многу повеќе од обична борба за три бода.

Неделната програма носи и исклучително интересна пресметка во италијанската Серија А, каде што лидерот Рома му гостува на амбициозниот Комо. Иако не се главни фаворити за Скудетото, двете екипи се наметнуваат како потенцијални изненадувања во трката за титулата. Рома моментално го држи првото место, но Комо заостанува само три бода и има можност дополнително да ја разгорe борбата на врвот. Ннивниот дуел има посебна тежина и може да покаже колку се реални шампионските амбиции на двата тима. Во останатите натпревари, Милан се соочува со Сасуоло, додека Јувентус гостува кај Каљари, во пресрет на густ распоред со девет натпревари во следните 29 дена.

Лигата на шампионите го продолжува спектаклот

По возбудувањата во доместичните првенства, фудбалската недела продолжува со второто коло од лигашката фаза на Лигата на шампионите, закажано за 13 и 14 октомври.

Вторник носи неколку атрактивни пресметки. Атлетико Мадрид го пречекува Манчестер јунајтед, додека Барселона гостува кај Галатасарај, каде што ја очекува предизвикувачка атмосфера во Истанбул. Арсенал ќе игра против Лил, Интер против Клуб Бриж, а Баерн Минхен ќе му гостува на Викинг. Интересен ќе биде и натпреварот меѓу Виљареал и Наполи.

Среда, пак, носи две пресметки кои особено се издвојуваат. Манчестер сити го пречекува актуелниот европски првак Пари Сен Жермен, во натпревар кој ветува квалитетен и офанзивен фудбал. Истата вечер, Реал Мадрид ќе гостува кај Рома, додека Ливерпул ќе се соочи со ЛАСК, а Борусија Дортмунд со Бодо/Глимт.

Со големото дерби на „Енфилд“, неколкуте важни натпревари во доместичните првенства и европските пресметки што следуваат, враќањето на клупскиот фудбал носи богата програма. За љубителите на фудбалот, следните неколку дена ќе понудат повеќе од доволно причини да го насочат вниманието кон ТВ-екраните!