Бока во последната минута стигна до титулата во Аргентина

Фудбалерите на Бока Јуниорс приредија вистински спектакл на легендарната „Бомбоњера“, совладувајќи ја екипата на Дефенса и Хустисија со 1:0, во драматичен натпревар во кој одлуката падна во последните моменти.
Човек на одлука беше еквадорскиот напаѓач Енер Валенсија, кој во 90+6. минута ја затресе мрежата на гостите и донесе огромна радост за домашните навивачи. Неговиот погодок беше потврден по дополнителната проверка во 90+8. минута, по што започна големото славје на трибините.
Бока долго се мачеше да го пронајде патот до противничката мрежа, а гостите успешно ги одбиваа нападите на аргентинскиот гигант. Како одминуваше времето, така растеше нервозата на теренот и на трибините, бидејќи секоја загубена минута можеше да има огромно значење за шампионските амбиции на домаќините.
Сепак, Валенсија се погрижи драмата да има среќен крај за Бока, постигнувајќи гол вреден прво место во годишниот пласман на аргентинското првенство.
Овој успех има посебно значење и за претседателот Хуан Роман Рикелме, легендата на клубот, кој е на чело на Бока од крајот на 2023 година. Иако претходно како потпретседател учествуваше во освојувањето на шест трофеи, ова е негово прво големо одличје во претседателската функција.
По натпреварот, Валенсија не го криеше задоволството и му се заблагодари на Рикелме за довербата што ја добил.
„Му благодарам на Рикелме што веруваше во мене и ме доведе во најголемиот клуб во Латинска Америка. Видов колку страдаше пред натпреварот, а сега конечно можеме да славиме. Знаевме дека ќе биде тешко, но цело време верувавме дека можеме да постигнеме гол“, изјави Валенсија.
За Бока ова може да биде само почеток на успешен период, бидејќи тимот има уште големи амбиции до крајот на сезоната. Го очекуваат полуфинале во Купот на Аргентина против Банфилд, финале во Копа Судамерикана против Атлетико Минеиро, како и завршницата во аргентинската Клаусура.