останато

Маркез победи на спринт трката во Тајланд

Возачот на Дукати, Марк Маркез победи на спринт трка во Мото ГП шампионатот за Големата награда на Тајланд.

Шпанецот победи на патеката Бурирам со време од 19:35.005 минути. Второто место му припадна на неговиот брат Алекс Маркез, кој вози за тимот на БК8 Гресини. Заостануваше 1.185 секунди зад Марк.

Возачот на Дукати, Италијанецот Франческо Бањаја беше трет, со 3,423 секунди заостанување зад победникот.

Марк Маркез е прв во генералниот пласман кај возачите со 12 бода.


Нов светски рекорд, Дуплантис прескокна 6.27 во Франција

Неверојатниот шведски атлетичар Арман Дуплантис повторно го собори светскиот рекорд во скок со стап, откако на митингот во Клермон-Феран, Франција, прескокна шест метри и 27 сантиметри.

Минатата година Дуплантис трипати го собори светскиот рекорд, а со истото темпо продолжува и во новата година.

По фантастичниот скок и новиот светски рекорд, Дуплантис втрча во прегратките на сопругата, додека обожавателите во салата го славеа неговиот подвиг.

За потсетување, Дуплантис е двократен олимписки и светски шампион и трикратен европски шампион.

Инаку, секогаш кога ќе се собори некој светски рекорд, па дури и неговиот, тој добива награда од 100.000 долари.


Хитер победи на спустот во Квифтјел

Aвстриската скијачка Корнелија Хитер славеше на спустот во норвешкиот Квифтјел и така стигна до својот четврти триумф во оваа дисциплина.

За Хитер ова беше нејзин деветти триумф во Светскиот Куп и до него стигна со време од 1:31:46.

На второто место заврши Ема Ајхмер од Германија со заостанување од 15 стотики, Американката Бриси Џонсон го комплетираше подиумот завршувајќи со време од 1:31:86.


Дуплантис ја подигна летвичката на 6.30 метри

Шведската суперѕвезда во скок со стап, Арманд Дуплантис, верува дека е способен да ја надмине границата од 6,30 метри оваа сезона.

„Би било фантастично да прескокнам 6.30. Тоа е мојата цел и мислам дека сум способен да ја постигнам“, изјави Дуплантис.

Светскиот рекордер во скок со стап вечерва го очекува настап на 10 Ол Стар издание во француски Клермон – Феран.

„Убаво е да се вратиш во Франција по олимпиското злато, животот малку се промени по Игрите. Но, моите цели и ривали се исти. Ќе се обидам да дадам се од себе, да скокам се повисоко и погоре“, изјави Дуплантис.


Почина легендарниот шахисти Борис Спаски

Рускиот шаховски велемејстор и поранешен светски шампион Борис Спаски почина на 89-годишна возраст, соопштија денеска Руската шаховска федерација и Меѓународната шаховска федеерација.

Спаски беше светски шампион од 1969 до 1972 година, а три пати се натпреваруваше за светската титула (1966, 1969, 1972 година).

Неговиот меч со Роберт (Боби) Фишер во 1972 година, прогласен за „меч на векот“, остана запаметен во шаховската историја. Спаски имаше право да го напушти дуелот и да биде прогласен за светски шампион со резултат 2-0. Но, тој реши да продолжи, а Фишер на крајот ја освои титулата.

Реваншот помеѓу Спаски и Фишер одигран во 1992 година е забележан како еден од најдинамичните мечеви. По 20 години, двајцата шаховски великани повторно се сретнаа, но овој пат во Белград и Свети Стефан во Црна Гора, во време кога беа во сила санкциите на ОН против Југославија. Фишер победи со 10:5, но со тоа ги прекрши меѓународните санкции.

Борис Спаски е роден во Ленинград, денешен Санкт Петербург, во 1937 година. Во Франција емигрирал во 1976 година, а во 1978 година станал француски државјанин.

Спаски во текот на кариерата настапуваше за Советскиот Сојуз, Франција и Русија.


ИОК ја призна новата боксерска централа

Меѓународниот олимписки комитет во средата му додели привремено признание на новоформираниот Светски боксер (СБ) како голем чекор кон вклучувањето на боксот на Олимпијадата во Лос Анџелес во 2028 година.

Турнирот во бокс на Олимпијадата во Париз во 2024 година беше воден од ИОК откако во 2023 година и ги одзеде овластувањата на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) поради неуспехот да ги спроведе реформите.

ИОК допрва треба да го вклучи спортот во програмата на ЛА 2028, откако ги повика националните боксерски федерации да формираат ново глобално боксерско тело или ризикуваат да ја пропуштат Олимпијадата за три години.

„World Boxing“ беше лансиран во 2023 година и сега има 78 членови на пет континенти. Олимпиското тело рече дека „СБ“ исполни неколку клучни критериуми за да добие привремено признание.

Тие вклучуваа доволно членови на пет континенти, спроведување на процесот на спортски интегритет имплементиран за време на Игрите во Париз, вклучувајќи независен надзор и структури за добро управување, како и гаранции за приходите и потпишување на Светскиот анти-допинг кодекс.

Признавањето, иако сè уште е привремено, значи дека спортот сега може да напредува кон вклучување на Олимпијадата во 2028 година.


ФИА воведе нови правила пред ГН на Монако

Светската автомобилска федерација (ФИА) ги промени правилата за трката во Формула 1 за Големата награда на Монако.

Возачите ќе мора да застанат двапати во боксот, во обид да внесат одредена динамика на трката, каде што претекнувањето е речиси невозможно.

ФИА, исто така, објави дека ќе наложи употреба на најмалку три комплети гуми „со намера да се подобри динамиката на трката со оглед на значителните тешкотии при претекнувањето на оваа патека“.

На последните две Формула 1 трки во Монако, трките беа одлучувани главно врз основа на позициите постигнати за време на квалификациите.

Минатогодишната трка беше прекината по судар во првиот круг и продолжи со рестарт, дозволувајќи им на сите возачи да ги сменат гумите.

Победата во Монако минатата година ја оствари возачот на Ферари, Шарл Леклер.


Дарко Димитриев е спортист на годината на Општина Кавадарци

Дарко Димитриев од Центарот за боречки вештини „Будо“, вечерва беше избран за спортист на годината во Кавадарци за 2024 година. Во организација на Сојуз на спортови, беа доделени пехари и во неколку други категории за спортски достигнувања.

На настанот беа посочени бројните спортски успеси и медали. Беа доделени благодарници, наградени млади и надежни таленти, јуниори, сениори. Имаше и добитници на плакети, а меѓу нив, плакета и за кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, за посебен придонес, за поддршка и развој на спортот во општината.

Меѓу добитниците на плакети е Леонард Кузев, со плакета за достигнување во високогорството, со искачени 3.789 метри надморска височина GROSSGLOCKNER во Австрија и 4 .478 метри надморска височина MATTERHORN во Швајцарија. Плакета за хумани вредности доби Здружението, спортски клуб на слепи и слабовидни лица Визија Голбал. Меѓу плакетите за трајни вредности, е и таа за 50 години, Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди. Плакета за животно дело во спортското новинарство, доби Мики Виденовиќ.

Вечерта во Домот на културата „Иван Мазов – Климе”, беше збогатена и со музика.


Франција собра најмногу медали на Мундијалот во биатлон

Француската репрезентација го освои првото место во пласманот за медали на Светското првенство во биатлон 2025 година.

Француските спортисти освоија 13 одличја од кои шест златни, две сребрени и пет бронзени.

Норвешката екипа се најде на второто место во поредокот со девет медали (четири златни, три сребрени, две бронзени).

Швеѓаните ја заокружија првата тројка со четири медали (една златна, два сребрени, еден бронзен).

Вкупно, претставници од осум земји освоија медали на Светското првенство што се одржа во Ленцерхајде (Швајцарија) од 12 до 23 февруари.


Фон Алмен победи на спустот во Кран-Монтана

Актуелниот светски првак Фрањо Фон Алмен е победник во спуст трката во Кран-Монтана во рамките од Светскиот куп во алпско скијање..

Трката се возеше на комплетно нова патека која е направена за Светското првенство кое за две години ќе се одржи во швајцарскиот ски-центар, а домашните скијачи доминираа на истата.

Лидерот во светскиот куп Марко Одермат задоцни за 13 стотинки зад фон Алмен, додека Алекси Моне имаше за 42 стотинки послабо време од победникот..

Во генералниот пласман Одермат има висока предност од 400 бодови пред Хенрик Кристоферсен и Лоик Мејер..Следно на програмата во машка конкуренција е супер велеслаломот.