Родриго Коралес по крајот на следната сезона ќе се раздели со Веспрем и ќе се врати во ПСЖ.
Шпанскиот репрезентативен голман од сезоната 2026/27 се обврза на двегодишна верност со ПСЖ.
Францускиот тим е токму неговиот поранешен клуб каде што бранеше од 2017 до 2020 пред да се пресели во Веспрем.
Во редовите на унгарскиот тим Коралес ги мина последните четири и ќе го заокружи престојот со последната, петта сезона.
Баерн Минхен создава ракометна секција
Минхен ќе стане нов центар на ракометот во Германија и тоа преку потенцијалното учество на еден од најголемите спортски брендови – фудбалскиот клуб Баерн Минхен.
Во пресрет на Суперкупот на Германија кој ќе се одржи на 23 август во Минхен, спортскиот директор на шампионот Фуксе Берлин, Стефан Кречмар, изјави дека ракометот би имал голема корист доколку Баерн одлучи да инвестира во овој спорт.
„Ако некој во Баерн развие страст кон ракометот, тоа би било огромна добивка за нашиот спорт. Не е дека никогаш не сме се обиделе да ја отвориме оваа тема. Тоа е клуб што знае како да започне ваков проект“, изјави Кречмар.
Пролет доведе четири засилувања пред новата сезона
Ракометниот суперлигаш Тинекс Пролет ги стартуваше подготовките за новата сезона. Под водство на тренерот Никола Матлиески подготовките ќе се одржуваат во Скопје, а играчите ќе има по два тренинзи дневно.
Во клубот четири играчи ќе бидат нови во претстојната сезона, а тоа се: Марко Мишевски (поранешен репрезентативец на Македонија) кој во мак-ракометот се враќа од Франција, Марко Трајковски во клубот има настапувано како младинец, голманот Бојан Солев и повратникот во тимот Кристијан Давитковски.
Клубот го напуштија: Стефан Атанасовски и Андреј Петковски.
Екипата ќе одигра и неколку контролни дуели, првиот е на 16.август против прволигашот Мулти Есенс, а потоа ќе следи и настапот на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп.
Желба на сите во клубот е да се стигне до место во Топ 6 и потоа да се разигрува за највисок пласман со најдобрите екипи во македонскиот ракомет.
Ројевиќ: Нашата амбиција е Охрид да ги победи најдобрите екипи во Македонија
ГРК Охрид новата сезона ја дочекува со неколку нови имиња и нов тренер Борис Ројевиќ. Охриѓани со поголеми амбиции ќе „влезат“ и во Европскиот куп на ЕХФ и во домашните натпреварувања.
Задоволен сум од ангажманот на играчите и тоа како работат. Ние сме нова екипа и ќе ни треба време да се воиграме. Најважно е сега што сите го даваат максимумот, а очекувам така да биде и кога ќе „дојдат“ натпреварите. Нова екипа сме, но амбициите ни се победи против најдобрите екипи во Македонија, изјави тренерот Ројевиќ.
ГРК Охрид базичните подготовки ги реализира во Охрид, а ќе учествува на „Струшкиот турнир“ од 13-16.август и потоа се домаќини на турнирот „Крсте Андоновски“. Во првото коло од домашното првенство ГРК Охрид игра против Алкалоид на почетокот на септември.
Пелистерци на десеттодневни подготовки во Златибор
Ракометарите на македонскиот првак Еурофарм Пелистер подготовките ги продолжија во својата нова база во спортскиот центар Златибор.
Во комплетен состав под водство на новиот тренер Рубен Гарабаја, битолчани напорно тренираат и со нетрпените ги чекаат првите натпревари.
Во составот има неколку нови играчи, но сите ги чекаат првите натпревари.
По една недела во Битола, стигнавме на Златибор. Цел ни е подобро да се подготвиме, затоа што нè чекаат многу нови предизвици, нови натпревари. Верувам дека ќе го освоиме домашниот шампионат и Куп и што е можно подобро да одиграме во Лигата на шампионите. Едвај чекам да играм пред нашите навивачи, пред луѓето кои секогаш нè поддржуваат, пред „чкембарите“ изјави словенечкиот репрезентативец Ник Хенигман
По висинските подготовки ракометарите на македонскиот првак ќе одиграат и неколку контролни дуели, пред почетокот на новата сезона и натпреварот од Супер купот против Вардар.
Веспрем се раздели со легендата Штербик
Раководството на унгарскиот гигант веспрем реши да го раскине договорот со тренерот на голманите, легендарниот Арпад Штербик, кој заминува пред почетокот на сезоната 2025/26.
Веспрем ја објаснува оваа одлука со нови чекори кон развивање на овој сектор, со поинаков пристап и во нова насока. Засега, задачите поврзани со тренерските позиции на голманите ќе бидат решавани од постоечкиот тренерски кадар.
Поранешниот голман на Вардар работеше како тренер за тимот пет сезони, во кои славеше три титули во унгарското првенство, четири победи во Купот и една титула во Светското клупско првенство.
Од клубот му се заблагодарија на славниот голман за сè што направи најпрво како играч, а потоа и како тренер во клубот, посакувајќи му многу среќа во натамошните предизвици.
ЖРК Чаир потпиша со ракометарка од Парагвај
Македонскиот ракометен суперлигаш ЖРК Чаир постигна договор со Сабрина Фиоре од Парагвај, прва ракометарка од оваа земја која заиграла кај нас.
Се работи за 29-годишна ракометарка која своите почетоци ги имаше во клубот Сан Хозе од Парагвај, потоа настапуваше за бразилските екипи Кариацикенсе и ААУ, а кариерата ја продолжи во Ла Калзада и Балонмано Т-Маравиља.
Ракометарката која е пивот има остварено настапи и за репрезентацијата на Парагвај, на Светското првенство 2017 каде беше меѓу најдобрите десет стрелци, потоа на Панамериканските игри истата година каде заврши како најдобар стрелец, како и на СП 2021 во Шпанија.
Галевски: Aмбициите на Алкалоид сезонава се највисоки
Меѓу стативите на голот на Алкалоид е македонскиот репрезентативец Иван Галевски. Подготовките со клубот во Маврово течат во полн ритам, а очекувањата од сезоната и на личен и на тимски план секогаш се највисоки, согласно со амбициите на клубот.
„Повторно сме заедно, работиме напорно и сега ни следи еден подготвителен период, преку кој се подготвуваме на технички и тактички план. Знаеме дека овие тренинзи и активности малку се потешки од вообичаеното, но мора да работиме и да ги следиме задачите на тренерот за да дојдеме до посакуваното.
Работиме на сите сегменти на играта, се подготвуваме и кондициски, но мора овој ритам да го издржиме, затоа што сакаме да ја доживееме таа кулминација и да бидеме во посакуваната висока форма на крајот на месец август кога ни следи тежок старт на сезоната.
На почетокот имаме квалификации во Европската лига на ЕХФ каде ќе играме, а потоа ни следи и распоред со тешки домашни дуели во Суперлигата. Нема да биде воопшто лесно, но ние ја темпираме формата, добро ни течат подготовките, имаме добра тимска хемија. Нашите амбиции се јасни, оваа екипа е составена да победува, па така ќе одиме на победа на секој натпревар во сезоната и да го прикажеме најдоброто од нас“, изјави Галевски.
Маркоски: Ова е важен дел за да се издржат другите фази од подготовките
Еден од најискусните ракометари во екипата на Алкалоид е Никола Маркоски. Познат по својата игра пред се во одбраната. Каде и да настапувал бил носител на играта.
„Веќе неколку години сме заедно во клубот и ги знаеме принципите по кои се работи и по кои се реализираат подготовките. Сезонава не повторивме грешки од минатото и сите ракометари ја одржуваа формата и за време на одморот, па на подготовките дојдовме спремни за процесот што ни следи. Овој дел е многу важен за подоцна да можат да се издржат и одработат другите фази, вклучително и натпреварите што ќе ни следат. По Маврово, ќе почнеме со следната етапа, а во неа се предвидени и контролни натпревари. Екипата добро ги поднесува подготовките, амбиентот е одличен и верувам спремни ќе бидеме за предизвиците што не чекаат, првенствено во септември. Тогаш ќе играме пет важни натпревари што ќе ја обликуваат целата сезона“, изјави Маркоски.
Екипата на Алкалоид ја одработува втората фаза од подготовките и десетина дена ќе се наоѓа во Маврово, каде покрај физичката подготовка ќе се работи и на тактика.
Загреб го официјализира Игор Карачиќ
Откако стана легенда во Киелце, тој одлучи да се врати во хрватскиот ракомет по 15-годишна кариера во странство и за прв пат да игра за ППД Загреб.
Играше во Киелце шест години, и иако имаше други европски понуди и профитабилни договори од Азија на маса, тој ќе биде новиот централен бек на хрватскиот „вечен“ шампион.
Таму ќе игра со српските крилни играчи Матеј Додиќ и Алекс Туфегџиќ, а на позицијата централен бек негови ривали ќе бидат Ихар Бељавски, Алекс Кавчиќ и локалните играчи Давор Гавриќ и Ивано Павловиќ.
Откако се збогува со дресот на репрезентацијата по освојувањето на среброто на Светското првенство, сега е време полека да ја затвори својата клупска кариера.