Вардар во вториот дел ја приземји залетаната Шкендија Арачиново

Вардар се врати на победнички колосек совладувајќи ја Шкендија Арачиново со 2-0 во дуелот од шестото коло во Првата фудбалска лига што се одигра на теренот на комплексот на ФФМ. Тимот на Миодраг Божовиќ беше подобар ривал и заслужено стигна до триумф со головите на Бобан Николов и на Горан Закариќ во второто полувреме.
Во седмата минута од дуелот, Шкендија Арачиново ја имаше првата шанса, но Енис Фазлагиќ од убава позиција шутираше крај голот.
Потоа возврати Вардар, само пет минути подоцна, кога Давид Бабунски со удар од 18 метри го погоди дирекот. На спротивната страна се закани Аритон Мехмед, а во 27.минута нова голема шанса за Вардар. Азер Омерагиќ упати одличен удар со глава по центаршутот од десната страна, но Столевски успеа да одбрани и не дозволи водство за шампионот.
Маневски нафрли од левата страна во 34.минута, Закариќ ја смири топката во шеснаесетникот, но шутот не беше убедлив. Пред истекот на првиот дел, Мигел Пиреш шутираше со глава по корнерот од десната страна, но за малку непрецизно.
Вардар поведе на стартот на второто полувреме. Бобан Николов одлично реагираше, шутираше од прва по исфрлената топка од Личина и со удар од 12 метри ја затресе мрежата на Шкендија Арачиново.
Во 55.минута, Закариќ со удар со глава ја погоди гредата по нафрлувањето на Јанкулов. Сепак, остана минималната предност.
Вардар го удвои водството во 69.минута. Омерагиќ продре по десната страна, нафрли во средината, Спахиу ја остави топката за Горан Закариќ кој стрелаше од непосредна близина.
До крајот, вардарци умешно ја сочуваа предноста, а имаа и уште неколку можности, но не беа ефикасни.