останато

Кинеското Гран при нема да добие замена во календарот

Формула 1 пред некој ден го објави календарот на сите трки за 2023
година и потврди дека кинеското Гран-при нема да се одржи ниту
оваа година и дека нема да биде заменето со друга трка.
„Формула 1 може да потврди дека во календарот за 2023 година ќе
има 23 трки. Сите датуми остануваат непроменети“, објави Формула 1
на официјалната веб-страница.
Големата награда на Кина не е дел од календарот од 2019 година, кога
беше отстранета поради епидемијата на ковид-19. Првичните
информации говореа дека има шанси трката сепак да се одржи
годинава, но организаторите во Кина најавија дека имаат логистички
проблеми.


Путељас и Дуплантис се најдобри спортисти во Европа

Фудбалерката од Шпанија, Алексија Путељас, и шведскиот скокач со стап, Арманд Дуплантис, се избрани за најдобри европски спортисти за 2022 година, според европското одделение на Меѓународното здружение на спортски новинари.

Путељас во изборот се пласира пред италијанската скијачка, Федерика Брињоне, и англиската фудбалерка, Бет Мид. 

23-годишниот Швеѓанец Дуплантис, наградата за најдобар спортист ја доби за прв пат во својата кариера, а најголеми конкуренти во изборот му беа напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема кој го освои второто место, а трет беше играч на ПСЖ, Килијан Мбапе.


Блум откри зошто не дошло до договор со Ред Бул

Извршниот директор на Порше и претседател на одборот на директори на Фолксваген, Оливер Блум, конечно одлучи да ја открие другата страна од неуспешните преговори со Ред Бул.

Порше започна преговори со Ред Бул за купување на половина од тимот и снабдување со мотори. Сепак договорот пропадна токму кога сите очекуваа успешен крај.

„Постигнавме договор и буквално се ракувавме но, во последен момент не успеавме да ја завршиме зделката. Сакавме да бидеме рамноправен партнер“, вели Блум.


Георгиевски обезбеди медал на Гран-при финалето од Светскиот Куп

Дејан Георгиевски ја забележа и втората победа во категоријата + 80 кг. По стартниот триумф над Шпанецот Иван Гарсија Мартинез, овојпат во четвртфиналето нашиот натпреварувач славеше и против првиот носител Икаро Мигел Мартин Соарес од Бразил.

На најелитниот и најважниот турнир во теквондото, по Светското првенство, Георгиевски во две рунди со 2-0 (9-5, 6-0) го елиминираше Соарес.

Со овие две победи Македонецот има сигурна бронза, а сега ќе атакува за влез во финалето и борба за златниот медал.

Георгиевски испишува нова историја во Ријад, триумфираше против вториот и третиот таеквондист на светската ранг листа и чекори кон нови бодови кои ќе му обезбедат олимписка норма.


Даниел Рикардо се врати во Ред Бул

Австралијанецот Даниел Рикардо во наредната сезона на Формула 1 шампионатот ќе биде трет возач во екипата на Ред Бул.

33-годишниот Рикардо оваа сезона возеше за Мекларен, а сезоната ја заврши на 11.место во генералниот пласман со освоени 37 бода. Рикардо во минатото веќе возеше за Ред Бул од 2014 до 2018 година.

Наредната сезона за екипата на Ред Бул повторно ќе вози тандемот Макс Верстапен и Серхио Перез.


Хамилтон: Ќе се вратиме во трката за титулата сезонава

Седумкратниот светски шампион во Формула 1, Луис Хамилтон изјави дека се надева дека оваа тешка сезона ќе му даде сила на неговиот тим Мерцедес да тргне во предизвик за нови титули веќе следната сезона. Со трката во Абу Даби заврши сезоната во Формула 1, а годинава подиумот беше наменет за возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, кој ја освои втората последователна титула, а неговиот тим беше најдобар и во конкуренција на конструктори.

За првпат во својата 16-годишна кариера, Хамилтон не успеа да забележи победа во една сезона во Формула 1. Сезоната ја заврши на шестото место, а Мерцедес финишираше како трет кај конструкторите.

„Во следните неколку недели, ќе се вратиме во фабриката за да почнеме со напорна работа. Се надевам дека борбите низ кои поминавме оваа година ќе ни даде сила за да се бориме за уште многу титули“, изјави Хамилтон.

„Мислам дека оваа сезона беше повеќе тест за тимска работа и јас сум многу, многу горд и благодарен на сите што продолжија да работат со мене“, додаде Хамилтон, кој го држи рекордот за најмногу победи во Формула 1 со 103.


Оливера Наковска Бикова е нов светски првак во стрелаштво

Македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова, предводена од нејзиниот тренер Бранимир Јовановски и асистентот Драган Дојчиноски, го освои златниот медал на Светското првенство во стрелаштво во Ал Аин. Наковска Бикова беше најдобра и ја освои титулата светски шампион во дисциплината П4-Пиштол слободен избор.

Во квалификациите Оливера испука одличен резултат од 538 (најдобар во нејзината кариера) со што го освои второто место и си обезбеди пласман во финалето.

Во самото финале, Оливера по првите пет истрели се најде на второто место на табелата, а веќе по завршување на втората серија од пет истрели ја презеде лидерската позиција и успеа да оди до крај, до последниот куршум, иако финалето беше драматично и мошне квалитетно.


Фетел не ја исклучува можноста за враќање во Формула 1

Четирикратниот шампион во Формула 1, Германецот Себастијан Фетел, во изјава за германските медиуми вели дека не ја исклучува можноста да се врати на настапите во Ф1, откако претходно најави дека ова е негова последна сезона во кариерата.

Фетел својата последна трка ќе ја има во Абу Даби, а како главна причина за повлекувањето од Ф1 ја наведува желбата за поминување повеќе време со семејството и можноста да започне некои нови проекти.

„Во моментот мојата одлука е да престанам со тркањето во Формула 1, но можеби за година или две ќе имам поинакви размислувања и не можам да исклучам враќање на трките во иднина“, изјави Фетел.


Расел од Мерцедес ја оствари својата прва победа во Формула 1

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, е победник на Формула 1 трката за Големата награда на Бразил, со што ја забележа својата прва победа во шампионатот.

Расел после спринт трката, победи и во главната трка на патеката Интерлагос, а второто место му припадна на неговиот тимски колега Луис Хамилтон. Како трет на целта пристигна Карлос Саинц од Ферари.

Последната трка во сезоната се вози наредната недела во Абу Даби.


ФИС го измени календарот за Светскиот Куп во крос-кантри

Високите трошоци за енергија ги натераа италијанските организатори да ги преместат трките од Светскиот куп во крос-кантри скијање од центарот на Милано во планинското одморалиште Ливињо, соопшти ФИС.

Италијанската федерација за крос-кантри скијање соопшти дека организирањето на спринтерските трки на 21 и 22 јануари ќе бара премногу енергија за производство и складирање на вештачки снег со оглед на очекуваните високи температури.

ФИС изврши увид на патеката во Ливињо и ја одобри програмата која ќе се одржи на 21 јануари.