останато

Одермат веќе обезбеди мал кристален глобус

Марк Одермат, 27-годишениот швајцарски скијач, го обезбеди првиот Мал кристален глобус оваа сезона во Светскиот куп. Математички стана најдобар во супер-џи.

Во Квитфјел, Норвешка, за време на тренинзите во спуст, неговиот единствен ривал, италијанскиот скијач Матија Касе, доживеа сериозен пад со што ја заврши сезоната.

Откако бил пренесен во болница, му била констатирана фрактура на лактот, поради што Италијанецот веднаш бил опериран.

Остануваат уште две трки во супер-џи до крајот на сезоната, а само Касе може да го стигне Одермат, кој има 181 бод повеќе во поредокот.

Одермат беше најдобар во супер-џи во претходните две сезони. Освен тоа, Швајцарецот има еден глобус во спуст, три во велеслалом и три пати го има освоено Големиот кристален глобус за најдобар во Светскиот куп, во 2022, 2023 и 2024 година.

Марк е на чекор до нова победа во Светскиот куп бидејќи моментално води со 1306 бодови, додека на второто место е Норвежанецот Хенрик Кристоферсен со 946 бодови.


Ставре Јада обезбеди квота за ЗОИ Милано 2026

Македонскиот нордиец Ставре Јада, како наш претставник на Светското првенство во Трондхејм, Норвешка, успеа да обезбеди квота за учество на Зимските Олимписки Игри 2026 во Милано.

Во исклучително силна конкуренција на светската елита, Јада ги извозе квалификациските трки со огромна борбеност и желба за успех. На 27 февруари, на квалификациската трка, го зазеде 126-то место од 182 натпреварувачи, додека на 10 км класичен стил се пласираше на 107-то место. Вчера, во тимскиот спринт на 1.3 км, забележа одличен настап и се најде на 41-то место.

„Овој резултат е доказ за упорноста, трудот и посветеноста на македонските скијачи, кои и покрај сите предизвици, чекорат храбро напред кон светската сцена. Јада не само што стекна уште едно непроценливо искуство на најголемата сцена во нордиското скијање, туку и го постави темелот за македонскиот настап на Олимписките игри во Милано 2026! Со македонскиот борбен дух и несебична посветеност, продолжуваме да ја пишуваме историјата на нашето скијање!“, порачаа од Скијачката федерација на Македонија.


Карлсен ги продаде фармерките поради кои беше дисквалификуван

Поранешниот светски шампион во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, на „eBay“, ги продаде своите фармерки поради кои му беше забрането да се натпреварува на Светското првенство во брз шах во декември за 36.100 долари.

Карлсен приходот го донира во добротворната организација „Големите браќа, големи сестри“, која поддржува деца и млади луѓе.

На првиот ден од шампионатот во Њујорк, Карлсен се појави во салата за играње облечен во фармерки, што се сметаше за несоодветна облека за учесниците на турнирот.

Затоа платил казна од 200 долари, но добил и ултиматум од организаторите дека мора да ја смени гардеробата. Сепак, Карлсен го одби ова барање и затоа беше дисквалификуван.


Познати номинациите за Лауреус

Објавени се номинациите за наградата Лауреус, која традиционално се доделува на најдобрите светски спортисти од претходната година.

Во потесниот круг се најдоа Тадеј Погачар, словенечки велосипедист, Карлос Алкараз, шпански тенисер, Арман Дуплантис, шведски атлетичар, Леон Маршанд, француски пливач и Макс Ферстапен, холандски Формула 1 возач.

Кандидати за престижната награда кај дамите се: гимнастичарката Симон Бајлс, фудбалерката Ајтана Бонмати, тенисерката Арина Сабаленка и атлетичарките Сифан Хасан, Фејт Кипјегон и Сиднеј Меклафлин.

Лауреус, поради допинг скандалот, минатата недела ја повлече номинацијата на италијанскиот тенисер Јаник Синер.


Бузалковски се пријави за настап на „24 часа Ле Ман“

Македонскиот моторциклист Христијан Бузалковски оваа сезона доби прилика да настапи на најтешката трка од Светскиот шампионат по издржливост World Endurance Championship.

Историски момент за Македонија бидејќи Бузалковски е првиот Македонец кој доби понуда на ваква трка од светски размер.

„Навистина е огромна чест кога знаете дека сте во тим кој ќе настапува на светски шампионат. На Легендарната трка 24 часа Ле Ман да го видиме Македонското знаме е навистина чест, но и голема одговорност. Мојата цел ќе биде да се прилагодам на моторот со кој што ќе возам, и секако да се квалификувам на најтешката трка на светот. 24 часа без престан. Подготовките веќе се во тек, и се надевам дека се ќе биде како што треба, со Господ напред“, вели Христијан Бузалковски.


Георгиевски и Рељиќ освоија бронзи на „Бугарија опен“ од Г1 серија

epa09370917 Silver medallist Dejan Georgievski of North Macedonia poses on the podium after the Men’s +80kg Gold and Bronze Medal Contests during the Taekwondo events of the Tokyo 2020 Olympic Games at the Makuhari Messe convention centre in Chiba, Japan, 27 July 2021. EPA-EFE/RITCHIE B. TONGO

Најдобрите македонски таеквондисти, Дејан Георгиевски и Мила Рељиќ освоија бронзени медали на Меѓународниот таеквондо турнир „Бугарија опен“ во Софија кој е дел од Г1 серијата.

Георгиевски во полуфиналето загуби од Русинот Владислав Ларин со кого се бореше во финалето на Олимпските игри во Токио и повторно беше поразен.

Нашата Мила Рељиќ во полуфиналето загуби од Анастасија Банова и не успеа да се најде во борбата за злато.

И Мила и Дејан ги користат настапите на овие Г1 турнири за да се соберат што повеќе бодови за пласман на следните ЛОИ во Лос Анџелес 2028 година.


Втора победа во два дена за Кристоферсон во Крањска Гора

Ден откако победи во велеслаломот, норвешкиот скијач Хенрик Кристоферсен денеска триумфираше и на слаломската трка во Крањска Гора.

По првата трка Кристоферсен беше шестопласиран, но на крајот победи со 17 стотинки предност пред неговиот сонародник Тим Хауган. Третото место го освои Австриецот Мануел Фелер со заостанување од 23 стотинки, а без пласман на подиумот остана најдобриот од првото возење, Швајцарецот Лоик Мејард, кој на крајот заврши четврти (+0,24).

За Кристоферсен ова е 33 победа во Светскиот куп во алпско скијање, а 25 во слалом.

Во поредокот за слалом, Кристоферсен сега е лидер со 567 поени пред Клемент Ноел (490) и Лоик Мејард (465).


Шест медали за македонските каратисти на стартот на Балканското првенство

Македонските каратисти успешно стартуваа на Балканското сениорско првенство кое се одржува во црногорскиот град Будва, освојувајќи шест медали првиот натпреварувачки ден.

Со златен медал се закити Јована Мицовска, додека Викторија Јовановска освои сребро.

Бронзен медал освоија Михаела Мишовска, Сара Дука, Магдалена Божиновска и Ангела Мојсовска.

Денеска на програмата се борби во машка и кати во женска конкуренција.На сениорското Балканско првенство во Будва учествуваат 12 држави со вкупно 350 натпреварувачи.


Маркез победи на спринт трката во Тајланд

Возачот на Дукати, Марк Маркез победи на спринт трка во Мото ГП шампионатот за Големата награда на Тајланд.

Шпанецот победи на патеката Бурирам со време од 19:35.005 минути. Второто место му припадна на неговиот брат Алекс Маркез, кој вози за тимот на БК8 Гресини. Заостануваше 1.185 секунди зад Марк.

Возачот на Дукати, Италијанецот Франческо Бањаја беше трет, со 3,423 секунди заостанување зад победникот.

Марк Маркез е прв во генералниот пласман кај возачите со 12 бода.


Нов светски рекорд, Дуплантис прескокна 6.27 во Франција

Неверојатниот шведски атлетичар Арман Дуплантис повторно го собори светскиот рекорд во скок со стап, откако на митингот во Клермон-Феран, Франција, прескокна шест метри и 27 сантиметри.

Минатата година Дуплантис трипати го собори светскиот рекорд, а со истото темпо продолжува и во новата година.

По фантастичниот скок и новиот светски рекорд, Дуплантис втрча во прегратките на сопругата, додека обожавателите во салата го славеа неговиот подвиг.

За потсетување, Дуплантис е двократен олимписки и светски шампион и трикратен европски шампион.

Инаку, секогаш кога ќе се собори некој светски рекорд, па дури и неговиот, тој добива награда од 100.000 долари.