Игор Стојчевски најави повлекување од фудбалското судење

Македонскиот интернационален фудбалски судија Игор Стојчевски донесе одлука да се повлече од судењето, наведувајќи ги притисоците и невистините што, според него, се шират во јавноста.

Стојчевски беше изложен на критики по пријателскиот натпревар меѓу младинските репрезентации на Македонија и Русија, кој заврши со победа на Русите од 3-2, особено поради досудените пенали.

Тој потврди дека веќе ги известил челниците на ФФМ и судиската организација за својата одлука.

„Ги информирав претседателот на ФФМ и претседателот на судиската организација, како и комесарот за делегирање дека немам намера повеќе да судам.

Сакам да бидам со моето семејство во овие тешки семејни времиња и не сакам да дозволам да страдаат моите најблиски поради невистини и манипулации што се шират во јавноста од осудувани криминалци“, објави Стојчевски на социјалните мрежи.

Неговото повлекување доаѓа во период кога беше дел од програмата на УЕФА за талентирани судии и менторство за сезоната 2026/2027, во која требаше дополнително да се усовршува.