Време е за Швајцарија: Македонија подготвена за новиот предизвик

Македонската репрезентација ги привршува подготовките за првиот меѓусебен натпревар со Швајцарија. Дуелот против еден од најквалитетните европски национални тимови е закажан за в сабота, од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Со овој натпревар Македонија го отвора новиот циклус во Лигата на нации и својата прва сезона во Лига Б. Во групата Б1, покрај Швајцарија, наши противници се и селекциите на Словенија и Шкотска.

По четирите одработени тренинзи во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски е задоволен од односот и работата на фудбалерите.

„Од сите играчи сум презадоволен. Сите четири тренинзи ги одработија максимално и знаат што треба да работат на терен. Против секој противник треба да се игра, па така и против силната Швајцарија. Знаеме каков ростер имаат, но сакам да размислуваме пред се за нас. Сите наши фудбалери се здрави и тренираат добро, освен Николов кој нема да настапи. Со помош на публиката верувам дека можеме до позитивен резултат. Очекуваме голема поддршка од трибините, а наше е да прикажеме добра игра“, изјави Седлоски.

Познати се официјалните лица кои се делегирани за првиот натпревар од годинешното издание во Лигата на нации во кој репрезентацијата на Македонија в сабота се среќава со Швајцарија. Главен судија е Германецот, Даниел Шлагер, а ќе му помагаат Свен Новицки и Тобијас Фрич.