Голем конфликт на Кина со Килијан Мбапе

Кинеската државна телевизија „CCTV“, ги прекина емитувањата на шпанската Ла Лига откако видеото на Килијан Мбапе, кое зборува за фотомонтажа на која е прикажан како поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг, стана вирално на интернет. Реакциите не застанаа само на телевизиските преноси. Најмалку три големи кинески компании објавија прекин на соработката со ѕвездата на Реал Мадрид.

Според пишувањето на кинескиот портал „The Paper“, кој се повикува на извори од државната радио-телевизиска група „China Media Group“, „CCTV “, во понеделникот ги прекина емитувањата на шпанското првенство и натпреварите поврзани со Мбапе. Во исто време, рекламите и промотивните материјали со неговиот лик беа отстранети.

Сè уште не е познато колку долго ќе трае суспензијата. Исто така, тоа е одлука на државната телевизија, а не забрана за сите емитувања на шпанскиот фудбал во Кина. Ла Лига има и посебен договор со дигиталната платформа „Migu“, која ги поседува правата за сите 380 лигашки натпревари по сезона.

Што рече Мбапе?

Целата контроверзност започна со видео-клип од разговор во кој Мбапе зборува за интернет шеги за себе што се проширија на социјалните мрежи.

Францускиот напаѓач беше прашан која фотомонтажа со неговиот лик е најсмешна. Тој одговори дека особено го забавувала онаа во која неговото лице е поставено на телото на човек за кој мислел дека е кинески диктатор. Додаде дека често користи таква слика во комуникацијата со пријателите.

Видеото прикажува фотомонтажа во која лицето на Мбапе е поставено на телото на Мао Це Тунг, водач на Кинеската комунистичка револуција и основач на Народна Република Кина. Важно е да се нагласи дека Мбапе не го кажал името на Мао. Идентитетот на историскиот лидер произлегува од прикажаната фотографија.