Виктор Петровски нов селектор на македонската женската кошаркарска репрезентација

Виктор Петровски е нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија, објави попладнево федерацијата.

„Кошаркарската федерација на Македонија започнува ново поглавје во развојот на женската сениорска репрезентација, со именувањето на младиот и трофеен тренер Виктор Петровски за нов селектор на националниот тим. Со оваа одлука Федерацијата ја потврдува својата определба за постепено подмладување на репрезентацијата, воспоставување континуитет меѓу младинските и сениорската селекција и создавање нова генерација кошаркарки кои во наредните години треба да бидат носители на македонската женска кошарка“, стои во соопштението.

Федерацијата му се заблагодарува на досегашниот селектор Александар Ашаданов кој пет години ја предводеше репрезентацијата и се повлече од од лични причини.

Новиот селектор Виктор Петровски, роден во 2001 година, и покрај својата младост, зад себе веќе има исклучително успешна тренерска кариера, исполнета со значајни резултати. Во 2019 година, како тренер на селекцијата до 14 години, Петровски освојува бронзен медал на завршниот турнир, додека во 2021 година со селекцијата до 18 години стигнува до златниот медал. Во 2022 година првпат ја презема функцијата главен тренер на сениорски тим, а уште во својата дебитантска сезона е прогласен за најдобар тренер во регуларниот дел од првенството, остварувајќи серија од девет последователни победи. Во наредните сезони продолжува со континуирани успеси. Во 2023 и 2024 година обезбедува пласман во полуфиналето на националното првенство, а во 2025 година го предводи својот тим до финалето. Круна на неговата досегашна работа е 2026 година, кога со Крива Паланка ја освојува титулата национален шампион на Македонија, како и трофејот во Суперкупот. Во сезоната 2025/2026 го добива и признанието „Тренер на неделата“ во регионалната WABA лига.